skip to Main Content

„Штелување“ на казните од Кривичниот законик

    77

Минатиот пат во трудот на авторот насловен како „Баждарени тасеви, потценети животи“ стана збор за македонската казнена политика, при што беа анализирани повеќе казнени дела од глава XIV – Кривични дела против животот и телото,

Имено, теоретичарите „казнената политика“ ја дефинираат како „рационално насочена практична дејност на судовите во примената на казната и другите кривични санкции спрема сторителите на казнените дела со оглед на општествената опасност на одделни видови на криминалитет и конкретното сторено казнено дело и личноста на сторителот. Во поширока смисла во казнената политика е содржана и политиката на давање условен отпуст, како и политиката на давање на помилување. Но останаа недоречености по однос на гореспоменатата глава од КЗ…

На пример, илузорно е да постои идентична санкција за казненото дело – Тешка телесна повреда од чл.131 ст.6 од КЗ и казненото дело – Убиство на миг од чл.125 ст.1 од Кривичниот законик. Предметната санкција е казна затвор од 1 до 5 години.

Во првиот случај (кој е даден алтернативно со друг-потежок случај) станува збор за ситуација кога некој друг тешко телесно ќе го повреди или здравјето тешко ќе му го наруши и поради тоа ќе биде доведен во опасност животот на повредениот или ќе му биде уништен или трајно и во значителна мера ослабен некој важен дел од телото или некој важен орган или ќе биде предизвикана трајна неспособност за работа воопшто или за работата за која е оспособен или трајно и тешко ќе му биде нарушено неговото здравје или ќе биде нагрден, при што сторителот делото го сторува во миг, во состојба на силна раздразнетост, но доведен без своја вина со напад или со тешко навредување или како последица на семејно насилство од страна на повредениот.

Значи во случајов не станува збор за смртни последици како што е впрочем случајот во казненото дело – Убиство на миг од чл.125 ст.1 од КЗ каде постојат исти субјективни околности (што е видно и од називот на делото), но далеку потешка последица.
Во КЗ постојат и „несреќни“ решенија во називите на казнените дела. Таков е случајот со делото „Загрозување на сигурноста“ од чл.144 од КЗ, со оглед на тоа што ова дело не спаѓа во главата XXVI, насловена како: „Кривични дела против општата сигурност на луѓето и имотот“, туку во глава XV од КЗ – Кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот. Навистина, постојат квалитативни адекватности, поради кои ова казнено дело е сместено токму таму во Законикот, но многу пологично решение ќе беше ова казнено дело да беше насловено како: „Закана“, при што да се избегне зборот – сигурност, со цел да не биде внесена забуна кај правораздавачите.

Впрочем „сериозната закана“ е и единственото предвидено комисионо дејствие како објективен елемент на казненото дело за исполнување на неговото законско битие. Вакво лексичко решение постои и во други држави чии официјални јазици се сродни на македонскиот.

За волја на вистината во КЗ постојат и префинето-појаснувачки формулации, како онаа од казненото дело – Отуѓување на културно наследство од особено значење во државна сопственост од чл.266-а, чиј кус законски текст гласи: „Тој што ќе продаде, подари или на друг начин трајно ќе отуѓи културно наследство во државна сопственост, ако не постојат обележја на некое друго потешко кривично дело, ќе се казни со затвор од три до десет години.“ Очигледно дека формулацијата означена со курзив која законодавецот ја внел во 2014 година, била внесена со цел да биде олеснета операцијата на препознавање на привидниот стек како казненоправна врвна умешност и вечна „замка“ за практичарите. Сепак, ваквиот начин е спротивен на начелото на законитост: “Nullum crimen, nulla poena sine praevia lege poenali” пренесено во чл.1 од КЗ. Согласно ова начело практичарот е во секој случај должен да направи зрела супсумпција на фактичката состојба и да ја одбере најсоодветната правна квалификација. Оттаму, фразата претставува обременување на диспозитивот на казненото дело и дуплирање на законот. Интересно дуплирање, па дури и двојно инкриминирање во Законикот (а кое нешто е недозволиво и претставува нарушување на едно друго казненоправно начело), претставува казненото дело – Фалсификување пари од чл.268 од КЗ. Имено таму постојат став 1 и став 4 каде всушност за едно идентично дејствие за сторителот е предвидена драстично различна казна. Во првиот случај тоа е казна затвор од 1 до 10 години, а во вториот е парична казна или казна затвор до 3 години. Станува збор за дејствието на „пуштање во оптек“ на лажни пари. Веројатно е дека законодавецот направил техничка грешка и дека во првиот случај се мисли на сторител кој освен што ќе ги пушти во оптек лажните пари, и ќе ги направи истите. Но, секако ова бара дополнителна измена на Законикот и дообјаснување.

Двојна инкриминација постои и во случајот со казненото дело – Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама од чл. 278-б од КЗ. Во него законодавецот стипулирал дека го сторува тој што купува, продава, растура, прима подарок, крие, прима на чување, користи или прифаќа на чување стоки со поголема вредност по било која основа и за кои знае или бил должен да знае дека се предмет на делото од член 278 (Криумчарење) и член 278-а (Царинска измама) и ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Ако се погледне и битието на основниот облик на казненото дело – Прикривање од чл.261 ст.1 од КЗ се угледува дека работите се повторуваат. Имено таму инкриминираните дејствија претставуваат: ќе купи, ќе прими во залог или на друг начин ќе прибави, прикрие или протури предмет или имот за кој знае дека е прибавен со кривично дело или она што е добиено за него со продажба или со замена. Казната тука е парична или затвор до три години.

Значи постојат идентични казни за две дејствија кои се во констелација на генеричкото (Прикривањето) и специјалното (Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама). Значи и во двата случаи станува збор за инкриминирано манипулирање со предмети прибавени со кривично дело иако во вториот случај тоа се само две казнени дела (член 278 и член 278-а од КЗ).

Но, и покрај тоа што е очекувано специјалното казнено дело да треба да биде попрецизно и подлабоко разработено, во него не е предвидена кривична одговорност доколку сторителот не знаел, но можел да знае за потеклото на предметите, каков што е случајот со привилегираниот облик на казненото дело – Прикривање од чл.261 ст.2 в.в. ст.1 од КЗ.

Настрана од темата на „двојните инкриминации“, ако треба повторно да се направи преглед на точките во КЗ каде постои дисбаланс во казните кое нешто е најдиректната слабост за казнената политика, во очи паѓаат казненото дело – Послужување во службата од чл. 356 од КЗ и казненото дело – Проневера во службата од чл.354 од КЗ. Во првиот случај се инкриминира ако службено лице неовластено се послужи со пари, со хартии од вредност или со други подвижни предмети доверени во службата или овие предмети неовластено ќе му ги даде на друг да се послужи и ќе се казни со затвор од три месеци до пет години. Не постојат квалифицирани облици на ова казнено дело. Значи дејствието во ова дело се состои во – послужување, кое доколку сторителот го немаше специјалното својство на службено лице, ќе беше казниво согласно чл.240 од КЗ чие гонење е по предог и казната е несразмерно поблага (парична казна или казна затвор од една година). Но со оглед на посебните услови кај субјективниот елемент од законскиот опис и битие на делата, ова решение може и да се одбрани. Сепак, не би можело да се одбрани тоа што во основниот облик на казненото дело – Проневера во службата од чл.354 ст.1 од КЗ е предвидена идентична максимална казна затвор од 5 години, споредено со казненото дело – Послужување во службата од чл. 356 од КЗ.

Основното дејствие во првиот случај не е послужувањето, туку затајувањето на еден ист објект на заштита и правно добро (службената должност/ пари, хартии од вредност и др.подвижни предмети), а кое е поголемо неправо во криминолошката класификација на казнените дела.

За таквото нешто говори и фактот дека во ова казнено дело се предвидени квалифицирани облици каде во еден случај заканетата казна затвор може да изнесува дури и до 20 години. (Види чл.354 ст.3 од КЗ).


Кратка биографија за авторот

Д-р Александар Маркоски дипломирал на Факултетот за правни науки „Јустинијан Први“, при УКИМ (1997-2003),

-Пост-дипломски студии на факултетот „Јустинијан Први“ во областа на казненото право и криминологија, на тема: „Застарувањето како казнено-правен институт“ на ден 27.12.2010 година,

-Докторски студии (2011-2018) со одбранета дисертација: „Казненоправниот треман на делата на омраза“,

Помлад асистент на „Европски Универзитет-Република Македонија“ во Скопје (2005),

Помлад асистент на „ФОН Универзитетот“, со ангажмани на казнено-правни, криминолошки и безбедносни предмети (2007-2009),

-Избран на функција – Јавен обвинител во Основното Јавно обвинителство во Скопје во 2009 година каде работи сè уште,

-Член на издавачката комисија на Здружението на јавни обвинители на Македонија-ЗЈОРМ (2010-2013),

-Раководител на одделот за имотни деликти при Основното Јавно обвинителство во Скопје (2015-2017).

Монографии:

-„КУЛТУРАТА НА ЗАСТАРУВАЊЕТО ВО КАЗНЕНОТО ПРАВО“, Магор, Скопје, 2014,

-„ЗА ПРОПОВЕДТТА, ОМРАЗАТА И СЛОБОДИТЕ-Дискурс кон казнените дела од верска омраза“, Авант прес, Скопје, 2017,

-„СРДБА И КАЗНА – Омнисциенција за криминалитетот од омраза“, Авант прес, Скопје, 2018.

77

ТАГОВИ: д-р Александар Маркоски јавен обвинител

Back To Top