skip to Main Content

Хелсиншки комитет: Пристапноста и натаму проблем за лицата со попреченост

    4
Хелсиншки комитет: Пристапноста и натаму проблем за лицата со попреченост

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија смета дека во однос на унапредувањето на животот на лицата со попреченост и остварувањето на нивните права Македонија направила најмногу во процесот на деинстиционализација, но дека и покрај сите заложби и натаму останува проблемот со пристапност, кој го попречува секојдневното движење и живеење на оваа група луѓе.

– Процесот на деинституционализација во 2018-та го имаше својот најголем развој почнувајќи од инклузивното изготвување, но и усвојувањето на новата Национална стратегија за деинституционализација 2018–2027 „Тимјаник” и нејзиниот Акциски план, со кои институционалното живеење конечно ќе започне да доживува трансформација кон социјални сервиси во локалната заедница. Со ова започна постепеното напуштање на институционалното живеење и префрлување на дел од штитениците во мали групни домови и згрижувачки семејства. Хелсиншкиот комитет го поддржуваше и ќе го поддржува овој процес и во иднина како најдобар и најхуман модел, се вели во соопштението од Хелсиншкиот комитет.

Во него се додава дека во поглед на пристапноста, иако биле преземени чекори кон зголемување на пристапноста во градот Скопје, лицата со попреченост не доживеале големи промени во останатите делови од државата.

-Ниската свест и незалагањето за овој основен проблем е евидентна во сите општини низ Македонија. Со непреземање на конкретни мерки за овозможување пристапност, општините го попречуваат секојдневното движење и живеење на оваа група луѓе. Непристапни остануваат дел од државните институции, училиштата, банките, културните објекти, улиците, сметаат од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму велат и дека лицата со попреченост остануваат да живеат во општество исполнето со бариери на чие отстранување мора поактивно да се работи. затоа, упатуваат апел за поголема заложба кон преземање на конкретни мерки со кои ќе се зголеми и подобри интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.

4

ТАГОВИ: лица со попреченост Хелшински комитет

Back To Top