skip to Main Content

Почнува судењето „Талир“ на СЈО

    3
Почнува судењето „Талир“ на СЈО

Откако минатото рочиште беше одложено поради отсуство на обвинетиот Илија Димовски, бидејќи учествуваше на заеднички состанок на комитетите во Брисел,  за денеска е закажан почетокот на судењето за премдетот „Талир“, кој се однесува на незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

СЈО ја раздвои постапката во предметот „ТАЛИР“ и поднесе две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против шест физички лица и едно правно лице и тоа: лицето Никола Груевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ, Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. член 22 в.в. член 45 од КЗ; лицата Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. став 3 в.в. став 1 в.в. член 24 в.в. член 45 од КЗ и Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. 22 в.в. член 45 од КЗ; лицата Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в. член 22 в.в. член 45 од КЗ и правното лице политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 12 в.в. став 1 в.в. член 45 од КЗ.

На обвинетиот Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои, во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.

Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656,00 денари, односно 4.608.661 евра. Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

3

ТАГОВИ: „Талир“ ВМРО-ДПМНЕ

Back To Top