skip to Main Content

Коста Петров: Не е време за фантазирање, туку за конкретни и реални чекори

    73
Коста Петров: Не е време за фантазирање, туку за конкретни и реални чекори

Потпретседателското место во СДСМ доаѓа заедно со неговиот прв ангажман во оваа политичка партија, каде претходно не бил член. Во интервју за „ЈанакиЗнае” Коста Петров тврди дека нема доделување на средства на “подобни” новинари и ним блиски, наспроти тврдењата на опозицијата. Петров беше дел од Првиот македонски канабис форум организиран од Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА за кој има само пофални зборови.

Лично поддржува декриминализација и легализација на канабис, со примена на правилен модел во Македонија, воедно користејки го искуството на земјите кои веќе имплементирале легализација на канабис во рекреативни цели. Не ја исклучува можноста во иднина да го видиме на министерско место, како што не ја исклучува можноста за нова книга во блиска иднина.

JанакиЗнае: Вашиот политички ангажман дојде како изненадување за многумина. Од кои причини се решивте на овој чекор, сем стандардниот одговор „да придонесам за државата”?

Коста Петров: Како и секаде во светот така и овде, за подобар развој на економијата се потребни луѓе од реалниот сектор, луѓе кои ги следат глобалните трендови, кои знаат како функционираат работите „од другата страна“ и се фокусирани на работа и резултати, а не на политички игри и поени.  Сметам дека сите партии треба и мора да работат на привлекување професионалци, реализирани луѓе кои имаат визија за развој на општеството. Само така ќе може да се случи вистинска промена на македонската политичка сцена. Во контекст на вашето прашање, токму желбата за позитивни промени во општеството беше мојот порив за влез во политиката. Верувам дека јас како човек со изградено име, кој успеал да изгради своја интернационална компанија, професионално реализиран дома и во светот и докажан автор со над 40,000 продадени книги, со истиот тој ентузијазам и труд со кој го постигнав сето ова можам да придонесам за развојот на мојата земја. Од тука, мојот влез во политиката не би требало да биде изненадување. И јас лично посакувам да има многу повеќе луѓе во политиката чија мотивација ќе бидат промените.

JанакиЗнае: Зашто токму партијата СДСМ беше Вашиот избор?

Коста Петров: Пред мојот ангажман како Потпретседател, јас никогаш не бев член на СДСМ. Всушност мојата прва соработка со партијата започна со именувањето на оваа функција. Искрено, бев изненаден кога ја добив поканата. До тогаш верував дека во една политичка партија успеваат само оние кои се долго време дел од неа и не очекував дека било која политичка опција во Северна Македонија е подготвена да направи освежување и да даде шанса на нови луѓе. Чекорот на СДСМ беше храбар и за поздравување и се надевам дека ова ќе биде пример кој ќе го следат и другите партии во државата. Ако една партија сака да биде успешна, таа мора да се менува, да го следи импулсот и барањата на граѓаните и да внесува нова енергија и нови идеи. Моите уверувања секогаш биле наклонети кон социјалдемократијата и СДСМ како партија е најблиска до мојата идеологија. Свесен сум дека имаме уште многу за работа и токму на тоа сме посветени повеќе од кога било.

JанакиЗнае: Од неодамна раководите со ФИТР. Кои се Вашите приоритети?

Коста Петров: Основач сум на стартап и точно ги разбирам предизвиците со кои се соочуваат оние кои влегуваат во таа приказна. И јас лично сум се соочил со илјадници предизвици како претприемач. Верувам дека можам своето искуство да го преточам во проекти кои ќе ги поттикнат и охрабрат младите да ги реализираат своите идеи, да направат вредност за себе, но и за општеството. Ние секојдневно, заедно со мојот тим работиме токму на такви проекти,  на нови програми за уште поголема помош за приватниот сектор и стартапите. Горд сум што само неколку недели по моето именување, го формиравме Националиот стартап совет со кој интензивно работиме на низа законски измени потребни за трансформација на македонскиот стартап еко систем. Воведовме и нова програма за корпоративна иновативност, со која заедно со големите брендови и компании од земјава ќе инвестираме во развојот на иновациите на стартап компаниите.

Направивме и целосна измена на менторската програма на Фондот и воведовме за првпат менторирање на одбиени кандидати, за да им помогнеме и да им дадеме нова шанса на оние кои навистина сакаат да успеат. За првпат воведовме и ново портфолио на предизвици преку кое ќе инвестираме во дигитализација на земјоделството, вештачка интелегенција, биотехнологии и синџир на набавки за стартапите. Но, ова се само дел од вкупно 11-те предвидени јавни повици и предизвици за годинава. Го следиме светскиот тренд за привлекување на дигитални номади во државава и со МВР забрзано работиме на измената за законските решенија. Преку измени и дополнување на законот за странци на овие лица ќе им се овозможи легален престој во државата на подолг период, а на тој начин тие заработените средства би ги трошеле во нашата држава. Заедно со Владата и Светска банка работиме и на формирање на Инвестициски фонд на ФИТР. Имаме уште многу за работа, но горд сум на мојот тим. Кризата со корона вирусот ќе ја искористиме за трансформација на македонскиот стартап екосистем. Верувам во моќта на македонските претприемачи и знам дека заедно со нив конечно стартапите ќе го добијат местото кое го заслужуваат. Планираните годишни активности на Фондот се во насока на позиционирање на Северна Македонија како стартап и технолошки хаб во регионот.

 JанакиЗнае: Како ги цените атаците на опозицијата дека преку ФИТР се плаќаат провладини новинари? Факт е дека пар новинари, кои се перцепирани како провладини, или нивни блиски добија шестцифрени износи во евра.

Коста Петров: Дозволете да ги отфрлам таквите тврдења и аргументирано да одговорам на истите. Фондот за иновации и технолошки развој е институција која работи целосно транспарентно и отчетно. Да потсетам дека ФИТР е прва институција во регионот која воведе изјава за сопственичка структура во интерес на транспарентноста и кредибилитетот на целиот процес за одобрување на кофинансирани грантови, а од неодамна и првата државна институција во земјата сертифицирана со ISO 37001:2017, меѓународниот Стандард за спречување на корупција. Во изминатите неколку години Фондот за иновации прерасна вистински партнер од доверба за компаниите,  за што говори и растот на поддржани проекти како и неверојатниот број на апликации на секој јавен повик. За речиси четири години, ФИТР има раст од над 1500%, односно од 35 поддржани компании, денес портофолиото на Фондот брои 559 компании, од кои 305 се стартапи.

Процедурата за одобрување на кофинансирани грантови е јасно и прецизно дефинирана и наведена, а тимот на Фондот учествува единствено во административната проверка, односно дали сите побарани документи се уредно доставени. Секој предлог-проект, во првата фаза го оценуваат по 3 домашни стручни лица од 22 области на експертиза. Со минимум 51 бод продолжуваат во финална селекција а последниот збор го има Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ) составен од петмина странски експерти. На наше големо задоволство од пред два месеци во новиот состав на КОИ се вклучени тројца интернационално признати претприемачи и инвеститори, со што сметам дека сериозно го унапредуваме процесот на евалуација и одобрување на проектите.  Марвин Лиао кој е новиот претседател на КОИ, бил извршен директор во „Yahoo!“ повеќе од една деценија. Тој е поранешен партнер на „500 Startups“ и  Бизнис Ангел со над 19 години искуство во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи. Марвин инвестирал во 500 стартапи од 2014 година.  Ашер Сидики има над 20 години искуство во корпоративен развој, со реализирани зделки вредни околу 8 милијарди американски долари. Тој бил исто така дел од „500 Startups“ во САД но и дел од менаџерскиот тим кој ја водеше трансформацијата на „Етисалат“ во ОАЕ. Ашер својата кариера ја започнал како претприемач во Велика Британија и САД кон крајот на 90-тите.

Третиот од новите членови, Гунтер Фелингер е генерален Секретар на CEE BC – Австрија. Последните 28 години, Гунтер патува и придонесува за трансформација на бизнис секторот во Централна и Источна Европа и одлично ги познаваа економиите и предизвиците на младите претприемачи и нови бизниси во регионот. Гунтер по 11 години живеење во Албанија, Црна Гора и Косово, од 2016 година е позициониран во Киев. Мислам дека ова доволно зборува за довербата кон ФИТР, кој претставува значаен промотор на иновациската дејност, технолошкиот и економски раст и развој во државата.

 JанакиЗнаеБевте дел од Првиот Македонски канабис форум, организиран од Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА. Какви се Вашите впечатоци?

Коста Петров: Одлична иницијатива и одличен настан. Честитки до организаторите. Вакви настани се повеќе од потребни и се надевам дека ќе продолжат. Важно е да зборуваме на овие теми и  да имаме отворен дијалог. Искрено се надевам дека заклучоците од ваквите состаноци ќе се преточат во вистински и конкретни чекори на Владата.

 JанакиЗнаеКој е Вашиот личен, не партиски став за легализација на канабис за лична употреба, и кој модел сметате дека е најсоодветен?

Коста Петров: Мојот личен став е ЗА декриминализација и легализација на канабисот и ова треба да се направи што поскоро. Тоа што има интерес и дебата на оваа тема е апсолутно за поздравување, тоа е единствениот начин да се внесуваат промени и конструктивно да се пристапи кон истите. Но исто така сметам дека е време да излеземе и со конкретни чекори. За моделот кој ќе биде искористен, треба да се направи комбинација од мерки кои соодвествуваат со нашата земја, но секако можеме да искористиме и искуства од други земји кои се покажале како успешни.

JанакиЗнае: Со оглед на тоа дека сме во изборна година, какви Ви се прогнозите за резултати на локалните избори? Ќе го повтори ли СДСМ успехот од 2017та?

Коста Петров: СДСМ покажа победнички дух и докажа дека желбата за позитивни промени во државата вродува со плод. Низ општините и градовите видливи се резултатите од сработеното, што уште еднаш покажува дека најважно е да ги имаме вистинските кандидати. Јас верувам дека локалните избори ќе бидат победнички и дека ќе излеземе со квалитетни луѓе, кои имаат визија, но и детален план за работа. Не е време за фантазирање, туку за конкретни и реални чекори.

JанакиЗнае: Ќе ве видиме ли на министерска позиција наскоро?

Коста Петров: Со своите 37 години јас сум и приватно и професионално исполнет, но и отворен за нови можности. Во животот сé е искуство и нова научена лекција, а токму тие лекции нé прават помудри. Не сум човек кој мисли дека позицијата значи моќ. Сосема спротивно на тоа, сметам дека високите позиции носат огромна одговорност и обврска и апсолутно никој не би требало да прифати позиција ако не е подготвен на тоа. Тука мислам, пред сé на политиката, но факт е дека и во бизнисот е така.  Јас сум човек кој поставува цели и се фокусира на нивно остварување, а најважно е да бидеме таму каде што најмногу можеме да придонесеме. Во овој момент тоа за мене е ФИТР. Мора да им бидеме ветер во грб на претприемачите, со јасна стратегија за развој на стартап екосистемот.

JанакиЗнае: И сосема за крај, кога јавноста да очекува нова книга од Вас како автор?

Коста Петров: Моите книги најчесто се резултат на некој завршен процес, некое поглавје од мојот живот. Пишувам секој ден, но сеуште не е вистинското време да ја издадам книгата. Сакам работите убаво да ми легнат. Изминатата година и половина беше полна со предизвици, нови искуства и чувствувам дека треба малку временски да се дистанцирам за да направам вистинска проценка на работите и да извадам навистина добар материјал. Моите читатели го очекуваат тоа од мене.


Кратка биографија за соговорникот:

Коста Петров е меѓународно докажан претприемач, експерт за односи со јавност, говорник и бизнис-автор.

Тој е основач на P World, светската, водечка агенција за настани, која работи во 40 земји низ светот, вклучувајќи ги САД, Канада, Малта, Норвешка, Турција, Иран, Египет, Катар, Азербејџан и Јужна Кореја.

Две години по ред, Коста беше дел од листата на највлијателни професионалци за настани во Југоисточна Европа на „Конгрес магазин“.

Со над 45.000 продадени примероци, Коста е и еден од најпродаваните бизнис-автори во Македонија.

Тој е поранешен директор за развој во IABC EMEA, редовен дописник за американското издание на „Хафингтон пост“ и редовен говорник за односи со јавност, лидерство и претприемачи на различни настани во светот.

73

ТАГОВИ: Коста Петров

Back To Top