skip to Main Content

Стереотипите базирани на фразата ,,понежен пол” не им се непознати на жените адвокати

    91
marta

Меѓу сѐ она што модерното време ни го носи е и фактот дека потешкотиите со кои жените – адвокати се соочуваат сѐ повеќе се намалуваат. Додека историјата бележи и периоди кога било тешко дури и да се замисли дека жена ќе се занимава со правна професија, денес тоа е реалност и жените сѐ повеќе и повеќе влегуваат во деловниот свет градејќи многу успешни кариери.

Иако процесот на еднавки права на жените успешно се одвива, сѐ уште има отворени прашања кои се однесуваат на родовата рамноправност како во секоја професија, така и во адвокатурата.

Што се однесува на законските и институционалните рамки неспорно е дека и на државно и на меѓународно ниво мажите и жените се целосно изедначени и забранета е било каква дискриминација по основ на родот и полот.

Во Република Северна Македонија во насока на родовата рамноправност постојат бројни закони и правила меѓу кои: Уставот на РСМ, Законот за еднавки можности на мажите и жените, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за работни односи, Законот за трговските друштва, како и Изборниот законик.

Не е ни потребно да се напомене колку меѓународната заедница преку разни акции и документи се залага за целосна рамноправност на мажите и жените во сите сфери. Така што во тој поглед ситуацијата и тоа како е подобрена споредено со минатите години, со тоа што ,,на хартија изедначувањето е целосно постигнато.

Но, ситуацијата е поразлична во пракса. Имплементирањето на законските одредби на моменти сѐ уште наидува на конзервативни и патријархални сфаќања.

Жените кои се занимаваат со адвокатура денес не толку често, но сепак се соочуваат токму со предизвици кои потекнуваат од таквите размислувања. Стереотипите базирани на фразата ,,понежен пол не им се непознати на жените адвокати.

Имено, за жал понекогаш соочени сме со сомнеж дека една жена заради нејзините особини како нежност и емоционалност ( кои патем се релативни ), потешко ќе може да се справи со сериозни судски предмети или тешко ќе води комплесни деловни преговори.

Уште постои процент на жени адвокати кои се почувствувале потценето без соодветно вреднување на нивниот труд, само заради родот.

Она што исто така е впечатливо како во светот така и кај нас е баланост меѓу приватниот живот и работата, кој ,,феномен изгледа како повеќе да се очекува од жените, а особено од успешните деловни жени, па и по ова прашање постојат предрасуди и несоодветни коментари кои зависно од личноста можат да влеат голема несигурност.

Мизогинијата и сексизмот исто така не се исклучени од адвокатурата што секако е нешто за кое уште сериозно треба да се работи со цел во иднина сѐ помалку и помалку да сме сведоци на таквите појави.

Ваквите негативни дејствија уште пожално е што не потекнуваат само од мажи, туку и од жени. Добрата вест за сето ова е што денес ваквите појави се сѐ поретки, а лошата вест е што сѐ уште постојат.

Во ова модерно време, секоја жена со труд, посветеност и љубов кон она што го работи може да постигне сѐ и сешто. Конкретно во адвокатурата, ниту мажите, ниту жените немаат карактеристики што комплетно ги прават подобри или полоши во својата работа.

Секој успех или неуспех е резултат на работа, знаење, умешност и посветеност. Во канцеларија, на деловен состанок, во судница важно е да постои соработка и да има работна култура, а денес за волја на вистината тоа е и една од поважните вредности кон која сите кои се во светот на правото треба да се стремат.

За ситуацијата да биде уште подобра потребно е секој да придонесе за промоција и зајакнување на потребата за вклучување на жените не само во адвокатурата, туку и на било кое работно место. И самите жени потребно да се охрабруваат една со друга и да си бидат ,,ветер во грб, а не ,,сопка на патот.

Во ова време на безгранични можности, борбата за рамноправност на мажите и жените адвокати освен со зборување и укажување на проблемите, треба да се одвива и преку работа и докажување на своите потенцијали како не би дозволиле сите деградирачки моменти базирани на родова основа да нѐ обесхрабрат, затоа што обесхрабрувањето на жените адвокати, значи обесхрабрување на половина од вкупниот број на адвокати во нашата земја.

И повторно, единствени единици мерки за успешен адвокат се работата, трудот, знаењето, посветеноста и желбата да се помогне, а во тоа жените адвокати и тоа како испишуваат инспирирачки и мотивирачки приказни.


Кратка биографија за авторот

Mарта Гусар формира своја адвокатска канцеларија во 2013 година. Од 2007 до 2013 година е вработена во Адвокатска канцеларија.

По формирањето на своја адвокатска канцеларија нејзиниот фокус е заштита на жени жртви на семејно насилство, како со правно советување, така и со правна заштита пред сите надлежни органи и судови.

По ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството против жените и домашното насилство својата правна заштита ја насочува и кон заштита на жените жртви на родово базирано насилство и домашното насилство, со директна примена на Конвенцијата и Законот за заштита  превенција од семејно насилство.

91

ТАГОВИ: адвокат Марта Гусар професија

Back To Top