skip to Main Content

Тевдовски: Преку инвестирање во подобри јавни услуги до одржлив развој

    5
Тевдовски: Преку инвестирање во подобри јавни услуги до одржлив развој

Македонија е прва земја во регионот која ќе воведе гарантиран минимален приход, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на Годишните средби на ММФ и Светска банка. Министерот обраќајќи се на панел од високо ниво, посочи дека одржлив раст може да се постигне само преку вложување во подобар живот за граѓаните, односно преку подобар систем на социјална заштита, подобро образование, здравство и јавни услуги.

Тевдовски посочи дека дека приоритет на македонската влада е членството на земјата во Европската Унија и НАТО. Оваа агенда предвидува подобрување на животниот стандард на граѓаните, владеењето на правото, еднаквоста, квалитетен образовен и здравствен систем. Овие политики се во насока на исполнување на Глобалните цели за одржлив развој.

-Еден од првите чекори на Владата во 2017, беше да се зголеми минималната плата и тоа да се однесува на сите вработени. Подготвивме и сеопфатна реформа во системот на социјална помош и детска заштита. Еден од столбовите на оваа реформа е воведувањето на гарантиран минимален приход, со што сме прва земја во регионот со ваква реформа. Со поддршка на Светска банка работиме и на подобрување на системот на социјална заштита. Целта е социјалните трансфери подобро да се таргетираат кон ранливите групи. Исто така, ќе воведеме фер даночен систем. Сите овие мерки се во насока на намалување на нееднаквоста а со тоа постигнување на глобалните цели за одржлив развој – рече Тевдовски.

Тевдовски се осврна и на значењето на образованието во постигнувањето на одржлив развој. Тој рече дека целта на македонската влада е во наредниот период да се удвои бројот на деца во претшколско образование. Тевдовски истакна дека со Светска банка е потпишан нов проект кој ќе ја подобри покриеноста на предшколското образование, како и дека во Буџетот за 2018 се издвоени повеќе средства за повисоки плати за вработените во градинките. Исто така, изминатиот период изградени се и реконструирани 24 градинки, а во наредниот период планирано е интензивирање и на ова поле.

Министерот за финансии рече дека Македонија заедно со меѓународните партнери континуирано инвестира во подобрување на јавните услуги и комуналната инфраструктура. Со поддршка на Европската инвестициска банка се подобрува водоводната и канализациската мрежа, додека со поддршка на Европската Унија се градат пречистителни станици. Како што истакна министерот за финансии, земјата голема поддршка добива и од други меѓународни институции како Европската банка за обнова и развој, Светска банка и КфВ банката.

Министерот за финансии Тевдовски денес се обрати на настан од високо ниво во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка. На овој настан говореа и генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) Анхел Гурија, претседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Вернер Хојер, потпретседателот на Светска банка Махмуд Мохеилдин и познатиот професор по економија Николас Стерн.

Македонската делегација на Годишните средби е предводена од министерот за финансии Тевдовски и од гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. Предвидени се повеќе средби на делегацијата со високи претставници на Светска банка и ММФ.

5

ТАГОВИ: Тевдовски

Back To Top