НБРМ: Инфлацијата во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8%

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на 12 април 2022 година одржа редовна седница на којашто беа разгледани најновите движења на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата на Комитетот беше одлучено да се зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., пред сѐ како превентивен одговор на сѐ повисоките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и надолни ризици за неа во следниот период. При донесувањето на ваквата одлука, во центарот на вниманието беа најновите движења кај инфлацијата и инфлациските очекувања. Инаку, износот на понудата на благајнички записи на денешната аукција е непроменет, односно 10 милијарди денари.
Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата и натаму забрзува и во март 2022 година достигна годишна стапка од 8,8%. Главните фактори на поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, односно цените на енергијата и на прехранбените производи, поради сѐ повисоките увозни цени. На нив отпаѓаат повеќе од три четвртини од растот. Сепак, имајќи предвид дека тие се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, а поради застојот кај синџирите за производство, поскапуваат и другите увозни производи, најновите податоци покажуваат дека растот на цените станува пошироко распространет. Ова, заедно со подолготрајниот ценовен притисок од првично очекуваниот, придонесува и за нагорни поместувања на инфлациските очекувања. Поизразени притисоци од побарувачката врз цените засега не се забележуваат, а воениот конфликт во Украина ги нагласува надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период.
Имајќи ја предвид стратегијата на стабилен курс на денарот, при носење на монетарните одлуки се земаат предвид и состојбите на девизниот пазар и нивното влијание врз девизните резерви.По првичниот притисок на девизниот пазар, којшто вообичаено се случува во сите кризи, а којшто во голема мера беше поттикнат од неоснованите шпекулации за курсот, притисоците постепено се намалуваат и главно се поврзани со повисоката побарувачка од енергетскиот сектор, додека понудата од менувачниците бележи солиден раст надминувајќи го нивото и од пред пандемијата.
Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона. Со оглед на високото ниво на девизни резерви во преткризниот период и натамошниот раст во двете години од пандемијата, тековно девизните резерви се на високо ниво согласно со сите меѓународни стандарди.
Во однос на движењата во реалната економија, во 2021 година беше остварен реален економски раст од 4%, што е во рамките на очекувањата од октомвриската проекција (3,9%). Тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот јануари ‒ февруари 2022 година даваат мешани сигнали, со подобри остварувања во индустријата, натамошно намалување на активноста во градежништвото и реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, но поумерен. Воената ескалација помеѓу Русија и Украина од крајот на февруари, којашто има неповолни ефекти врз глобалната економија и дополнително ги влоши веќе нарушените глобални синџири на снабдување и пазарот на енергија, а влијае и врз довербата на економските субјекти, неповолно делува на економските изгледи и за домашната економија.
1