skip to Main Content

Тома Фила: Кога политиката влегува во судница, правдата излегува од прозорец

    11
Тома Фила: Кога политиката влегува во судница, правдата излегува од прозорец

Нека овој наслов биде еден осврт за вчерашното право советување, симболично именувано „Duas partes“, кое се одржа во хотел „Континентал“, каде предавања одржаа врвни адвокати и судии.

Во првиот дел, кој беше наменет за граѓанското право, земаа учество судија Љубица Колиќ, судија при Основниот суд Скопје 2 Скопје, која на присутните во салата ги раскажа своите судски пракси поврзани со повредата на човековите права.

Судијата Колиќ говореше за темата насловена „Примена на принципите и праксата на ЕСЧП во постапките за граѓанска одговорност за клевета и навреда”, проблем кој е распостранет на глобално ниво.

Втора зема учество судијата Анита Бошкова, судија при Апелационен суд Скопје, која во своето излагање говореше на темата „Ништовност на договорите”, која истакна дека без добра волја не постои договор.

Во интеркативниот дел се вклучи и публиката која беше заинтересирана за клеветите, навредите кои ги шират новосоздадените портали, кои немаат импресум и се со фиктивни правни лица кои во судската постапка тешко се докажуваат, со што нерешливи се проблемите со повредата на угледот и човековите права на оштетениот.

Нималку интересна не беше ниту темата за „Ништовноста на договорите“ на која говореше судија Бошкова, која во излагањето истакна дека договорот е ништовен доколку се работи за договор склучен под присила, изнуда, закана итн.

Вториот дел од правното советување го започна белградскиот адвокат Тома Фила, кој преку шегобиен начин ги раскажуваше предметите со кои се соочил во својата богата адвокатска кариера. Адвокатот говореше за странките кои ги застапувал, во повеќето случаи за убијците кои ги бранел, како и за нужната одбрана која ја вложил во нивна корист.

Неговата поента од говорот кој го држеше на правното советување, впрочем е и самиот наслов на оваа вест.

По него зеде учество адвокат Јанаки Митровски, кој говореше за привилегираноста на јавните обвинители во судската постапка. Митровски се противи на тоа обвинителот да го има главниот збор во една судска постапка, а судиите без порекнување да го прифаќаат секој нивен предлог, како и да изрекуваат најстроги предлог мерки во случајов „мерка притвор“, како да се работи за мала санкција.

Во овој случај адвокатот се доведува во потчинета состојба, а треба да се напомене дека и адвокатот и јавниот обвинител се само странки во судските постапки.

Правното советување го заврши судијата Јани Нича, судија при Апелациониот суд во Скопје, кој предаваше на тема „Осврт на предвидените измени на ЗКП”, кој напомена дека  е невозможно да се следи текот на менување на законите, бидејќи речиси секој ден истите се менуваат.

 

11

ТАГОВИ: Duas partes правно советување

Back To Top