skip to Main Content

„Штелување“ на казните во КЗ (втор дел)

    53
александар маркоски

Потребно е повторно навраќање на трудот на авторот насловен како: „Баждарени тасеви, потценети животи“ каде сосем на крајот беа споменати – политичките казнени дела. Имено, трудот беше „првачето“ од триптихот за македонската казнена политика кој завршува со трудот која сега се презентира.

Во блиската историја, по паѓањето на социјалистичкиот општествено-економски систем паднаа во заборав и не беа повеќе инкриминирани бројни дејства на граѓаните кои долго време беа подведувани како – казнени дела против државата во казнените законодавства, а во криминологијата, истите се нарекуваат – политички казнени дела. Но, далеку од тоа дека постои генерална декриминализација на политичките казнени дела во позитивното право. Дури постојат и криминолози кои според природата на казнените дела како критериум целиот криминалитет го делат на: општ, политички и воен криминалитет. (Така Кралев во „Криминологија: преглед на основните поими“, стр.113). На оваа линија се и американските криминолози.

Кај политичките казнени дела теоријата се уште спори, но криминолозите во нив несомнено ги вбројуваат делата со кои се загрозува внатрешната и надворешната безбедност, а пак истите се облик на криминалитет кој има мотивациска специфичност – дека се вршат од идеолошки причини.

Како посебна категорија овие дела се јавија во 30-тите години на XIX век во Франција и Белгија, а потоа и во другите европски земји. Нивната појава е врзана со почетоците и развојот на правната еднаквост на граѓаните. Тогаш политичките делинквенти отпочнале со нивните енергични барања за нивната поинаква казненоправна димензија, поточно барања за посебен законодавен, судски и пенитенцијарен третман со нивно издвојување од обичниот, вулгарниот криминалитет. Нивната психологија била дека тие не се криминалци, туку само поразени политички противници на властите.

Една од поделбите на овој вид на казени дела е онаа која ги дели на: чисти и релативни. Чистите политичките казнени дела ја имаат какo заштитен објект – државата, или – политичкиот систем, додека кај релативните казнени дела објект на заштита е едновремено и државниот и граѓанскиот – приватниот интерес, поточно и граѓаните се загрозено правно добро.

Типичен пример за чисти или апсолутни политички казнени дела се: предавството и шпионажата. Релативните политички казнени дела, всушност, претставуваат подрачје помеѓу политичкиот и обичниот криминалитет, поради што во теоријата се именуваат и како – мешовити казнени дела (на пр.: атентати на шеф на држава, шеф на влада или претставник на власт). Од аспект на релативните политички казнени дела се разликуваат комплексни и конексни политички казнени дела. Кај првите се напаѓа извесно правно добро поради политички-идеолошки мотиви. Пример за вакво казнено дело е атентатот на шефот на државата.

Накусо, комплексното политичко казнено дело е обично казнено дело, но кое е пропратено од политички мотив. Конексните пак, политички казнени дела таквиот карактер го добиваат поради околностите под кои се извршени.

Тоа се конвенционални, обични казнени дела кои се сторуваат пропратно со некоја поголема политичка цел, некогаш претходат, а некогаш се последователни на чистите политички казнени дела. Во секој случај, тие се во корелација со истите, а примери за вакви дела се: делата на разорување, деструкција или убиство при граѓанска војна или бунт (Сите примери и теоретски поделби се преземени од Кралев).

Политичките казнени дела и шпионажата спаѓаат во неконвенционалниот криминалитет. Шпионажата е тешко казнено дело регулирано во чл.316 од КЗ, при што во својот основен облик во став 1 од членот е пропишана казна затвор од најмалку 4 години казна затвор. Сепак, во привилегираните облици од ст.3 и ст.4 од членот, законодавецот ги „измешал брзините“.

Имено таму постои идентична казна од една до 10 години казна затвор за истото дејствие – прибирањето податоци, но ст.4 практично претставува обид за извршување на став 3 каде се стипулира дека е казнив „Тој што ќе стапи во странска разузнавачка служба, ќе прибира за неа податоци или на друг начин ќе ја помага нејзината работа“. За потсетување, во ст.4 постои само „намера“ за соопштување или предавање на податоците на странска држава, организација или на лице кое им служи. И точно е дека согласно чл.19 ст.2 од КЗ обидот се казнува исто, а може да се казни и поблаго, но ваквата констелација помеѓу овие два става на членот е просто-неодржлива. Финална грешка кај ова казнено дело е и двојната инкриминација во ст.5 од членот и чл.327 ст.3 од КЗ, каде станува збор за поинакви казни затвор во случај кога шпионажата била извршена за време на војна или непосредна воена опасност (под исти околности/ист објективен елемент). Имено, во првиот случај од чл.316 ст.5 од КЗ казната затвор изнесува најмалку 4 години казна затвор, а во вториот од чл.327 ст.3 од КЗ – најмалку 10 години казна затвор или доживотен затвор.

Слично казнено дело претставува и – Оддавањето државна тајна од чл.317 од КЗ. Законодавецот изгледа повторно направил збрка кога во став 1 од членот пропишал дека: „Тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или стори достапна државна тајна што му е доверена, ќе се казни со затвор од една до десет години“, а истовремено во став 2 од членот истата последица се казнува поблаго (од 1 до 5 години казна затвор) иако таму државната тајна не е затаена (откако претходно на сторителот му била доверена), туку прибавена на противправен начин, кое нешто може да значи и дека била украдена. Ова неправо е поголемо од затајувањето.

Сродни, пак, на политичките дела се казнените дела каде објект на заштита се вооружените сили. Збунува фактот што во таа глава XXIX од КЗ (Кривични дела против вооружените сили), во неколку членови од главата се споменува фразата: „потешки штетни последици“. Ова не е законска формулација и законодавецот во иднина ќе мора да изврши прецизирање на терминот и негово амандирање кон чл.122 од КЗ каде се наоѓа поимникот. Понатаму, законодавецот нелогично построго го казнува „Противзаконитото располагање со доверено оружје“ од чл.347 од КЗ, отколку „Кражбата на оружје или дел од борбено средство“ од чл.348 ст.1 од КЗ. Во првиот случај казната затвор изнесува од 6 месеци до 5 години казна затвор, а во вториот – од три месеци до 5 години казна затвор. Законскиот минимум е понизок во вториот случај, па оттаму и заклучокот за поблаго казнување. На крајот, казненото дело – Одговорност за кривично дело извршено по наредба на претпоставениот од чл.352 од КЗ не е комплементарно со казненото дело – Неизвршување и одбивање извршување наредба од чл.328 ст.3 од КЗ. Имено, во првиот случај „не се казнува потчинетиот ако стори кривично дело по наредба на претпоставениот, а таа наредба се однесува на службената должност, освен ако наредбата била насочена кон извршување на воено злосторство или друго тешко кривично дело или ако знаел дека извршувањето на наредбата претставува кривично дело“, а во вториот случај „ Нема кривично дело ако военото лице одбие да изврши незаконита наредба“. Значи ли тоа дека потчинетиот војник сепак не ќе биде казнет ако стори казнено дело по незаконита наредба која се однесува на службена должност, а не опфаќа сторување на меѓународно злосторство? Не постои комплементарност на овие два членови кога Законот дава „излез“ за неказнивост и на сторувањето и на одбивањето на една иста наредба.

Во случајот со едни други политички казнени дела – Тероризмот од чл.394 – б од КЗ и „Терористичката организација“ од чл.394 –а од КЗ, збунувачки е што законодавецот пропишал построга казна за чл.394 – б ст.5 од КЗ (најмалку 8 години казна затвор) каде постои договор помеѓу двајца да сторат тероризам или пак едниот да го повика другиот да се приклучи кон (терористичко) здружение, отколку за самото терористичко здружување регулирано со чл.394-а ст.2 од КЗ. Таму за припадниците на групата се казнува со затвор од 4 до 10 години.

Инаку овие казнени дела спаѓаат во глава XXXIII од КЗ, а во таа глава е симптоматично дека постои поблаго казнување кај казненото дело – Изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од чл.395 ст.1 отколку кај казненото дело – Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.1. Во првиот случај се „набавува“ оружје за кое сторителот знаел дека е наменето за извршување казнено дело, а во вториот случај набавката на оружјето (едно од дејствијата) е без таква умисла и предзнаење. Сепак, за првиот случај е предвидена казна затвор од 1 до 5 години затвор, а во вториот случај санкцијата е од 3 до 10 години казна затвор.

Во спрега со овие казнени дела мора да се спомене и казненото дело – Злоупотреба на хемиско или биолошко оружје од чл.407-б ста. 1 од КЗ (глава XXXIV – Кривични дела против човечноста и меѓународното право).

Тука станува збор за набавка на хемиско или биолошко оружје кое честопати е ОМУ (Оружје за масовно уништување), а кое сепак се казнува со мала казна затвор –од 3 месеци до 3 години, кој последен пример го поткрепува конечниот заклучок дека постојат бројни слабости на политиката за законското пропишување на казните кај политичките казнени дела…


Кратка биографија за авторот

Д-р Александар Маркоски дипломирал на Факултетот за правни науки „Јустинијан Први“, при УКИМ (1997-2003),

-Пост-дипломски студии на факултетот „Јустинијан Први“ во областа на казненото право и криминологија, на тема: „Застарувањето како казнено-правен институт“ на ден 27.12.2010 година,

-Докторски студии (2011-2018) со одбранета дисертација: „Казненоправниот треман на делата на омраза“,

Помлад асистент на „Европски Универзитет-Република Македонија“ во Скопје (2005),

Помлад асистент на „ФОН Универзитетот“, со ангажмани на казнено-правни, криминолошки и безбедносни предмети (2007-2009),

-Избран на функција – Јавен обвинител во Основното Јавно обвинителство во Скопје во 2009 година каде работи сè уште,

-Член на издавачката комисија на Здружението на јавни обвинители на Македонија-ЗЈОРМ (2010-2013),

-Раководител на одделот за имотни деликти при Основното Јавно обвинителство во Скопје (2015-2017).

-Предавач на почетни и континуирани обуки при Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Монографии:

-„КУЛТУРАТА НА ЗАСТАРУВАЊЕТО ВО КАЗНЕНОТО ПРАВО“, Магор, Скопје, 2014,

-„ЗА ПРОПОВЕДТТА, ОМРАЗАТА И СЛОБОДИТЕ-Дискурс кон казнените дела од верска омраза“, Авант прес, Скопје, 2017,

-„СРДБА И КАЗНА – Омнисциенција за криминалитетот од омраза“, Авант прес, Скопје, 2018.

53

ТАГОВИ: д-р Александар Маркоски јавен обвинител

Back To Top