skip to Main Content

Секвенци од „супервештачењето” за малиот Давид: Виновен бидејки поминувал на пешачки!

    15
Секвенци од „супервештачењето” за малиот Давид: Виновен бидејки поминувал на пешачки!

Во прилог Ви презентираме секвенци од супервештачењето, ако така може воопшто да се нарече, а кое е изготвено од тројца професори на Техничкиот факултет во Битола, а се однесува на сообраќајна незгода во која згасна млад живот.

Имено, како и наведено во вештиот наод, и вештото лице кое го презентираше вештиот наод пред судот, вината за настанатата сообраќајна незгода ја лоцираат кај 12- годишниот  Давид, иако истиот ја поминувал „Илинденска“ на ОБЕЛЕЖАН ВЕЛОСИПЕДСКИ ПРЕМИН!

Во конкретната сообраќајна незгода, обвинетата Маја Лукаревска во услови на жолто трепкаво светло и густ сообраќај наишла на пешачкиот премин со брзина од 43 километри на час. Вон материјалните докази, вон Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, вештите лица си ИЗМИСЛУВААТ дека „Илинденска“ е под т.н. Зелен бран и тоа е клучната причина зашто ја префрлаат вината на малолетното дете.

Ова тврдење, иако клучен навод, не е поткрепено со материјален доказ. Имено, зелен бран се означува со знак на кој е впишана брзината со која треба да се движи учесникот во сообраќајот за да го извози зелениот бан без пречки. Во конкретниот случај на кобниот ден таков поставен знак нема!!

Кристално е јасно дека единствената цел и мотив на вештите лица е да помогнат да се избегне кривичната одговорност на обвинетата со измислување зелен бран кој НЕ ПОСТОИ, бидејки во спротивно правното лице задолжено за сообраќајот задолжително поставува знаци по должината на зелениот бран. Законот во овој дел е јасен и член 187 вели „Јавните патишта се обележуваат со пропишани сообраќајни знаци, со кои на учесниците во сообраќајот им се соопштуваат ограничувања, забрани и обврски”, додека став 4 од истиот член пропишал глоба доколку не се постапи по став 1 „На правното лицe надлежно за одржување на патот кое постапува спротивно на одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член, ќе му се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност.”

Самиот факт што не е поставен знак е доказ дека нема зелен бран, додека отсуството за казна за Улици и Патишта јасно докажува дека таква обврска воопшто нема туку вештите лица си ја измислуваат. За жал судечкиот судија, Софија Лаличиќ не ги дозволи прашањата на адвокат Јанаки Митровски кој е застапник на оштетената мајка, поврзани со зелениот бран од само за неа познати причини.

Учесникот во сообраќајот во овие околности е обврзан со повеќе законски одредби од ЗБЗСП и тоа член  19 (1) „Возачот е должен да обрне внимание на пешаците кои се наоѓаат на коловозот или кои започнале да чекорат по коловозот. (2) Кога приоѓа кон обележан пешачки премин, возачот е должен да управува со возилото и да вози со таква брзина што овозможува во случај на потреба да го запре возилото пред пешачкиот премин”.

Член 33 (1) „Возачот е должен брзината на движењето на возилото да ја приспособува кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, на начин да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадените услови може да ја предвиди.”

Член 42 (1) „Возачот кој се приближува до крстосница, е должен да вози со зголемена претпазливост која им одговара на условите на сообраќајот на крстосницата.”

Член 43 (3) „Жолтото трепкаво светло ги обврзува сите учесници во сообраќајот да се движат со зголемена претпазливост.”

Член 61 (1) „Возачот е должен да употреби звучен знак за предупредување кога тоа го бараат причините на безбедност на сообраќајот, а особено: – на пат надвор од населено место, заради предупредување друг учесник во сообраќајот дека сака да го престигне или обиколи, ако би постоела опасност кога тој знак не би бил даден, да дојде до сообраќајна незгода; – ако покрај коловозот се наоѓаат лица (деца, лица со посебни потреби, возрасни лица и слично), кои не обрнуваат внимание на движењето на возилото”

Член 122(3) „Ако на обележаниот пешачки премин сообраќајот не е регулиран со уреди за давање светлосни сообраќајни знаци, ниту со знаци на полициски службеник, возачот е должен кон таквиот пешачки премин да се доближува со доволно умерена брзина и да го запре своето возило за да ги пропушти и да не ги загрози пешаците кои стапиле или кои стапуваат на пешачкиот премин.”

Сите овие законски одредби се јасни и врз основа на нив одговорноста е на страна на обвинетата. Со јасна цел, вештите лица повторно и во однос на брзината измислуваат непостоечки законски одредби.

Имено постои дистинкција помеѓу дозволена (60 км/h во тоа време) и безбедна брзина (брзина која е прилагодена на условите на сообраќајот). Вештите лица си измислија некаква „препорачана” брзина каква што законот не препознава, и која наводно била 10 отсто помала од максимално дозволената, со што ја лоцираат на 55 км/h и ја сместуваат брзината на обвинетата од 43 км/h во рамки на дозволената.

Ова е ноторна невистина. Не постои никаква препорачана брзина. Ниту пак безбедната брзина е фиксно одредена туку видно од погоре цитираните законски одредби брзината треба да се прилагоди на околностите во сообраќајот, а кои во моментот на незгодата биле жолто трепкаво светло, густ сообраќај и наближување на крстосница со обележан пешачки премин.

Следното рочиште ќе се одржи на 06.05.2019 година 12.00 часот кога ќе се гледаат снимките од безбедносните камери.

 

15

ТАГОВИ: Давид сообраќајка

Back To Top