skip to Main Content

Со полициска придружба пристигна Јанева во Кривичен

    5
Со полициска придружба пристигна Јанева во Кривичен

Во 10 часот почнува судењето за случајот со кодно име „Рекет“. Бојан Јовановски – Боки 13, ексшефицата на СЈО Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец ќе седнат на обвинителна клупа во скопскиот Кривичен суд.

Непосредно пред почетокто на судењето се појави поранешната специјална обвинителка, пропратена со полициска придружба, видно ослабена, но дотерана.

Јовановски ќе биде спроведен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, додека Јанева и Милески ќе бидат донесени од нивните живеалишта во Скопје каде што издржуваат куќен притвор.

Тројцата треба да се произнесат во однос на обвинението за „Рекет“ – неизвесно е дали тие ќе ја признаат вината или ќе го отфрлат обвинителниот акт на тимот од Обвинителството за гонење  организиран криминал и корупција, предводен од шефицата Вилма Русковска. Агендата за судскиот процес е набиена и веќе се закажани четириесетина рочишта во наредните три месеци.

Случајот „Рекет“ се отвори во јули годинава, кога Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец беа уапсени и завршија во притвор, а на Милески подоцна му беше определен куќен притвор.

Во август беше уапсена и Катица Јанева, под сомнеж дека таа прибавила значителна имотна корист за да му ја олесни состојбата на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во случајот „Империја“.

На Јанева, минатата недела од истражниот затвор во Шутка, каде се наоѓаше во притвор три месеци, и беше изречена мерка куќен притвор од каде полицијата ја спроведува во Кривичен.

Како што соопшти Јавното обвинителство, првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание”. Второобвинета Јанева се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”.

Предметот„Рекет“ се отвори откако бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“ на СЈО, пријавил дека Јовановски и Милески му барале рекет, а тој им дал 1,5 милиони евра – пари со кои наводно ексшефицата на СЈО Катица Јанева требало да ја олесни неговата положба за случајот за кој тој е осомничен – притворот да му го замени со домашен, да му го врати пасошот и, конечно, да му донесе слобода.

За ова, во јавноста беа прикажани видеоснимки на кои се гледа како двоецот Јовановски – Милески ги земаат парите во скапа чанта „Луј Витон“ од домот на Камчев. На снимките што ги објави италијанскиот весник „Ла верита“ можеше и да се чуе и како Јанева вклучена на звучник од телефон разговара со осомничениот бизнисмен Камчев и го убедува дека „сè ќе биде во ред“.

Во рамки на случајот „Рекет”, Обвинителството отвори нова истрага која се однесува на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција информира дека истрагата за „Рекет” е проширена, односно донесена е наредба за спроведување истражна постапка против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама” и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”.

5

ТАГОВИ: Кривичен суд рекет

Back To Top