skip to Main Content

Сенада Сали: Во затворите постои пракса на труење со метадон на затворениците Роми

    60
Сенада Сали: Во затворите постои пракса на труење со метадон на затворениците Роми

Во затворите низ Македонија постои пракса на труење со метадон на затворениците Роми и ненавремено укажување на медицинска помош, со цел прочистување на организмот на отруениот затвореник со опоиден антагонист, што доведува до состојба на смрт, парадоксално на сето ова, вели за ЈанакиЗнае правникот Сенада Сали, е што во ниту еден од случаите кои ги застапува, починатите лица не се воделе како корисници на метадонска терапија пред и за време на нивниот престој во затворот. Прекумерна употреба на сила и полициска бруталност врз Роми, нечовечки третман на Ромите во затворите, домовите и корективните центри, говор на омраза и дела сторени од омраза кон Ромите, сегрегација во образованието, се најчеста проблематика на предметите кои ги застапува оваа адвокатка која работи во Европскиот центар за права на Ромите.

ЈанакиЗнае: Почитувана Вие сте првата Ромка која работи како адвокат во Европскиот центар за права на Ромите, за почеток, запознајте не со професионалниот дел од Вашиот живот, како течеше Вашето образование и кариера?

Сенада Сали: Првата, а наедно и единствената, бидејќи сите други мои колеги правници не се од ромска етничка припадност. Станува збор за меѓународна правна организација која исклучиво се занимава со заштита на правата на Ромите преку стратешко застапување пред судови низ цела Европа, вклучувајќи ја и Република Македонија. Патот до оваа позиција не е ни малку лесен за една млада девојка од ромска етничка припадност која никогаш немала моќна финансиска позадина и привилегиран статус, земајќи го во предвид фактот дека потекнувам од семејство на самохран родител. Моето стручно правно образование го започнав во средното економско-правно училиште во Тетово, каде бев ученик на генерацијата неколку години по ред. Во академската 2012/2013 дипломирав на Правниот факултет Јустинијан Први, по што решив да ја напуштам Македонија со цел да се дообразувам во странство. Пред три години успеав успешно и со највисоки почести да ги завршам магистерските студии на универзитетот ЦЕУ во Будимпешта. Морам да напоменам дека целокупното мое образование беше поддржано од стипендиите на ромскиот Образовен фонд од Будимпешта и Институтот отворено општество. Веднаш по магистрирањето на ЦЕУ започнав со приправништво во ЕЦПР. За период од една година бев унапредена на позицијата на која работам и денес. Дополнително, покрај работните обврски последнава годинава успеав да го комплетирам и вториот мој мастер, на катедрата по Уставно право на Правниот факултет во Скопје.

ЈанакиЗнае: Била ли Вашата етничка припадност пречка, или можеби предност во текот на Вашето образование или кариера?

Сенада Сали: Лично сметам дека тоа што сум Ромка е нешто со кое треба да се гордеам јас и сите останати Роми, но за жал нашата култура, јазик, историја се нешта за кои многу луѓе немаат ниту основни познавања. Токму поради таквите не познавања сме честа мета на предрасуди, стереотипи, а неретко и дискриминација. Во текот на моите студии честопати бев присутна на предавања на професори во кои Ромите беа профилирани на таков стереотипизиран начин: како крадци, измамници, постојани корисници на социјални бенефити, избегнувачи на оданочување и сл. Дури и дел од моите колеги имаа сосем поинаков пристап кон мене во моментот кога ќе слушнеа дека сум Ромка. Чувството беше ужасно… Но тоа за мене беше мотив плус да се посветам на учењето, со цел да го докажам спротивното. Истите тие денес се меѓу првите кои споделуваат информации за моите случаи. Сепак, факт е дека колку и да е Ромката/Ромот учен, во очите на мнозинството секогаш останува “Циган/ка”. Морам да напоменам дека имаше и такви професори кои се восхитуваа на секој мој есеј, испит и аргумент за време на предавањата. Професорката Гордана Силјановска, која ми е особено драга, е една од нив. Во однос на кариерата, фактот дека сум првата и единствена жена Ромка која работи на позиција правник во ЕЦПР говори доволно за тоа колку е лесен патот да се стигне дотаму.

ЈанакиЗнае: Кои теми и проблеми најчесто ги таргетирате во Европскиот центар за правата на Ромите?

Сенада Сали: Главната проблематика со која се занимава организацијата е институционалниот расизам и дискриминацијата со која се соочуваат Ромите при пристапот до права. Случаите на кои секојдневно јас и моите колеги правници работиме се однесуваат на нееднаквиот пристап до здравствени услуги и репродуктивни права, дискриминација во пристапот до вода и електрична енергија, ромската апатија, прекумерна употреба на сила и полициска бруталност врз Роми, нечовечки третман на Ромите во затворите, домовите и корективните центри, говор на омраза и дела сторени од омраза кон Ромите, присилни иселувања на неформални ромски заедници, сегрегација во образованието. Темите постојано се зголемуваат зависно од сферите во кои нотираме појава на одредена повторлива шема (паттерн) на институционален расизам и дискриминација кон Ромите во различните држави во кои работиме.

ЈанакиЗнае: Дали по Ваша субјективна проценка, сосотјбата на Ромите бележи напредок, стагнира или можеби регресира?

Сенада Сали: Ќе говорам конкретно за состојбата во Македонија, бидејќи не би можела да дадам таков генерален заклучок за состојбата на Ромите во Европа. Од аспект на свесноста за своите права, би рекла дека постои одреден напредок благодарение на работата на невладиниот сектор, но и младите активисти и правници Роми кои несебично го пренесуваат знаењето во заедницата. Токму ваквиот напредок доведе до тоа во последните 3-4 години во Република Македонија се повеќе Роми да ја имаат храброста да покренат судски постапки во однос на остварувањето на своите права.  Воедно, значајно е да се напомене дека во оние сфери во кои ЕЦПР се почесто превзема правни мерки, односно нуди правна помош на жртвите на конкретните злоупотреби пред домашни и меѓународни судови бележиме поголема одговорност од страна на државата и позитивен тренд во однос на напредок во елиминирање на проблемот. Пример за тоа се случаите со враќање на Ромите од границите која пракса во последната година е значајно намалена токму поради бројот на поднесени судски тужби од страна на жртвите пред домашните и меѓународни судови.

ЈанакиЗнае: Алармиравте за повеќе случаи на расна сегрегација на македонските граници, односно случаеви кога на граѓани на Македонија-етнички Роми им беше забранет излез од државата без никакво образложение. Се клонираат ли овие случаи и во 2018 година?

Сенада Сали: На оваа проблематика ЕЦПР работи уште од самиот почеток. За дел од случаите веќе имаме добиено позитивни пресуди пред домашните судови и оштетените лица имаат добиено компензација од државата. За друг дел добивме негативни пресуди или пресуди од чиј исход сме незадоволни, па истите ги обжаливме на домашно ниво и пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Бројот на вакви случаи во 2018 е значајно намален, но неспорен е фактот дека се уште постои таква негативна пракса, односно дека проблемот со расно профилирање на Ромите на границите се уште не е целосно искоренет и покрај тоа што новата политичка гарнитура вети дека ќе се залага да се стави крај на истиот.

ЈанакиЗнае: Само во последнава година имаше неколку случаи на затвореници Роми кои починаа во македонските затвори. Официјалната причина е речиси идентична кај сите-предозираност. Ромите се особено љубители на наркотици, или сепак се работи за нешто сосема друго?

Сенада Сали: Нашите сознанија стекнати од застапувањето на вакви случаи, е дека во затворите низ Р.М. постои пракса на труење со метадон на затворениците Роми и ненавремено укажување на медицинска помош со цел прочистување на организмот на отруениот затвореник со опоиден антагонист, што доведува до состојба на смрт. Станува збор за лица кои воопшто не биле евидентирани како зависници од дрога или алкохол ниту при прием во установата, ниту во текот на издржување на казната затвор, а ненадејно починале од предозираност внатре во установата. Затворските служби негираат одговорност со објаснување дека станува збор за случаи на самоубиства со користење на метадон обезбеден/купен од нелегални извори внатре во затворите, најчесто преку задржување во уста на метадонот од страна на затворениците кои се на метадонска терапија, но примената дневна доза наместо да ја голтнат, ја истураат во пластична амбалажа и ја препродаваат. Сепак во ниту еден од случаите кои ги застапуваме починатите лица не се воделе како корисници на метадонска терапија пред и за време на нивниот престој во затворот. Поради тоа, ЕЦПР вината ја лоцира во затворските надзорни служби кои се должни да водат сметка за тоа што се внесува и изнесува од затворот и во медицинскиот персонал кој треба брзо и навремено да реагира со цел спречување на трагични последици. Поголемиот дел од постапките кои ги покренавме на домашно ниво завршија неуспешно поради тоа што ЈО неправилно проценил дека не станува збор за дела кои се гонат по службена должност туку за самоубиства, па токму поради тоа се обративме до Европскиот суд за човекови права. Значајно е да се напомене дека во дел од случаите на роднините на починатите и на нас како нивни застапници воопшто не ни беа доставени обдукциските наоди и покрај повеќекратните ургенции. Факт, што дополнително го зголемува сомнежот за вистинските причини за смрт на овие лица.

ЈанакиЗнае: Како државата да се справи со дивите населби кои никнуваат во урбаните средини. Рецептото на државните/градски власти е добро познат- рушење на дивите населби и дислокација, но што потоа?

Сенада Сали: Најголем дел од неформалните населби во кои живее ромско население не никнале преку ноќ, туку постојат со години наназад  како последица на маргинализираноста, социо-економската загрозеност и бездомноста меѓу Ромите. Таков беше и случајот со Ромите под Кале, каде има бездомни семејства кои над 10 години живеат на таа локација. Начинот на кој долгорочно се решава ваквата проблематика, е преку донесување и спроведување на фер и правична политика на домување која има за цел  итно да обезбеди кров над глава токму на најранливи бездомни семејства. Во однос на решавање на случаите на насилно рушење на цели ромски населби, постојат регулативи и стандарди на европско и меѓународно ниво за како тоа се прави. Најнапред членовите на заедницата треба навремено да бидат известени за решението, дека треба да биде спроведено рушење и истите да имаат можност таквото решение да го обжалат. Пред рушењето, властите треба да понудат соодветно алтернативно сместување за членовите на заедницата, а не нивно оставање на улица. И последно, но не помалку важно, последиците од рушењето треба да се пропорционални на исходот кој треба да се добие од истото. Овие три стандарди најчесто не се запазени при евакуација на ромските населби и токму поради тоа денес се соочуваме со голем број бездомни лица, од кои најголем број малолетни деца под 10 години кои се оставени на улица на ниските зимски температури, со цел изградба на фамозен капиталистички проект од типот на планираниот Барок Хотел на кејот на Вардар.

ЈанакиЗнае: До каде сте со предметот кој го водите за Ромите иселени од полигонот под Кале?

Сенада Сали: Се уште се во тек неколку постапки на домашно ниво, а случајот е поднесен и пред Европскиот суд за човекови права (http://hudoc.echr.coe.int/eng?i=001-167970) од каде во секое време очекуваме пресуда.

ЈанакиЗнае: Минатата година бевте еден од подносителите на кривична пријава против актерката Ирена Ристиќ поради наводно ширење на омраза кон Ромската популација. Дали од оваа временска дистанца сметате дека можеби избрзавте со пријавата, и дали би биле искрена дека во тој предмет дозволивте емоциите да ве водат? Тоа е барем мојот впечаток….

Сенада Сали: Не би го коментирала тој случај бидејќи кривичната постапка е се уште во тек.

ЈанакиЗнае: Дали подржувате легализација на канабис во рекреативни цели?

Сенада Сали: Апсолутно. Сметам дека опасностите кои канабисот и некои слични билки ги носат се преувеличени наспроти нивните бенефити. Најголемата последица од ваквиот пристап е виктимизација на луѓето кои истите ги користат.

ЈанакиЗнае: Каде се гледате професионално во иднина? Европски центар за права на Ромите, самостоен адвокат, судија или можеби во правец кој не е поврзан со правото?

Сенада Сали: Моментално сум комбинација од неколку нешта заедно. Во ЕЦПР сум потребна повеќе од кога било, а напоредно се обидувам и самата да се остварам како адвокат со своја канцеларија во Македонија. Оваа година како резултат на мојот правен активизам, а особено пред придонесот во разоткривање на случаите со сексуална злоупотреба на малолетните девојчиња од домот 25 Мај , ми беше доделена и наградата за граѓанско учество во Македонија, па наедно сум ангажирана и како обучувач за човекови права при УСАИД. Премногу сум амбициозна за да се фокусирам на едно нешто во овој период. Но да речеме за од прилика 10 години себеси се гледам како судија во Европскиот суд за човекови права. Зошто да не.


Кратка биографија за соговорникот

Сенада Сали – Меѓународен правник за човекови права, феминист и организатор на заедницата од Република Македонија.

Во моментов работи за меѓународна правна организација со седиште во Будимпешта- Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР).

Добитничка е на наградата на младинско учество на УСАИД Македонија, течно говори и работи на 7 јазици.

Застапува случаи на злоупотреба на правата на припадниците на ромската заедница во Европа пред Европскиот суд за човекови права, национални и меѓународни судови.

60

ТАГОВИ: правник Сенада Сали човекови права

Back To Top