skip to Main Content

Трибина: Каде затајува системот со насилството врз жените и домашното насилство

    0
Трибина: Каде затајува системот со насилството врз жените и домашното насилство

Во хотелот Best Western Hotel Turist, денеска се одржа Трибина против насилството врз жените и домашното насилство, организирана од Форум на жени на ДОМ, каде модераторот на настанот, пратеничката Маја Морачанин, во своето воведно излагање се осврна на фактот дека Собранието ја ратификуваше Истанбулската Конвенција што повлекува со себе носење на измени во повеќе закони.

На трибината прва говореше Санела Шкријељ, шефица на кабинетот на министерката за труд и социјална работа, која критички се осврна за центрите за социјална работа.

-Центрите за социјална работа се премногу оптоварени со административни работи наместо со основната дејност. Проблемот е системски, бидејки половина од вработените во Центрите за социјална работа не се со соодветно образование, а некои од центрите немаат ниту еден стручен тим. Центрите се преоптоварени со предмети, и недостигот на стручен кадар доведуваат до намален квалитет на работата на центрите. Министерството е во процес на носење на нов Закон за социјална заштита и отворање на канцеларија во секоја општина која ќе работи исклучиво административни работи, рече Санела Шкријељ, која надополни дека во изминатиот период воопшто не е инвестирано во кадрите во смисла на нивна едукација и специјализација.

Од Министерството за труд и социјална политика најавени се од август обуки за социјалните работници и нивно усовршување.

За крај изнесе негативен податок дека Македонија е земја со највисок процент на физичко дисциплинирање на децата од сите земји во регионот.

Во својот говор проф. д-р Антони Новотни, психијатар од клиника за Психијатрија, се надоврза на првиот говорник дека специјализација на кадрите е итно потребна и истата силно ја поддржува.

-Менталното здравје кај жртвите на семејно насилство е сериозно нарушено. Здравствениот систем доцна се вклучува во процесот, кога штетата веќе е направена. Кај жените штетата се манифестира најчесто преку депресија, а кај децата пак доведува до потенцијален нарушен развој. Постои и негативна пракса на несоодветно сместување на деца жртви на семејно насилство, со деца со други психијатарски состојби, рече проф. д-р Новотни, кој исто така се пожали дека на самата клиника за Психијатрија постои недостиг на кадри.

Од своето долгогодишно искуство проф. д-р Новотни смета дека жените жртви не секогаш пријавууваат семејно насилство што пак доведува до репетитивност. Кај овие жени најчести знаци како последици на семејното насилство се депресија и повлекување во себе. Дури и кога се доверуваат некому, инсистираат таа личност да не кажува никому.

Христа Најдов пак, адвокат и соработник во НВО ЕСЕ за семејно насилство, се согласува дека постои нестручност кај дел од кадрите кои ја третираат оваа сериозна проблематика.

-Обуката не смее да заврши тука, туку е потребна и обука на судии и обвинители по ова прашање. Во НВО ЕСЕ годишно се обраќаат по 365 лица за помош од семејно насилство. Како сериозен фактор за непријавување се стравот од околината и срамот од семејството, како и економската зависност на жртвите од насилниците, смета Христа Најдов.

Координаторката на Националната мрежа против насилство врз жени, Елена Димушевска, проблемот на непријавување на семејното насилство го детектира во недовербата на жртвите во институциите.

-Вкупен капацитет за легла за жртви на семејно насилство е само 35 во целата држава. Дополнителен проблем е што при постапување со жртвата не се прави процена на ризик. Националната мрежа одреден период ги поддржува жртвите преку Интервентиот женски фонд, но тој е недоволен. За таа цел Националната мрежа е во комуникација со општините во потрага по средства. Исто така е потребно и советувалиште за насилниците како мерка на превенција, рече Димушевска.

Психологот и новинар Јасмина Пакашки рече дека семејното насилство може да се детектира уште во Основното училиште, но недостигаат социјални работници.

-Семејното насилство може да се детектира уште во Основното училиште. Она што недостига во основните училишта е социјален работник, бидејки основните училишта се првата институција која треба да го препознае семејното насилство. Родителите не се секогаш кооперативни. Кај децата жртви на семејно насилство редовно се јавува воспитна запуштеност како последица на дисфункционалноста на семејството, вели Пакашки, која како сериозен проблем го наведе и тоа што се занемаруваат негативните ефекти од факторите медиуми и интернет.

Социјалниот работник за семејно насилство во ЦСР Скопје, Вера Николиќ говореше дека децата се најголемите жртви на семејното насилство.

-Најголеми жртви на семејното насилство се децата. Дел од жртвите сакаат да го сочуваат семејството и сакаат да се работи со насилникот.Насилниците можат да се обратат за помош во Центрите. Алкохолот како фактор е проблем, но тој често се занемарува, рече Николиќ која смета дека органите на прогонот затајуваат и не се доволно експедитивни.

0

ТАГОВИ: ДОМ Маја Мораанин семејно насилство трибина

Back To Top