skip to Main Content

„Тежината“ на странките во кривичната постапка

    20

Согласно член 21 точка 8 од Законот за кривична постапка (ЗКП) странки во кривичната постапка се тужителот и обвинетиот. Согласно, пак, точка 7 од истиот член, тужители се јавниот обвинител (ЈО) и приватниот тужител. Оттаму, кога сè сака да се говори за „еднаквоста на оружјето“ на странките, во поглед на конструкцијата од чинители на двете страни треба да се сфати дека истите не се состојат само од еден субјект, туку дека се амалгами од два субјекти. Во случајот на тужителот, тоа се: јавниот обвинител и извршниот орган (и неретко – оштетениот), а во случајот со одбраната, тоа се обвинетиот и неговиот бранител – адвокатот. Инаку, уставни категории се и јавниот обвинител (чл.106 од Уставот) и адвокатот (чл. 53 од Уставот).

За да се добие впечаток за „големата слика“, најпрвин потребно е накусо да се даде увертира за самата постапка. Во повеќето европски казненопроцесни системи, па така и кај нас, тежината на судската постапка се префрла на јавното обвинителство, наместо врз судот, а со оглед на тоа што доказите пред судот можат да се изведат само еднаш. Ова е ефикасна постапка, бидејќи проверките и прибавувањата на доказите се прават уште во претходната постапка од страна на ЈО. Врз ЈО или тужителот паѓа и onus probandi (товарот на докажувањето). За да ги реализира овие цели, ЈО пак, зависи од правосудната полиција.

Покрај бројните традиционални начела во ЗКП, од типот на: Законитост и пропорционалност,  Законитост на доказите,  Објективност,  Слободна оцена на доказите, Акузаторност и официјалност и Легалитет на кривичното гонење, од аспект на прашањето за „еднаквоста на оружјето“ релевантно е засиленото начело на опортунитет кое го ужива јавниот обвинител. Сепак, со ова начело кое се заснова на „целесообразноста на гонењето“ и кое не значи самоволие од страна на ЈО, се дава привид дека јавниот обвинител се здобива со некаква предност во однос на одбраната, бидејќи оваа практика преточена во одлуката за одлагање на кривичното гонење (чл.43 од ЗКП) или одлуката за неповедување на кривично гонење (чл.44 од ЗКП), раѓа лепеза на одлуки токму во полза на обвинетиот и одбраната.

Јавниот обвинител раководи со истражната постапка и има обврска да собира докази кои ќе одат како на товар на осомничениот, така и во негов прилог, а ова особено се потенцира со чл.302 ст.6, како и чл.307 ст.8 од ЗКП кога ЈО помага на одбраната да биде повикан и испитан сведок кој претходно се спротивставил на повикот од бранителот. Ултимативно, за ваквото нешто не постои реципроцитет кај одбраната и е апсурд доколку би постоело, но ете уште една предност за одбраната.

Впрочем, истрагата не подразбира да има степен на контрадикторност како што е тоа главната расправа. Во релацијата со судот, очигледно е позиционирањето на ЈО под овластувањата на судот, бидејќи судот може да врши контрола врз законитоста на работењето на ЈО и во предистражните дејствија, по жалба на осомничениот (в. чл.290 од ЗКП). Доколку, пак, постоеле неправилности или одолжување на истражната постапка, согласно чл.301 ст.4 од ЗКП, одбраната може со поплака да се обрати до вишиот јавен обвинител. Во постапката пред судот, но и во истрагата, како сојузник на ЈО е поставен оштетениот кој дури може и да го надополни ЈО со укажување на факти и предлагање на докази.

Навистина, согласно и американската пракса, во ЗКП не постои обврска на ЈО да го информира осомничениот за поведувањето на истражната постапка (кое нешто е логично зашто во спротивно на пр. се губи смислата за постоењето на посебните истражни мерки), но постои обврска за негово информирање за завршување на истрагата, како и обврската на ЈО да го испита осомничениот непосредно пред да биде завршена истрагата, доколку тоа не го сторил претходно. Додека трае истрагата одбраната може да собира свои докази, а и да оствари увид во списите на ЈО, па и да бара нивен препис, а ова и доколку осомничениот сè уште не бил испитан. По завршувањето на истрагата одбраната може во рок од 15 дена да достави свои докази или да предложи ЈО да собере определени докази.

Преклузијата на докази рефлектирана во обврската на странките да достават листа на докази кое нешто особено се однесува на јавниот обвинител уште во фазата на оцената на обвинението од страна на судот, никаде во Законот не е изречно пропишана, туку напротив постојат неколку одредби од чл.394 каде што се споменува предлагањето на нови докази во дополнението на доказната постапка при главната расправа. Од овој аспект силите на странките се израмнети.

Имено, забелешката дека јавниот обвинител има привилегирана позиција е токму во неговата надмоќ да ги прибавува доказите. Навистина, ЈО располага со авторитет и инструменти за побрзо време да прибави докази од институции, правни лица во приватна сопственост или физички лица, а за бранителот, во реалноста тоа би се одвивало поспоро, дури и по интервенција и помош од судот (види чл.309 и чл.311 од ЗКП), но истото е оправдано поради самиот гореспоменат факт – дека ЈО е должен да достави листа на докази при поднесувањето на обвинението, а одбраната по своја диспозиција.

Пред дефинирањето на конечната листа на докази што ќе се изведуваат на главната расправа, на судот му стои на располагање и можноста да ги повика странките да дојдат во определен ден во судот за да ги образложат предлозите на докази што ги доставиле, односно поднесените приговори во однос на предложените докази од спротивната страна. Инаку формално, листата на докази може да претрпи измени во текот на главната расправа во случај ако обете странки се согласни некој доказ да не биде изведен, како и кога некоја од странките ќе го обнови предлогот за доказ што судот го одбил со образложено решение, согласно чл.347 ст.3 од ЗКП.

            На располагање на обвинетиот му се даваат права кои ја прават противтежата спрема ЈО, а тоа се: правото на правично судење, правото на судење во разумен рок, правото на преведувач односно толкувач и правото на оштета и рехабилитација. За обвинетиот важат Миранда правилата, како и загарантирано му е правото на увид во списите. Кај одбраната постојат: облигаторна, факултативна и одбрана за сиромашни. Адвокатот е „столбот“ на одбраната во кривичната постапка. Ако јавниот обвинител, кој има 3 функции: заштитна, гарантна и контролна, и со тоа е носител на материјалната одбрана, бранителот е носител на формалната одбрана.

Согласно чл.78 од ЗКП, бранителот е овластен во корист на обвинетиот да ги презема сите дејствија што може да ги преземе обвинетиот. Во ЗКП се озаконува неговата специјална положба. Во чл.182 ст.2 од ЗКП се наведува дека претрес на адвокатска канцеларија може да се преземе само во постапка против адвокатот, а пак во чл.191 ст.8 од ЗКП се наведува дека кога се врши претрес во адвокатска канцеларија во отсуство на адвокатот на кој таа му припаѓа, ќе се повика претставник на Адвокатската комора. По однос пак, на предметите што може да се одземат од обвинетиот, согласно чл.197, не може да бидат одземени писмените обраќања на обвинетиот спрема бранителот, освен ако обвинетиот доброволно не ги предаде. Одбраната може да води сопствени истраги. Ова нешто е во насока на примена на принципот на еднаквост на оружјето. Така, бранителот, сам или преку својот заменик или овластен приватен детектив може да прибира докази во форма на разговори со лица кои можат да изнесат околности корисни за целите на истражните дејствија (од разбирливи причини тој тоа не може да го стори со оштетениот како сведок). Сепак, во насока на постоењето на „бранителска истрага“, праксата покажа дека истата е реткост бидејќи бара големи финансиски средства со кои повеќето осомничени не располагаат.

И покрај тоа што во ЗКП не е изречно пропишано дека бранителот може да присуствува на сите истражни дејствија преземани од страна на ЈО, сепак Законот е јасен дека бранителот ќе може да присуствува на испитувањата на осомничениот и сведоците, на вештачењата, на увидот, а и покрај тоа што не е назначено, нему не му е забрането да присуствува и на претресите и на испитувањата на оние сведоци кои сам му ги предложил на ЈО. Согласно чл.79 ст.2 од ЗКП, пак, бранителот има право на увид и препис само од списите од истражните дејствија на кои одбраната може да присуствува. Согласно ст.1 од истиот член, бранителот има право на рагледување на сите списи и докази (Законот е тука очигледно конфузен, бидејќи „увид“ и „разгледување“ се тавтологија).

Под различни околности, Законот предвидува различни фази од постапката во кои мора да се вклучи бранител кој начелно, не мора да биде вклучен  во полициската постапка и постапката пред ЈО како дел од претходната постапка (освен кога станува збор за најтешките кривични дела). Задолжително е учеството на бранителот кога постои предлог на ЈО за притвор, како и во постапката за преговарање и спогодување (чл.74 ст.4), а бранителот може да ја иницира истата, што значи дека за него е дозволено учество во оваа постапка од самиот нејзин почеток.

Обвинетиот е пасивна страна во кривичната постапка. Како битен момент е фактот дека обвинетиот во почетокот на постапката мора да биде запознаен со неговите права, а доколку оваа обврска од страна на овластените службени лица се исполнува само вербално (доколку не му бил даден „Записник за поука и остварување на право на бранител и други права на повикано, приведено, задржано и лице лишено од слобода“), тогаш се можни пропустите. Времето како фактор е битно не само за организирање на одбраната во претходната постапка, туку и за фазата на главна расправа, па така согласно чл.348 ст.3 од ЗКП,  кој се надоврзува на чл.70, поканата од страна на судот мора на обвинетиот да му биде доставена најмалку 8 дена пред рочиштето за главната расправа.

            Резимирано, не може простум да се прифати дека постои еднаквост на оружјето, само поради фактот дека јавниот обвинител може да ги користи услугите на вештаците, а одбраната – услугите на стручните лица. Еднаквоста на оружјето како принцип провејува низ целата казнена постапка, па така и во најраната фаза по однос на прибирањето на доказите, кои пак доколку се материјални, најчесто спаѓаат не во доменот на правните науки, туку во доменот на криминалистиката.

Јавниот обвинител и адвокатот алегорично потсетуваат на дуелите помеѓу кафената гризли – мечка и бенгалскиот тигар. Јавниот обвинител е потромав и посилен, но адвокатот е поагилен и со пооштри канџи. Овој принцип, заедно со почитувањето на правото на правично судење се аксиомите за постоење на балансот меѓу силите.

Еднаквоста на оружјето во претходната постапка се огледува и во можноста на двете страни да прибавуваат докази од правни лица без оглед на нивната сопственичка структура, како и од државни органи и единици на локална самоуправа, при што заканата дека преку судот можат истите да бидат казнети парично доколку не бидат кооперативни и не го достават одговорот во рок од 30 дена, стои во располагање како на јавниот обвинител, така и на бранителот.

Се чини дека од аспект на оружјето, одбраната е во блага предност пред органите за кривичен прогон. Така институтите на враќање во поранешна состојба, поука за правата на неуката странка, забраната за менување на полошо, вонредниот правен лек – Барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда и beneficium cohaesionis се привилегија само на обвинетиот. Исто така, генерално е во полза на обвинетиот што пресудата не може да се темели само врз основа на исказ на загрозен сведок, прибавен со примена на одредбите за прикривање на неговиот идентитет, а кој сведок го предложува ЈО. Дури и во поглед на доказното рочиште постои ограничување за употребата на изведените докази при истото во понатамошниот тек на постапката, доколку на ова рочиште не присуствувал бранителот, и покрај тоа што притоа бил присутен обвинетиот. Како инструмент кој е манифестација на принципот на еднаквоста на оружјето е и приговорот против обвинителниот акт кој според ЗКП може да биде истакнат и од страна на обвинетиот и од страна на бранителот, па дури не постои пречка истите да поднесат и одвоени приговори против обвинението.

Во контекст на контрадикторноста на постапката, кое е едно од основните обележја на Законот, пропишано е дека во принцип, сите докази треба да се изведат во присуство на обвинетиот на јавна и главна расправа пред судот, со можност за спротивставување на аргументите и доказите. Така, освен во исклучителни ситуации, сведоците треба да се испитаат во присуство на обвинетиот на јавна главна расправа.

Со тоа, практично се затапува иницијалниот удар на јавниот обвинител кој го прави со собирањето вербални докази во тајната истрага, бидејќи овие докази, може да бидат лесно разнишани ако сведокот даде поинаков исказ на главната расправа. Вкрстеното испитување е директна рефлексија на принципот на еднаквост на оружјето. Истото својата генеза ја има во чл.6 ст.3 т.д од ЕКЧП: „Секој обвинет за казнено дело ги има минимум следните права…самиот да сослушува или да бара сослушување на сведоците на обвинението и да бара повикувањето и сослушувањето на сведоците на одбраната да биде под исти услови што важат и за сведоците на обвинението“. Значи секоја страна ќе може критички да се произнесе по наводите на другата страна, а пак за ова да биде ефектно, ќе биде потребно претходна подготовка од страна на јавниот обвинител и бранителот, при што поради комплексноста на испитувањата, исходот е сепак неизвесен.

Проблем сепак постои. Имено, по однос  на еднаквоста на оружјето во текот на главната расправа и за двете странки се дозволени наизменично да вршат директно, вкрстено и дополнително испитување на сведоците и вештите/стручните лица. Сепак, прашањата за сведокот на спротивната страна се ограничени и се однесуваат на прашањата кои претходно биле поставени во текот на директното испитување. Со ваквата одредба македонскиот законодавец ја прифатил т.н. „врзана варијанта на вкрстено испитување“.

За расправата да добие „флуидна“ форма, неопходни се измени во ЗКП по однос на напуштањето на рестриктивниот досегашен модел на вкрстено испитување, кое не треба да зависи од претходното директно испитување. Измените на ЗКП во оваа насока се очекува да бидат донесени годинава. Со овие измени ќе биде дозволено да можат да се поставуваат и контролни директни прашања од страна на страната која вкрстено испитува, а кои претходно не биле поставени од страната што го предложила за сведок. На овие нови директни прашања би следувале сугестивните прашања како одлика на вкрстеното испитување. На крајот треба да се додаде дека иако во ЗКП не е предвидено дополнителното вкрстено испитување, сепак судот треба да го дозволи истото, а кое нешто би било како во духот на чл.6 ст.3 од ЕКЧП, така и аналогија со други одредби од ЗКП, која е дозволена да се применува во процесното право.

Еднаквоста на оружјето и балансот во постапката се незамисливи доколку обвинетиот не го разбира јазикот на кој се води постапката. Преведувањето и толкувањето не се синоними и ако толкувањето веќе стана вообичаено во судската постапка, преведувањето всушност означува овозможување на одбраната, а посебно на обвинетиот да располага со списите од предметот и посебно со одлуките на надлежните органи на неговиот мајчин јазик. ЗКП, во чл.9 ст.3 експлицитно предвидува дека „органот што ја води постапката треба да овозможи усно преведување на тоа што лицето и другите го изнесуваат, како и на исправите и на другиот пишан доказен материјал.

Органот што ја води постапката ќе обезбеди писмено да се преведе пишаниот материјал што е од значење за постапката или одбраната на обвинетиот. Прашањето на задолжителната присутност на странките во судската постапка, согласно ЗКП е уредено на специфичен начин, бидејќи не постои рамноправност по однос на обврската на странките да бидат присутни на главната расправа. Од аспект на обвинетиот, дури ни ЕКЧП во чл.6 не дава некое ограничување за неговото задолжително присуство, туку регуларноста е задоволена сè дури обвинетиот е уредно поканет и известен за сите обвиненија против него од страна на судот, но доколку на лицето му била уредно врачена поканата за судење, а тоа намерно одбегнува да се појави на судење, неговото право на повторно судење може да се ограничи. Ваквото решение е пренесено во нашиот ЗКП (В. чл.456 ст.4). За судење во отсуство, ЗКП дозволува истото да биде сторено само тогаш кога обвинетиот е во бегство или кога е недостапен за органите на прогонот, а постојат важни причини за да му се суди во отсуство.

Одлуката за судење во отсуство ја донесува судскиот совет, на предлог на јавниот обвинител, а бранителот на обвинетото лице може да ја обжали истата во рок од 3 дена, која пак жалба, нема суспензивно дејство. Токму поради ваквите овластувања на бранителот, судењето во отсуство е оправдано, бидејќи во овој случај токму неговата улога се покажува како гарант за запазување на правата на обвинетиот. Исклучок од начелото на непосредност со одржување на главната расправа во отсуство на обвинетиот или бранителот, судот дозволува и ако според доказите очигледно би морала да се донесе пресуда со која се одбива обвинението.

Последици по основ на неприсуствување на главна расправа не се предвидени да има само за обвинетиот или неговиот бранител, туку истото е предвидено и доколку ЈО не присуствува на сите главни расправи, бидејќи сега дури и во скратената постапка е задолжително неговото присуство. Така судот може да го казни со парична казна во висина од 200 до 1.200 евра обвинителот, ако тој не дојде на рочиштето и не го извести судот за својата спреченост, доколку претходно бил уредно известен. Тука се наметнува иронијата дека македонското законодавство особено е расположено да ги изразува глобите и казните во конвертабилни валути (читај: евро), а пак, обврските на државата спрема граѓаните се сервираат со исплати во денари, но тоа е веќе друга тема.

Законот е пратење на европскиот тренд на прифаќање на акузаторната форма на кривична постапка. Погореспоменати констелации се факти кои говорат за постоечкиот баланс на силите. Единствената полу-издржана критика е делот од постапката кој е рецидив од минатото и мешаното – инквизиторна постапка, дека во фазата на жалба каде обвинението го застапува повисокиот јавен обвинител, одбраната нема еднаквост во оружјата, бидејќи не е однапред информирана и припремна за ставот и стратегијата на Вишото јавно обвинителство кои можат да бидат поразлични од оној на Основното јавно обвинителство. Јасно е дека оваа критика е неоснована поради „забраната за промена на полошо“ во оние случаи каде единствен жалител е одбраната, а пак ако е жалител ЈО, тогаш во реалноста какво и да е застапување на обвинението од страна на повисокиот јавен обвинител по жалба на понискиот јавен обвинител, подразбира поблаг третман на обвинетиот доколку помеѓу обвинителите од различен степен постоело разногласие во „строгоста“, оти во спротивно, доколку бил „благ“, основниот јавен обвинител не би се ни жалел.


Кратка биографија за авторот

Д-р Александар Маркоски дипломирал на Факултетот за правни науки „Јустинијан Први“, при УКИМ (1997-2003),

-Пост-дипломски студии на факултетот „Јустинијан Први“ во областа на казненото право и криминологија, на тема: „Застарувањето како казнено-правен институт“ на ден 27.12.2010 година,

-Докторски студии (2011-2018) со одбранета дисертација: „Казненоправниот треман на делата на омраза“,

Помлад асистент на „Европски Универзитет-Република Македонија“ во Скопје (2005),

Помлад асистент на „ФОН Универзитетот“, со ангажмани на казнено-правни, криминолошки и безбедносни предмети (2007-2009),

-Избран на функција – Јавен обвинител во Основното Јавно обвинителство во Скопје во 2009 година каде работи сè уште,

-Член на издавачката комисија на Здружението на јавни обвинители на Македонија-ЗЈОРМ (2010-2013),

-Раководител на одделот за имотни деликти при Основното Јавно обвинителство во Скопје (2015-2017).

Монографии:

-„КУЛТУРАТА НА ЗАСТАРУВАЊЕТО ВО КАЗНЕНОТО ПРАВО“, Магор, Скопје, 2014,

-„ЗА ПРОПОВЕДТТА, ОМРАЗАТА И СЛОБОДИТЕ-Дискурс кон казнените дела од верска омраза“, Авант прес, Скопје, 2017,

-„СРДБА И КАЗНА – Омнисциенција за криминалитетот од омраза“, Авант прес, Скопје, 2018.

 

20

ТАГОВИ: д-р Александар Маркоски јавен обвинител

Back To Top