skip to Main Content

Стоилковски: Приказните за влијание на Груевски врз ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат од кујната на Заев

    15
Стоилковски: Приказните за влијание на Груевски врз ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат од кујната на Заев

Како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски доаѓа во 2019 година што е и негов прв партиски ангажман, каде претходно не бил член. Во интервју за „ЈанакиЗнае” Наум Стоилковски тврди дека Никола Груевски одамна нема никакво влијание врз партијата. Не открива кој би бил кандидат за градоначалник на Скопје, иако најавува звучно име. Детектира серија аномалии на владеењето на сегашната гарнитура коај отворено ја нарекува режим. Начелно Стоилковски не е против легализација на канабис, но не верува во искрените намери на владејачката партија. Не исклучува вршење идна државна фунцкија, но моментално државата му е приоритет.

ЈанакиЗнае: Од кога сте член на партијата ВМРО-ДПМНЕ?

Наум Стоилковски: Дури откако ставив точка на новинарската кариера, на активното занимавање со новинарство. Може ќе ви звучи смешно, ама јас имам еден вроден џентлменски кодекс кон работите кој што не го кршам. За кредибилно занимавање со новинарство е потребно да си надвор од процесите, за да можеш пореално, објективно да ги гледаш работите. Колку можеш, затоа што во секој и сечиј текст има субјективен зачин, и тоа е неминовно. Така, кодексот на новинарите го испочитував до крај, па „политичка книшка“ имам од почетокот на 2019 година, како портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

ЈанакиЗнае: Колкаво е влијанието на Никола Груевски врз ВМРО-ДПМНЕ?

Наум Стоилковски: Не бегам од одговори за Груевски, иако лично мислам дека е толку депласирано и празно прашање. Пет години ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција, пет години како Оливер Спасовски е на чело на МВР,  а Заев главен реформатор на правосудниот систем. И пет години како тонеме како народ во една се подевастирана држава, заради систем кој го злоупотребува правото за пресметка со неистомисленици. Чист режим и тоа мафијашки. И сега наместо за тоа, ајде ќе збориме за Никола Груевски и неговото влијание. ВМРО-ДПМНЕ е партија на чие чело има трет претседател, Христијан Мицкоски. Претходно беше Никола Груевски. Претходно Љупчо (после го смени во ЉуБчо) Георгиевски. Георгиевски е втемелен во основата на ВМРО-ДПМНЕ, а сега е поддржувач на власта. Груевски беше цела деценија премиер. И вистинското прашање е колкаво е влијаннието на Груевски врз СДСМ што и по пет години Режимот на Заевци не може да се справи со него? И сега пак се обидува како и секогаш да се вади со него кога запаѓа во нова и нова лага и девастација заради нов криминал? Сé она што го блебеташе Заев за да го оцрни „груевизмот“ , всушност му бил водич како да практикува власт! Вклучително „мијалковизмот“.  Еве и директно на крај: Со сета почит кон Груевски, ама прашајте ги Заевци дали можеби затоа тој е таму каде што е? Со сиот режимски модел на однесување и судења, притвори, апсења, им се погоди сега како излезна карта.

ЈанакиЗнае: Кои се најскандалозните потези на сегашната владеачка гарнитура?

Наум Стоилковски: Нема „Најскандалозни“ затоа што секој ден има нов скандал. Ова не е „владејачка гарнитура“. Ова е режим кој што насила беше поставен и така и се однесува. После нив- потоп. Дрпај!  Како вели за окупацијата- Администрација. Е, ова е иста таква администрација! Немам други зборови за групација која што нема милост кон својот народ. Ова е етноцид. Ниту за економија, ниту за здравје, ниту за деца имаат милост. Најкусо- оставија луѓе да умираат бркајќи провизии за вакцини! Сега ќе укинуваат учебници заради провизии- политички, во евра, како сакаш. Рекети, криминал, убиства, манијакалности на секој чекор! Напросто, жал ми е за луѓето, оние што ги гласале, оние што не ги гласале, за сите. Срамота и гревота е што се прави. Елитизам удрен во глава. Милионери преку ноќ, а до вчера крадци на струја. Тоа ли се вредностите ? Живот на купон од избори до избори, дури фрчат рекети?

ЈанакиЗнае: Од кои причини ВМРО-ДПМНЕ немаше јасен став за референдумот за името?

Наум Стоилковски: Ставот на ВМРО-ДПМНЕ тогаш и сега е актуелен. Да, сум за ЕУ, сум за НАТО, ама не сум за промена на името. Ајде да видиме од овој денешен аспект; каде е ЕУ од референдумот? Добивме ли ЕУ со промена на уставното име од Заев? Добивме ЕУ со уставните перипетии, со поткупи, насилство, тендери за Крсто Вратарот? Ајде сега, требаше или не да се послушаат граѓаните, мнозинството кое што не падна на финтата со едно „да“ или „не“ да одговорат на три прашања?

ЈанакиЗнае: Кои економски политики ги планирате како дел од програмата за следните парламентарни избори?

Наум Стоилковски: Прво следни парламентарни што поскоро! Што поскоро мора да се закочи економската пропаст, Македонија ја задолжија до 70% од БДП. Ајде сетете се при „Шарената“ како се збореше за неполни 45%; дека е катастрофа. Знаете што е 70% долг при рецесија? Под итно мора да се преземе нешто, а тоа да не е ново предавство! Еве сега се фрлиле на земјоделското земјиште, како нов Бонбона бизнис. Само распродажба и девастација, заради аванти и проценти, а народот без леб ќе го остават.

ЈанакиЗнае: Дали можете да откриете за јавноста дел од кандидатите за градоначалници на Вашата партија за Октомвриските локални избори? Кој ќе биде кандидат за Скопје?

Наум Стоилковски: Сé уште не знам за имиња, но листата ќе биде богата и звучна. Не заради друго, туку се повеќе луѓе се приклучуваат и сакаат да придонесат за рушење на злото. Имињата, кредибилитетот на кандидатите ќе биде само дополнителен поттик за смена на оваа мафијашка мрежа низ општините.

ЈанакиЗнае: Зашто ВМРО-ДПМНЕ има потешкотии да ги осуди грешните и опасни политики на “груевизмот”?

Наум Стоилковски: Кои биле, или се „грешни и опасни“ политики, судот го дава гласачот. За оние други грешки, има истанци кои се под контроја на Режимот. ВМРО-ДПМНЕ имала грешки во владеење, за тоа јасно се оградила. И дури и исклучила дел од луѓето кои се во основа на тие грешки. И ако се сеќавате така се роди и онаа криминалната коалиција на режимот, за денеска главна „црна“ шега да биде она „Господине.. во Македонија ли сте“. Но, ама, ако пак било се толку грешно, како што гласи и мантрата на Режимот, зошто Режимов си го потера по ист тертип? Еве ги, токму сега, ги заокружуваат со црвено оние кои протестираат. Па, пораката од протестот е неважна, затоа што имало „вмровци“ на протестот. Па „реформи ќе има по цена на политички поени“. Ве потсетува тоа на нешто?

ЈанакиЗнае: Како го објаснувате консензуалното носење на Законот за легализација на дивоградби со отворена амнестија за престапници?

Наум Стоилковски: Пред да се навлезе во политичко толкување на еден закон, јас како новинар прво сум навлегувал во онаа правна потреба, а таа сега вели дека има десетици илјади нерешени предмети од онаа легализација која што беше озаконета пред една деценија. Зошто не се доработени предметите, тоа е прашање за друго место. И сега е важно, кој што ќе може да легализира. Или во превод, прашајте дали власта нема да направи злоупотреби да легализира нешто што не би било опфатено со овој закон? Оние градби на Шара, платформата на Матка, што? Цели хотелски комплекси над Струмица, изградени по март 2011? И на сето тоа на Стево Пендаровски му текнува да изиграва „народен“, па не потпишал. Човекот што се не потпиша, потпиша закон донесен со обично мнозинство, а како решение е над системски закон, спротивен на Устав; потпиша триста глупости, ама ова не го потпишал. Живи глупости од кујната на Забрчанец.

ЈанакиЗнае: Од кои причини ВМРО-ДПМНЕ има ригиден став за легализација на канабис, имајки предвид дека партијата ја истурка легализацијата на медицински канабис во 2016та година?

Наум Стоилковски: Не е ВМРО-ДПМНЕ толку ригидно, колку што се плаши дека работата брзо брзо ќе излезе од контрола. Мафијата на власт е расипана. Ај замислете на што ќе личи земјава со мафијава, белосветските мафијаши и нарко-босови на прелети во Македонија, со дроги на секој чекор. И чија марихуана ќе „легализира“, заева, лазаратова, косовка, чија? Со Оли министер на полиција и Зоќе премиер и правосуден реформатор!? Тие „својата“ марихуана не ја дочуваа, им ја „снема“, па ја најдоа „случајно“ во Арачиново. Па тој циркус изроди уште три додатни. Баш му верувам на Зоќе дека така од едни „фини левичарски алтруистички“, не од лукративни побуди размислувал на тој закон.

ЈанакиЗнае: Ќе ве видиме ли на министерска позиција?

Наум Стоилковски: Во моменти кога Македонија е здравствена „црна дупка“, со уништена економија задолжена за три генерации, моменти кога мафијата ја води државата и издава патни исправи на белосветски мафијаши, најмалку е тоа важно. Дај да ја исправиме државата, да ја зачуваме колку може. Работата е премногу сериозна и бара акција. После, здравје.


Кратка биографија за соговорникот:

Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ е од 2019 година. Дипломиран Новинар на Правниот Факултет Јустинијан Први при УКИМ. Долгогодишен новинар цел живот, од времето кога секога се пишуваше на „куцача машина“ со три бели листови и две индига измеѓу. Од првите букви во ВЕЧЕР, до последното новинарско место во ТВ НОВА, помина низ редакциите на МРТ, ББЦ, РЕПУБЛИКА, но и многу други ад-хок редакции на домашни и странски проекти.

Работел во самите почетови на  ВЕЧЕР, до последното новинарско место во ТВ НОВА, поминал низ редакциите на МРТ, ББЦ, РЕПУБЛИКА, но и многу други ад-хок редакции на домашни и странски проекти.

 

15

ТАГОВИ: ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски

Back To Top