skip to Main Content

Судството е ажурно, иако од 34 судови, неажурни се 19, вели Црвенковска

    3
Судството е ажурно, иако од 34 судови, неажурни се 19, вели Црвенковска

На денешната прес-конференција по повод Денот на правосудството, на која го презентираше Годишниот извештај за работата на Судскиот совет, претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска информираше дека според оценка на Судскиот совет во целина, судството е ажурно, иако од 34 судови, ажурни се 15, додека неажурни се 19.

„На ниво на државата судовите во јануари 2021 година започнале со нерешени 99.954 предмети, примиле во работа нови 564.899 предмети, имале вкупно во работа 664.493 предмети. Од овој фонд на предмети решени се 567.155 предмети, а останале нерешени 97.338 предмети. Според наведените податоци, судовите во 2021 година успеале да го совладаат приливот на предмети и го намалиле заостатокот за 2256 предмети,“ рече Црвенковска.

„Советот ја искористи со закон предвидената можност да донесе одлука за времено упатување на судии од еден во друг суд. Донесе одлука за времено упатување на десет судии и тоа најдолго за време од една година. Во текот на 2021 година Советот избра 112 судии поротници, истовремено Советот донесе одлуки со кои е утврден престанок на функцијата на 157 судии поротници. Во 2021 год судскиот совет разреши седум судии, од нив пет поради нестручно и несовесно вршење на судската функција и двајца поради сторена потешка дисциплинска повреда“, посочи Црвенковска.

Вкупно 90 барања биле поднесени во текот на 2021 година за утврдување на одговорност за судија или претседател на суд или вкупно против 142 судии бидејќи со едно барање можат да бидат опфатени повеќе судии. Во текот на 2021 година Советот постапувал по вкупно 699 претставки.

За функционирањето на Судскиот буџетски совет во текот на 2021 година биле потрошени финансиски средства во износ од 42,5 милиони денари, информираше Црвенковска. Во споредба со 2020 година кога биле потрошени 40,5 милиони денари, од кои 99 посто е реализација на судскиот буџет, 80 проценти се единствено за плати и за надоместоци, за стоки и услуги 14,03 проценти, и за жал, како што посочи, капитални инвестиции 3,58 отсто.

3

ТАГОВИ: судења судови Судски совет

Back To Top