skip to Main Content

Три рочишта на СЈО во Кривичен

    6
Три рочишта на СЈО во Кривичен

Во Основниот суд Скопје 1 Скопје за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Триста“, „Тврдина 2“ и „Топлик“.

Во предметот со кодно име „Тврдина 2“ првообвинет е екс-началникот на Петтата управа, Горан Грујовски, како и шест вработени во УБК. Минатата расправа беше одложена поради недоставената пресуда на Врховниот суд на Грција од страна на Министерството за правда на Северна Македонија. На обвинетите во случајот „Тврдина 2“ им се суди за фалсификување службена исправа и за уништување службена документација поврзано со незаконското прислушување. Документацијата е поврзана со двата система од нелегалното прислушување, кои соред СЈО, биле уништени во текот на 2014 година.

Во предметот со кодно име „Триста“ обвинет е поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност при набавката на 300 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи. Судијката Добрила Кацарска во мај минатата година го осуди Поповски на девет години затворска казна за злоупотреба на службената должност, а во декември минатата година Апелација ја укина првостепената пресуда за случајот и го врати на повторно судење.

Според обвинението на СЈО, Поповски не ги почитувал законските прописи за јавна набавка и го оштетил буџетот 453.570 евра.

Во предметот „Топлик“ првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште и уште пет други лица. Според обвинението на СЈО, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Според обвинението Јанакиески и другите петмина обвинети го оштетиле државниот Буџет за 64.206.839 денари односно за милион и 44.000 евра.

6

ТАГОВИ: СЈО судење

Back To Top