skip to Main Content

Ангеловска-Бежоска за „Еуростандард банка“: Нема потешка одлука од одлуката за затворање банка

    7
Ангеловска-Бежоска за „Еуростандард банка“: Нема потешка одлука од одлуката за затворање банка

Постојната монетарна стратегија за одржување на стабилноста на домашната валута во однос на еврото е најоптимална за македонската економија, имајќи ги предвид нејзините карактеристики како мала и отворена економија. Оваа оцена на Народната банка ја споделува и Меѓународниот монетарен фонд, којшто секоја година врши оценување на усогласеноста на курсот со фундаментите на нашата економија или едноставно кажано, проценува дали нивото на курс коешто го имаме ние е пречка за поголема конкурентност на нашата економија. Заклучокот е дека курсот не е пречка и дека поголемата конкурентност треба да се обезбеди преку структурните политики. Поголемата флексибилност во однос на курсот би имала брзи преносни ефекти врз цените, би можела да има и неповолни ефекти врз финансиската стабилност и оттаму, цврсто стоиме на ставот за соодветноста на постојната монетарна стратегија.

Ова, меѓу другото, го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во емисијата „24 анализа“ на Телевизија 24. Во контекст на монетарната стратегија, таа посочи на важноста на девизните резерви коишто се на соодветно ниво, а се осврна и на значењето на пристапот до девизна ликвидност во евра од Европската централна банка, којшто на Народната банка за првпат ѝ беше овозможен минатата година.

Во емисијата, Ангеловска-Бежоска се осврна и на најновите макроекономски проекции на Народната банка и на очекувањата за постепено закрепнување на македонската економија со раст од 3,9% оваа година и враќање на преткризното ниво во текот на следната година, доколку нема остварување на ризиците, коишто првенствено се поврзани со натамошниот тек на здравствената криза. Притоа, посочи и на важноста на надворешното окружување, коешто е од значење за закрепнувањето на домашната економија.

Во контекст на очекувањата за оваа година, покрај на важноста на извозната активност, гувернерката посочи и на важноста на остварувањето на капиталните инвестиции, за коишто истакна дека може да претставуваат катализатор за позитивни промени, како и дека може да имаат мултипликативен ефект, вклучително и со влијание врз пазарот на трудот.

Ангеловска-Бежоска се осврна и на очекувањата за странските директни инвестиции. 

-Минатата година, странските директни инвестиции забавија, имајќи предвид дека и во глобален контекст имаше намалување на странските директни инвестиции. За годинава, меѓународните институции предвидуваат стабилизирање на овие финансиски текови и ние очекуваме закрепнување на инвестициите. Поконкретно, за странските директни инвестиции, најважно е што ќе се случува на меѓународните пазари. Сега, финансиските пазари се поволни и каматните стапки се ниски, а минатата година, кога се соочивме со кризата дојде до затегнување на меѓународните пазари и тогаш и каматите за позајмување пораснаа – истакна гувернерката.

Во однос на инфлацијата, Ангеловска-Бежоска посочи дека таа и натаму е умерена, согласно и со најновите оцени и проекции, при што посочи дека Народната банка постојано ги следи движењата, а дека од клучно значење се цените на примарните производи на светските берзи, зашто најголемиот дел од потрошувачката кошница отпаѓа на храната и енергијата.

-Оцените на Европската централна банка упатуваат дека факторите што придонесуваат за поголема варијабилност на стапката на инфлација годинава главно се од привремена природа и за наредната година се проектира намалена стапка на инфлација. Ние ги следиме движењата и доколку има потреба од интервенција за задржување на ценовната стабилност, ќе ги преземеме сите неопходни мерки – кажа Ангеловска-Бежоска.

Во емисијата, гувернерката се осврна и на прашања за банкарскиот сектор, при што говореше и за првичните показатели за првиот квартал од оваа година, коишто укажуваат на неговата стабилност.

Во однос на пропаѓањето на „Еуростандард банка“, гувернерката уште еднаш истакна дека дозволата за работа ѝ беше одземена откако биле исцрпени сите можности што централната банка ги има на располагање.

-За кој било гувернер или за централна банка нема потешка одлука од одлуката за затворање банка. Таква одлука се носи откако ќе бидат вложени максимални напори и ќе бидат исцрпени сите можности за поповолно решение за банката, особено имајќи ги предвид интересите на депонентите. Таков беше и овој случај – истакна Ангеловска-Бежоска.

Истовремено, таа напомена и дека деловните банки се приватни институции коишто самите одлучуваат за секој кредит.

-Централните банки не даваат кредити, не одлучуваат, ниту, пак, тие кредити подлежат на согласност од страна на централните банки. Оваа банка беше под засилени контроли и се проверуваше степенот на ризик на којшто се изложува. Одлуките за кредит ги носеле кредитните одбори, а ако износот на кредитот е поголем, одлуката ја носел Надзорниот одбор – рече Ангеловска-Бежоска во интервју за Телевизија 24.

Во емисијата, гувернерката се осврна и на податоците за кредитната активност и депозитите, како и на очекувањата за нивен натамошен раст во следниот период.

Во прилог проследете ја целата емисија:

7

ТАГОВИ: ангеловска бежоска економија НБРМ

Back To Top