skip to Main Content

Матка под закуп(3): Сурогатството во Македонија – од казниво дело до либерална регулатива?

    70

Како на професорка по медицинско казнено право, но пред сѐ како на жена, сурогатството повеќе од една деценија е предмет на моите размислувања и истражувања. Со колегите кои исто така, секој од аспект на својата експертиза, ја проучуваме оваа проблематика, често разговараме за секоја нова дилема….а дилеми се повеќе! Но, како кривичарка, се чувствувам како една од најповиканите да одговорам на прашањето дали сурогатството воопшто треба да биде дозволено? Но, одговорот не доаѓа лесно.

За волја на вистината, до пред четири години во Република Македонија, постапката за добивање на дете преку сурогат – мајка не само што не беше регулирана, туку сурогатството беше и забрането. Со оглед на тоа што креаторите на казненоправните забрани, пред сѐ, оние кои работеа на создавањето на првиот Кривичен законик, како и на неговите многубројни подоцнежни измени, свесно или несвесно, не го допираа ова прашање, во нашето законодавство за првпат се спомна терминот „сурогат – мајчинство“ со донесувањето на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување (ЗБПО) во 2008 година, каде што во тогашниот текст на чл.27 беше поместена забраната за сурогат – мајчинство, како и забраната за барањето или нудењето на таквата услуга и договарањето на сурогат – мајчинството, а договорите за него се сметаа за ништовни. За прекршување на ваквата забрана беше предвидена само прекршочна одговорност и глоба од 1.500 до 2.500 евра. Значи, сурогатството до 2014 година беше казниво дело – прекршок, но уште тогаш лично сметав дека пропишаната глоба не претставува основа за соодветна превенција, имајќи предвид дека потенцијалните родители – лицата кои што се соочуват со неплодност од различни причини и кои најверојатно веќе поминале трнлив пат во обид да станат родители, најчесто се подготвени да платат и многу повеќе за да добијат потомство, па дури и преку сурогат – мајка. Дури се залагав (во моите научни трудови) овие дејствија да станат кривични дела.

Од денешна перспектива, мислам дека во ваквите предлози секогаш поаѓав од тоа дека законодавецот веќе е детерминиран сурогатството да биде забрането, како што впрочем тоа беше случај и со поголемиот број европски држави.

Но, што се случи во меѓувреме, што го натера законодавецот, поточно предлагачот – Министерството за здравство да тргне во сосема друга насока?

На европска сцена се случи експанзија на интернационалното сурогатство. Голем број брачни и вонбрачни двојки од држави каде што овој репродуктивен метод не е дозволен, тргнаа  по „белиот свет“ во потрага по бебе. Но, не било чие, туку свое! Дел одеа во Калифорнија, САД, каде што сурогатството е регулирано, практикувано и судско верификувано. Други во Украина,  Индија, Русија итн.

И како што прочитавте во претходната колумна, следната битка што ваквите двојки ја водеа со својата држава, откако добија бебе, беше како да го „внесат“ своето дете во нејзиниот правен систем. Победи димензијата на човековите права и Судот од Стразбур (ЕСЧП) ги примора државите кои го забрануваат сурогатството, да ги запише децата родени од сурогат-мајка во матичните книги. Франција „падна на нозе“ пред ЕСЧП со повеќе случаи и вратата за сурогат – мајчинството широко се отвори.

Не знаеме дали токму ваквите состојби во Европа влијаеле врз нашиот законодавец, односно предлагач на новите решенија; поверојатно е дека мотивите биле други, затоа што клучните пресуди на ЕСЧП дојдоа отприлика една година после измените на ЗБПО кај нас.

Како и да е, со овие измени сурогат – мајчинството престана да биде забрането дејствие. Напротив, постапката и условите беа прилично детално регулирани и мора да се каже дека законодавецот запазил голем дел од модерните стандарди за дозволено сурогатство, но се разбира, дел од законските решенија може да се проблематизираат.

Наместо терминот сурогат – мајка, законот оперира со терминот гестациски носител. Иако на прв поглед во очите на луѓето, особено на оние кои се лаици во оваа област, ова изгледа понижувачки, всушност за системот и обликот на сурогатство кој е дозволен кај нас и во светот кадешто тоа е регулирано, а тоа е гестациското сурогат – мајчинство, ова е најсоодветно решение.

Токму тука би сакала да им појаснам и укажам дека не се во право, на оние жени и воопшто на сите кои размислуваат во насока дека сурогат – мајка е онаа жена чијашто јајце клетка е оплодена со спермата на идниот татко (ова всушност е т.н. традиционално сурогат- мајчинство), а гестациски носител – жената на која само ќе и биде имплантиран ембрион кој е креиран од туѓа, а не нивна јајце – клетка, како што прочитав низ постовите на неколку форуми каде се дискутират вакви теми; напротив, и гестациската носителка може да ја наречеме сурогат – мајка, ако законодавецот така реши. Разликата дали ембрионот ќе дојде од нејзината или туѓа јајце клетка ја прави разликата меѓу традиционалното и гестациското сурогат – мајчинство, а изборот на назив е прашање на решение на законодавецот. Но, во секој случај, потребна е подобра едукација и запознавање на јавноста во врска со овие прашања.

Имено, денес всушност е дозволено гестациското сурогат – мајчинство, каде што сурогат – мајката ќе биде само носител на гестацијата, на бременоста, на соодветниот ембрион, но самиот ембрион нема да има никаква генетска врска со таа жена. Напротив, во идеален случај, ембрионот ќе биде направен од јајце – клетката на жената – идна мајка и мажот – иден татко. Затоа и изразот кој е прифатен кај нас – гестациски носител е најсоодветен, заради постоењето на психолошка димензија, дека таа жена е само носител, а ништо биолошки и генетски не ја врзува за детето.

Спротивното е практично невозможно; да ја натерате жената која што е носител на бременоста да го даде нејзиното дете (дете кое настанало од лично нејзина јајце – клетка) од алтруистички причини и доброволно на друга мајка.

Согласно нашиот закон, „гестациски носител“ е жена на возраст од најмалку 25 години, сѐ до возраст во која е оценето дека жената е во добра психофизичка и општа здравствена состојба која овозможува здрава бременост и раѓање на здраво дете, мајка на најмалку едно дете, која носи ембрион или фетус кој бил зачнат со постапка на БПО со гестациски носител поведена од брачна двојка и која ќе го предаде детето на брачната двојка по неговото раѓање.

Законот предвидува четири опции во поглед на ембрионот или фетусот кој се внесува во матката на гестацискиот носител.

Првата опција е тој да е добиен со спојување на јајце – клетка и сперматозоиди на жената и мажот кои се во брак. Така, оваа брачна двојка ќе добие „свое“ дете  – генетски поврзано со двата идни родители.

Втората опција е ембрионот или фетусот да е добиен со спојување на сперматозоид на мажот од брачната двојка и донирана јајце клетка (ова, се разбира, доколку идната мајка нема свои здрави јајце – клетки). Вака, брачната двојка ќе добие дете – генетски поврзано со таткото.

Третата опција е спојување на јајце – клетка на жената од брачната двојка и дониран сперматозоид. Вака брачната двојка добива дете генетски поврзано со мајката.

Четврта опција е ембрионот или фетусот да е добиен со спојување на донирана јајце клетка и дониран сперматозоид. Во ваков случај детето нема да има генетска врска со ниту еден од родителите и, мора да нагласиме дека ова најчесто не е регуларна опција за добивање дете преку гестациски носител. Имено, кога идните родители веќе сакаат/се согласуваат да добијат дете кое не е генетски поврзано со ниту еден од нив, тогаш може да се определат за посвојување и да му дадат дом на некое детенце кое тоа го нема.

Во овој поглед, нашиот закон е прелиберален, а само да потсетам, во минатата колумна нагласив дека ако ги земеме предвид случаите пред ЕСЧП, ќе заклучиме дека судот најчесто решава во полза на признавање на ваквите деца доколку постои нивна генетска поврзаност со барем еден од родителите.

Непостоењето на ваква врска може да укажува и на нелегалност во целиот процес, а во држави каде што владеењето на правото е на најниско ниво, каде што демократијата е кревка, а власта можеби и корумпирана, населението сиромашно итн., зад ваквите облици на сурогатство може да се крие и трговија со деца. Не случајно, ЕСЧП донесе различни одлуки за случаи од Индија, на пример, каде што е утврдено дека на жени им биле плаќани (за индиски услови) високи парични износи и многу е веројатно дека во дел од нив се работи за традиционално сурогатство.

И додека македонскиот закон е прелиберален во тој поглед, од друг аспект, пак, е премногу рестриктивен. Имено, само брачна двојка може да бара поведување на постапка на БПО со гестациски носител, додека вонбрачните двојки и лица кои не се во брачна или вонбрачна заедница се исклучени од овој процес. Ова е особено чудно, затоа што со истиот закон во делот на ин витро оплодувањето, ваквата постапка е дозволена и за вонбрачните двојки, како и сами жени (кои не се во брачна или вонбрачна заедница).

Законот натаму предвидува брачната двојка и гестацискиот носител да поминат низ психолошко и правно советување, да потпишат меѓусебен договор, а гестациската носителка нема родителски права или обврски спрема детето што ќе го роди. Во законот се санкционираат низа дејствија, на пример: да бидете гестациски носител за пари; да ги нудите или рекламирате таквите услуги за надомест; да посредувате меѓу двете страни за надомест итн. Неетички и недозволено е сурогат – мајката (односно гестациска носителка) да биде платена за таквата „услуга“, но неа ќе и бидат надоместени сите трошоци во врска и кои произлегуваат од бременоста и породувањето.  

Ако сакате да бидете сурогат – мајка или ако Ви треба сурогат – мајка, обратете се во Министерството за здравство! Целиот процес се спроведува под контрола на државата и така и треба да биде!

Сурогат – мајчинството, доколку не се злоупотребува, е во суштина нешто многу благородно.

Дали сакате да имате деца или не, е прашање на Ваш личен избор! Но, за оние кои решиле дека сакаат да имаат деца – генетски поврзани со нив, а се соочуваат со проблеми во остварувањето на таквата желба, добивањето дете преку гестациски носител, може да е единственото решение. Среќно!


Кратка биографија за авторот

Проф. д-р  Александра Деаноска е вонреден професор по казнено право  на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 2006 година го одбранила магистерскиот труд на тема „Нелегална трансплантација и трговија со човечки органи и ткива“, а докторската дисертација под наслов „Казненоправни аспекти на генетските манипулации“ ја одбранила во 2010 година.

Александра Деаноска била демонстратор на Институтот за казнено право од 2003-2006 год. кога е избрана за помлад асистент, а во март, 2007 година за асистент на научната област казнено право. Во април 2011 година е избрана во звањето доцент, а во ноември 2015 година во звањето вонреден професор. На додипломските студии е наставник по казнено материјално право, а на мастер студиите е наставник на повеќе предмети од казненоправната област, меѓу кои и: медицинско казнено право, компаративно казнено право, организиран криминал, криминална политика, биоетиката и казненото право и др.

Исто така е предавач на Академијата за судии и јавни обвинители, сертифициран обучувач на HELP програмата на Советот на Европа, член на Советот на Меѓународното здружение за судии за малолетници, член на Стручниот совет на Комората за приватно обезбедување на РМ и др.

Автор е и коавтор на повеќе трудови, монографии, учебници и стручни книги од областа на казненото право, медицинското казнено право, компаративното право и др.

70

ТАГОВИ: Проф. д-р  Александра Деаноска сурогатство

Back To Top