skip to Main Content

Милевски: Jа научивме историската лекција, Македонија овој пат ќе излезе како победник

    35
Милевски: Jа научивме историската лекција, Македонија овој пат ќе излезе како победник

Гласајќи за Договорот со Грција ние всушност гласаме за интеграција, гласајќи против, ние се одлучуваме да продолжи статус-кво ситуацијата за Македонија со сите можни ризици во иднина, вели за ЈанакиЗнае претседателот на Либерално Демократската Партија, Горан Милевски, кој наедно е и пратеник во Собранието на Република Македонија. Милевски смета дека Македонија има стратешки интерес да влезе во НАТО и ЕУ.

Како ЛДП се залагаат партиите повеќе да не бидат бироа за вработување во јавниот сектор. Не може кафекуварки и вработени на фотокопир да земаат повисоки плати од докторите и наставниците, вели пратеникот Милевски.

ЈанакиЗнае: Почитуван, пред нас е референдумското изјаснување на 30-ти септември. Ве молам за поширокиот аудиториумот изнесете го ставот на ЛДП во врска Договорот со Грција и престојниот референдум?

Горан Милевски: ЛДП на седница на Централниот одбор го прифати договорот со Грција. Партијата оцени дека договорот ги заштитува македонскиот идентитет и македонската посебност кои се оспорувани векови наназад од нашите соседи и ја обезбедува стабилноста на државата. Секој од нашите негатори, во одреден момент од историјата го прифатиле историскиот факт дека постоиме како посебен народ и држава. Сега тоа признавање со овој договор го прави и Грција.

При донесувањето на одлуката ги разгледавме и двете опции. Си го поставивме прашањето: Во кој правец ќе се движи државата доколку го одбиеме договорот? Одговорот е едноставен: Тоа ќе биде патот на изолација, економско уназадување, продолжување на масовното иселување на младите луѓе од државата, стопирање на евроатлантските интеграции, загрозување на безбедноста и иднината на државата, цутење на корупцијата и криминалот. Од таквата состојба најсреќни ќе бидат оние кои се уште не можат да го прифатат постоењето на македонска држава и народ. Едноставно ние немаме простор да ја втурнеме државата во еден таков ризик на неизвесност, да го одбиваме овој договор, независно од тоа дали сме задоволни од неговата содржина или не.

Можеме ли како политичари и како генерација да си го дозволиме тој луксуз? Можеме ли како народ кој се борел низ вековите за опстанок, кој преживеал бројни неправди, понижувања, поделби, раселувања, страдања, овој пат да гледаме поинаку и ситуацијата да ја завртиме во наша полза? Да ја одиграме оваа историска битка мудро и да мислиме за иднината на нашите поколенија. Да размислуваме со разум, а не со емоции. Да размислуваме долгорочно и стратешки. Имаме ли државнички капацитет да си ја сочуваме земјата која крваво сме ја стекнале? Свесни ли сме за состојбите во окружувањето и за глобалните случувања? Мислам дека ја научивме историската лекција и дека овој пат Македонија ќе излезе како победник.

Прифаќањето на договорот значи влез на Македонија во НАТО и ЕУ, економски развој и сигурна иднина за нашите поколенија. Ќе седнеме рамноправно на маса во НАТО со останатите светски нации кои одлучуват и се грижат за безбедноста во светот. Ќе седнеме рамноправно на маса во ЕУ со останатите европските народи и заедно ќе одлучуваме за иднината на континентот. Од таа позиција како рамноправни со сите наши соседи ќе бидеме во состојба да ги исправиме сите неправдите кои им се нанесувале на овој напатен народ. Државноста ја градиме етапно, но сигурно и безбедно. Тоа не е процес во кој е вклучена само една генерација. Битката за Македонија е транс-генерациска битка. Ќе има многу работи кои треба да ги исправат генерациите кои доаѓаат, да корегираат се она што сметаме дека ни е наметнато. Но тие ќе се борат од позициите кои ние сега им ги градиме, рамноправни со сите останати соседи и народи, економски моќни и независни.

За нас референдумот е највисок демократски чин преку кој граѓаните ќе го трасираат патот по кој сакаат да се движи Македонија. Со неучеството на референдумот всушност се испраќаат пораки на несигурност и неодлучност за тоа во каква држава сакаме да живееме. Дел од граѓаните не сакаат да ја сносат одговорноста за оваа важна одлука за Македонија и одлучиле да не излезат. Сметам дека никој нема право да се однесува така и секој има државничка и патриотска должност да излезе и да го даде своето мислење преку гласањето за овој договор и за иднината на земјата.

ЈанакиЗнае: Дали сметате дека е допустиво така конципираното повеќезначно прашање?

Горан Милевски: Прашањето на референдумот е точно дефинирано. Договорот со Грција се правеше со цел да се отворат вратите за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Зошто би се согласувале со условите во договорот доколку не е во прашање нашата евроатланска интергација. Секој кој смета дека ние можеме да влеземе во овие институции без договор со Грција се лаже. За жал, реалноста е таа. Грција има право на вето за нашиот прием во овие институции. Таа е во повластена положба бидејќи е внатре, а ние сме надвор од овие институции и од тие причини референдумското прашање е сосема логично. Ние не можеме да влеземе во евроатланското семејство без овој договор. Гласајќи за договорот всушност ние гласаме за интеграција. Гласајќи против ние се одлучуваме да продолжи статус кво ситуацијата за Македонија со сите можни ризици во иднина.

ЈанакиЗнае: Зарем не сметате дека ЕУ и НАТО се две различни работи и дека не може прашањето за влез во ЕУ и НАТО да биде сублимирано во едно прашање?

Горан Милевски: Се согласувам со вас дека тоа се две различни организации. Има граѓани кои сакаат да влеземе во ЕУ, но се против членство во НАТО. Но мора да ве потсетам дека за влезот во двете институции како што ви кажав и претходно, неопходна е согласност од Грција која ќе ја добиеме доколку го прифатиме овој договор. Затоа е логичноста на прашањето, луѓе сакате ли влез во НАТО и ЕУ или не сакате? Ако не помине договорот ништо од евроатласката интеграција. И да беше во прашањето на референдумот спомната само една институција на пример, сакате ли влез во ЕУ со овој договор, горе-долу резултатите и дилемите ќе беа исти.

ЛДП смета дека Македонија има стратешки интерес да влезе во НАТО и ЕУ.

ЈанакиЗнае: Претходната владеачка гарнитура љубеше да ги “фризира” податоците за економската состојба во државата. Ве молам накусо презентирајте ни ја економската политика на ЛДП?

Горан Милевски: ЛДП има јасен став за слободна трговија, поддршка на развојот на малите и средни бизниси, тргање на рацете на политиката од реалниот сектор. Државата мора да создаде услови за брз развој на приватниот сектор особено на семејните, малите и средни бизниси. Мора да се намалат казните кои ги одредуваат инспекциските служби. Да важи правилото: Прво опомена па казна. Инспекторите треба да го корегираат погрешното работење, да ги подучуваат приватниците кои не мора да ја знаат баш секоја измена на законот. а не да се доживуваат како џелати на приватниците. Треба да даваат опомени, па ако фирмата не се корегира, тогаш да следуваат санкции. Се залагаме да нема протекционизам. Сакаме да има јасни и чисти тендерски постапки, да нема фаворизирање на никој.

Да се професионализира јавната администрација која ќе биде во служба на граѓаните и приватниот сектор. Да се упростат постапките. Не може извод од родени да важи 6 месеци. Што, зарем може после 6 месеци да го промениме датумот или местото на живеење? Па уште да се вади од местото на раѓање, како да е тоа многу тешко да се извади од местото на живеење. Само им ги усложнуваме постапките на луѓето, да губат време и пари. Во Македонија има големи апсурди, гломазна администрација, неефикасна со назадни и непотребни постапки. Да се укинат парафискалните давачки. Денес граѓаните и фирмите даваат пари за се и сешто.

Како ЛДП се залагаме партиите повеќе да не бидат бироа за вработување во јавниот сектор. Не може кафекуварки и вработени на фотокопир да земаат повисоки плати од докторите и наставниците. Мора да има уедначување на приходите и да се вреднува трудот и образованието. Мора да направиме состојба каде приватниот сектор ќе биде поконкурентен и поатрактивен од јавниот. Мора да ја стимулираме претприемачката иницијатива.

ЈанакиЗнае: Судењето за настаните од 27 Април кога се случи оној монструозен упад во Собранието е во тек. Дали сте на дојам дека се гонат само извршителите, а не и нарачателите?

Горан Милевски: Секое несогласување помеѓу различните политички опции треба да се решава по политички пат со дијалог и разбрање. Тоа што се случи на 27 април беше последен обид на мафијата и киднапираната држава да ги сочува своите позиции. Од тој аспект се согласувам со вашата констатација дека насилието не беше спонатно и тие луѓе небеа случајно најдени во собраниските ходници и сали. Мора да се утврди кој е креаторот, нарачателот и координаторот на тие случувања, а не само извршителите. Тие се на дното од хиарархијата. Тоа е исто како вие да го уапсите само уличниот дилер на дрога. а не ја растурите целата мрежа стигнувајќи до главата, ако не го направите тоа, тогаш вие не сте постигнале никакви резултати, бидејќи многу лесно мрежата ќе најде нови улични дилери.

ЈанакиЗнае: Како ја цените работата на СЈО за овие три години колку што постои институцијата?

Горан Милевски: СЈО во отсуство на квалитетно ЈО отвори значителен процес на стабилизирање на состојбите во правосудниот систем во државата. Иако се соочува со бројни опструкции и потешкотии во своето работење сепак како независна институција отворија значајни процеси со обвиненија до високи претставници на поранешната извршна власт. Граѓаните очекуваат неселективни обвиненија и отворање на случаи против сите кои се огрешиле пред законот и ја оштетиле државата независно од нивната верска, етничка или политичка припадност. Имавме насилно одземање на фирми, користење на инспекоратите за принуда и присила на приватниот сектор, матни тендери во повеќе институции и општини. Лица кои се збогатија преку ноќ на грбот на сите нас. За тоа се уште има многу малку обвиненија. Верувам во овие обвинители и очекувам дека професионално ќе си ја завршат својата работа.

ЈанакиЗнае: Како да се заштитиме од корупцијата?

Горан Милевски: Од случаите на СЈО јасно е дека во јавната администрација не крадат само избраните и именувани функционери туку и чиновниците, односно дел од вработените во јавниот сектор кои го овозможуваат тој криминал за одредена надохнада. Нив никој не ги контролира.

За таа цел имам предлог пополнувањето на анкетен лист да се прошири и на други вработени во јавната администрација или во јавните претпријатија со доминатно општествен со цел државата да ја следи нивната имотна состојба. На тој начин многу луѓе ќе треба да одговорат на прашањето како со плата од 25.000 денари, вработен во сектор за јавни набавки вози џип од 100.000 евра, како шофери на функционери преку ноќ стануваат екстремно богати луѓе, вработен во сектор урбанизам за брзо време отвора градежна фирма и станува преку ноќ богаташ, вработен кој врши прием на нафта во РЕК Битола да има голем број на станови и куќи, некои универзитетски професори или доктори со државна плата да живеат како најголеми олигарси. Тоа се нелогични работи, а сепак никој не ги контролира во државата. Затоа го давам овој предлог кој може ќе го осудат, особено оние кои земаат пари од буџетот, но сметам дека е неопходен во оваа фаза на развој на државата.

ЈанакиЗнае: Се согласувате ли дека положбата на ЛГБТ популацијата, иако споро, се унапредува во Републикава?

Во државата многу работи не беа поставени онака како што треба. Многу луѓе беа дискриминирани по секоја основа, правото на работно место без партиска книшка, правото на слобода на говор, правото на избор, слободен развој на приватните компании, правото на фер судење. Во таа смисла промените кои се случуваат во државата доведуваат до поголеми слободи на индивидуата, вклучително и правата на оваа популација. Процесите на демократизација на општеството се одвиваат бавно, но сметам дека отпочувањето на пристапните преговори со ЕУ ќе бидат инпулс за подобрување на состојбите во сите сфери.

ЈанакиЗнае: Познат е позитивниот став на ЛДП во поглед на канабисот. Но како граѓани дали можеме да бидеме задоволни од “легализацијата” на канабисот во медицински цели? Две и пол години подоцна на пазарoт речиси и да нема производи, но затоа бизнисот на правните лица кои експортираат цути….

Горан Милевски: ЛДП како политичка партија прва се заложи за легализација на канабисот за медицински цели. Иако сите политички партии беа против, кога ги видоа анкетите и расположението на граѓаните за ова прашање веднаш ги сменија своите ставови и прифатија легализација на канабисот за медициснки цели. Сметаме дека законот не е идеален, и ваков каков што е не ги задоволува потребите на лицата кои имаат потреба од користење на маслото од канабис и затоа тие се приморани се уште да го набавуваат на црниот пазар. Од тие причини се залагаме за подобрување на законот во насока на продажба на масло со поголеми концетрации од супстанците кои им се неопходни на пациентите.

Што се однесува на производството на канабис и тука има многу ограничувања кои треба да се отстранат. Ако сме започнале развој на овој дел од индустријата, за што сметам дека ЛДП има големи заслуги, потребно е да станеме лидер во регионот и да го искористиме нашето поднебје за развој на оваа индустрија. Бенефитите за државата се големи, но и за граѓаните кои ќе се одлучат да се занимаваат со производство на оваа култура.

ЈанакиЗнае: Дали ЛДП како парламентарна партија би поддржала легализација на канабис во рекреативни цели?

Горан Милевски: Ние како партија сме предвесници и за ова прашање. Факт е дека марихуаната се користи помеѓу младата популација. Тоа што ние се правиме дека не постои, не постигнуваме ништо. Мораме она што е реалност да го канализираме и да го контролираме. Секаде каде марихуаната се легализирала се намалило нејзиното користење. Државата ќе има финансиски бенефит од оданочувањето на продажбата, за разлика од денес каде таа се продава на црно, овозможувајќи им на интересни групи да прават енормна и лесна заработувачка. Затоа и има голем отпор за легализацијата, бидејќи нечии бизнис интереси ќе се доведат во прашање.

Со легализацијата нема повеќе нашите граѓани да бидат третирани како криминалци и прекршители на законот и ќе можат да си ги остварат своите човекови права, а едно од основните е правото на избор. Цигарите докажано е дека се штетни по здравјето на луѓето, а сепак се продаваат легално. Тоа што е дозволено да се продаваат легално не значи дека и сите се уживатели на никотинот. За канабисот се уште нема научно докажани студии за штетност по здравјето, а сепак е забранета за продажба.

Ние како партија мораме да се бориме да ги разбиеме стереотипите по сите основи и да влијаеме врз свеста на луѓето. Мораме да се придвижуваме напред, а не да живееме во стравови. Она што не сакаме да го користиме или правиме ние, не значи дека треба да го забрануваме да го користат или прават другите. Тоа се основни либерални постулати.

Секој кој размислува како нас го повикуваме да ни се придружи во оваа битка со стереотипите.

ЈанакиЗнае: Ви недостига ли Вашата основна професија?

Горан Милевски: Еден од проблемите во извршувањето на функцијата пратеник, е што губите контакт со состојбите од областа од каде што доаѓате и со текот на времето вие и се оддалечувате од проблемите со кои се соочува вашата фела, што е реален проблем, и од таа гледна точка се трудат да бидам во контакт со моите поранешни колеги секогаш кога имам време за тоа. Јас функцијата пратеник сум ја сфатил како нешто времено и немам никаков проблем по завршувањето на функцијата да и се вратам на мојата професија. Во таа смисла се додека сум во политика ќе се обидам во границите на нашето влијание како партија на политичката сцена, да се борам да ги менувам работите во државата кон подобро во интерес на сите граѓани. Во насока на професијата добро е еден ден во неделата пратениците да можат по избор да се посветат на професијата или на контакт со електоратот. Иако контактот со електоратот е формално предвиден, тоа во реалноста е ретко возможно. Во иднина мора повеќе внимание пратениците да посветуваат на контактот со граѓаните, како и со невладиниот сектор од кој навистина доаѓаат добри предлози на законски решенија.


Кратка биографија за соговорникот
Горан Милевски е дипломиран економист, магистер по бизнис администрација МБА – Менаџмент, Економски факултет – Прилеп.

  • Комисија за економски прашања, претседател
  • Комисија за финансирање и буџет, член
  • Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, заменик-член
  • Комисија за здравство, заменик-член
  • Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, претседател
35

ТАГОВИ: Горан Милевски ЛДП

Back To Top