skip to Main Content

Судот го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ

    5
Судот го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ

По барање на ова Јавно обвинителство, судија на претходна постапка на Основен суд Скопје 1 донесе решение со кое е изречена привремена мерка за обезбедување на имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ,  соопшти Специјалното јавно обвинителство.

Со мерката се замрзнати вкупно 69 недвижнини, меѓу кои и објектот во кој се наоѓа седиштето на партијата.

– Со оваа мерка се забранува отуѓување на конкретниот имот како и давање под закуп на истиот. Дејствијата се превземени во рамки на предметот „Талир“, со оглед на тоа што постои веројатност истиот имот да биде отуѓен до завршување на постапката- соопштуваат од СЈО.

Истрагата за „Талир“ се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ од 2009 до крајот на 2015 година, а постои сомнеж за злоупотребени 4,9 милиони евра.

Истрагата за предметот со кодно име „Талир“ беше отворена на ден 22.05.2017 година против вкупно 11 лица, и тоа поради постоење на основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „Перење на пари и други приноси“, од казниво дело по член 273 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија, при што 9 лица се осомничени како директни извршители, додека две лица се осомничени како помагачи за истото кривично дело, односно поради постоење на основано сомнение дека 5 лица од вкупно 11-те осомничени сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, по член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија од кои двајца во својство на директни извршители, додека тројца во својство на помагачи.

Имено, во овој предмет станува збор за незаконско финансирање на политичка партија преку злоупотреба на службената положба на осомничените лица. Постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на политичката партија му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби, при што мотивите на делување на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и обезбедување на целосна контрола над политичката партија. Истрагата за овој предмет е во тек.

Во истрагата осомничени е и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Дел од истрагата е и изградба на главното седиште на партијата во Скопје од страна на градежната фирма Бетон.

5

ТАГОВИ: ВМРО-ДПМНЕ СЈО

Back To Top