skip to Main Content

Јадровски: Сиромаштијата, здравјето и стандардните услови за живот, имаат тотално поинакво значење од мојата претходна претстава

    86
Јадровски: Сиромаштијата, здравјето и стандардните услови за живот, имаат тотално поинакво значење од мојата претходна претстава

Во граѓанската организација „ХЕРА“ се неговите почетоци, каде ја гради својата кариера, потоа во интервју за „ЈанакиЗнае“ Игор Јадровски вели дека го надградувал своето искуство во работа на закони и политики во „Хелсиншкиот комитет“, каде бил дел од работни групи за пишување на закони (Закон за работни односи, Закон за спречување и заштита од дискриминација), каде работел 5 години.

Јадровски вели дека предизвикот за градење една нова, професионална институција по меѓународни стандарди за тела за еднаквост била клучна да одлучи да се пријави на јавниот оглас за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Со оглед на тоа дека има 5 годишен мандат, Јадровски верува дека во некоја од следните години ќе ја врши и функцијата претседател на Комисијата.

ЈанакиЗнае: Како се решивте да се кандидирате за избор на член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација?

Игор Јадровски: Одлуката за кандидирање за член во Комисијата ја донесов непосредно после повторното гласање и носење на Законот за спречување и заштита од дискриминација во октомври минатата година. Повеќе години работев во граѓанскиот сектор на превенција и заштита од дискриминација и имав можност да ја следам работата на сите претходни состави на Комисијата, бев дел од работната група која го пишуваше Законот за спречување и заштита од дискриминација и членувам во Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација. Можноста да бидам избран за член на Комисијата ми изгледаше како логично заокружување на оваа професионална приказна. Од друга страна, носењето на одлуката не беше лесно бидејќи требаше да ја напуштам “комфорната зона” во Хелсиншкиот комитет каде работев 5 години во неверојатно добра атмосфера со одличен и динамичен тим на луѓе. Сепак, предизвикот за градење една нова, професионална институција по меѓународни стандарди за тела за еднаквост беше клучен да решам да се пријавам на јавниот оглас.

ЈанакиЗнае: Дали новиот состав на Комисијата започна со работа?

Игор Јадровски: Мандатот на комисионерите започна од денот на објавувањето на одлуката за избор во Службен весник. Одлуката беше објавена на 25.01.2021, па тоа е и официјалниот датум на почеток на работата на Комисијата. Сепак, Комисијата сè уште не е оперативна за секојдневно извршување на своите законски надлежности затоа што сè уште немаме опрема за работа, немаме стручна служба и немаме простории. Ова навистина го отежнува функционирањето на Комисијата, но разбираме дека ваквата состојба нема да трае уште долго и пробуваме да бидеме флексибилни. Во првиот месец од мандатот еднаш неделно одржувавме седници во Клубот на пратеници, успеавме да имаме низа состаноци со повеќе државни органи, домашни и меѓународни организации во смисла на идна соработка и бевме фокусирани на завршувањето на сите административно-технички работи за функционалност на Комисијата, како што се изработка на акт за систематизација на работни места, деловник за работа, функционална анализа и слични подзаконски акти, кои согласно нашата легислатива, мора секој државен орган да ги има. Последно, но не и најмалку важно, во првиот месец од мандатот, добивме и две претставки по кои постапките се во тек.

ЈанакиЗнае:  Ќе ве видиме ли на чело на Комисијата?

Игор Јадровски: Самиот Закон за спречување и заштита од дискриминација предвидува ротирачко претседателство во траење од една година. Претседателот на Комисијата, или во моментов претседателката, нема апсолутно никакви поголеми законски надлежности и овластувања од останати членови на Комисијата. Претседателството е повеќе симболична фунцкија која исто така мора да постои од практични причини за да може Комисијата да има законски застапник и да настапува во правниот промет. Со оглед на тоа дека имам 5 годишен мандат, верувам дека во некоја од следните години ќе ја вршам и функцијата претседател на Комисијата.

ЈанакиЗнае:  Имате точно децениско искуство на полето. Дајте ни мала ретроспектива на Вашата работа на полето на заштита на човекови права?

Игор Јадровски: Моето прво работно искуство во заштита на човековите права е во граѓанската организација „ХЕРА“, која главно работи на овозможување на подобро образование и услуги за сексуалното и репродуктивно здравје, особено за маргинализираните заедници. Јас во тој период работев како правен советник во младинскиот центар “Сакам да знам” во Шуто Оризари, каде обезбедував бесплатна правна помош во случаи на прекршување на здравствени и социјални права. Најчесто стануваше збор за случаи на дискриминација во пристап до здравствени услуги на Ромките или прекршување на права од социјална заштита, поврзани со остварувањето на парични надоместоци согласно Законот за социјална заштита. Ова лично го доживувам како едно од најзначајните животни искуства воопшто, бидејќи од прва рака на секојдневна основа гледате со какви незамисливи проблеми и потешкотии се соочува можеби системски најдисркиминираната категорија луѓе во земјава.

Во тој период разбрав дека одредени термини како “сиромаштија”, “здравје” или “стандардни услови за живот”, имаат тотално поинакво значење и појавни форми од мојата претходна претстава за истите. Во „ХЕРА“ ги стекнувам и своите први искуства во работа на политики (Стратегија за Роми 2014-2020) и во меѓународно застапување пред механизимите за известување на договорните тела (комитетите) на Обединетите Нации.

Паралелно со работата во ХЕРА, работев и во организацијата „Заедно Посилни„, кое е здружение за поддршка на лица кои живеат со ХИВ, каде обезбедував правна помош во случаи на дискриминација на лица кои живеат со ХИВ врз основа на здравствена состојба. После четири и пол години работа во „ХЕРА“ ми се укажа можност за вработување во Хелсиншкиот комитет. Сметав дека шансата да работам на поголема и поширока правна проблематика е одлична можност за учење и кариерен напредок, па во Хелсиншкиот комитет работев 5 години, се до изборот во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Во Хелсиншкиот комитет имав можност да го надградам и проширам своето искуство во работа на закони и политики, па бев дел од работни групи за пишување на закони (Закон за работни односи, Закон за спречување и заштита од дискриминација), како и дел од работна група за изработка на значајни подзаконски акти од аспект на превенција и заштита од дискриминација (Стратегија за еднаквост и недискриминација 2016-2020). Во овој период освен на превенција и заштита од дискриминација, работев и на заштита и унапредување на работничките права со фокус на текстилните работнички, а станав и дел од Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација. Во истиот период продолжив да работам и на меѓународно известување и застапување пред механизмите на Обединетите Нации, а имав можност и за едногодиишен меѓународен работен ангажман во Minority Rights Group, еминентна меѓународна организација која работи на унапредување на правата на етничките, религиозните, националните малцинства и домородни луѓе во преку 60 земји во светот.
За крај би додал дека во моментов сè уште сум дел во Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација, а еден мандат бев дел и од Комисијата за унапредување на правата на пациентите на Град Скопје.

ЈанакиЗнае: Дали некогаш би се обиделе во адвокатура?

Игор Јадровски: Јас, како и повеќето луѓе кои завршиле правен факултет, поминав две годишно стажирање во адвокатска канцеларија и имав можност да видам како изгледа работниот ден и ангажманот на адвокатите. Дефинитивно ми се допаѓаат динамичноста и креативноста кои ги носи професијата. Во мометнов мојата професионална кариера ја гледам во друга насока, меѓутоа не ја исклучувам можноста и за адвокатура во иднина.

ЈанакиЗнае: Кој е најчесто користен дискриминаторски основ во Македонија?

Игор Јадровски: Доаѓањето до одговорот на ова прашање е малку покомплицирано и потешко од што на прв поглед се чини. Доколку говориме за документирани случаи на дискриминација, континуирана сегрегирана статистика по дискриминаторски основи, согласно моите сознанија, води само Хелсиншкиот комитет, кој собира податоци за документирани случаи на дискриминација, иницирани постапки и добиени пресуди/мислења од повеќе граѓански организации. Оваа статистика ги опфаќа сите документирани случаи, за кои не секогаш се иницира постапка, па токму затоа истата не секогаш соодветствува со статистиката која ја водат Народниот правобранител, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и судовите. Во оваа смисла, согласно статистиката на документирани случаи од страна на Хелсиншкиот комитет, во 2019 година најчести дискриминаторски основи биле родот, полот и секусалната ориентација. Додека, согласно наодите од последниот годишен извештај на Народниот правобранител за истиот период најчеста дискриминаторска основа било политичкото уверување.

ЈанакиЗнае: Дали можете да ни посочите кој е соодносот на сторители на семејно насилство на полова основа?

Игор Јадровски: Информациите од надлежните органи како Министерството за внатрешни работи и судовите, Министерството за труд и социјална политика, како и информациите од граѓанските организации кои работат на оваа тематика покажуваат дека во преку 85 отсто од случаите на семејно насилство сторителите се мажи, а жртвите се жени.

ЈанакиЗнае: Каков е Вашиот став за канабис?

Игор Јадровски: Целосна декриминализација и легализација за медицинска и рекреативна употреба, со можност секој граѓанин да си одгледува одреден број растенија канабис.

ЈанакиЗнае: Дали сметате дека сексуалната работа треба да се легализира?

Игор Јадровски: Сметам дека декриминализацијата е подобар и поефикасен пристап. Сексуалната работа треба да се декриминализира, односно да се отстранат кривичните и административните казни кои важат за сексуалната работа, со што би се дозволило нејзина регулација со Законот за работни односи како lex generalis како и другите работни места и професии. На овој начин сметам дека би се унапредиле безбедноста и здравјето на сексуалните работнички и работници, би се подобрила заштитата од насилство и злоупотреба, би се подобрил пристапот до правда и би се намалила стигматизацијата кон сексуалните работнички и работници.


Кратка биографија за соговорникот

Игор Јадровски, дипломиран правник со положен правосуден испит. Пред стапувањето на
функција во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, има повеќегодишно
работно искуство во граѓанскиот сектор во заштита и унапредување на човековите права.

Од 2012-та до 2016-та година работи во граѓанската организација ХЕРА, каде обезбедува бесплатна правна помош во случаи на дискриминација и прекршување на здравствени и социјални права.

Од 2016-та година до стапувањето на функцијата работи во Хелсиншкиот комитет за човекови
права на превенција и заштита од дискриминација и заштита и унапредување на работнички
права. Вклучен е во низа процеси на креирање закони и политики, учествувајќи во работни групи за изработка на повеќе закони како Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за работни односи.

Член е на Националното координативно тело за недискриминација и има долгогодишно искуство во меѓународно застапување пред договорните тела (комитети) на
Обединетите нации.

86

ТАГОВИ: игор јадровски правник

Back To Top