skip to Main Content

Санела Шкријељ: Продолжуваме да се бориме против сиромаштијата која ги намалува шансите за пристоен живот

    137
Санела Шкријељ: Продолжуваме да се бориме против сиромаштијата која ги намалува шансите за пристоен живот

Министерството пред кое многу често, како активистка од невладиниот сектор, протестирала, сега е место каде несебично ги продолжува своите заложби, на што е исклучително горда. Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, во интервју за „ЈанакиЗнае“ говори за приоритетите на министерството за труд и социјална работа, во евентуален мандат 2020-2024, а меѓу нив е и носењето на нов Закон за работни односи, кој ќе ги почитува европските стандарди, кој ќе ги унапредува работничките права, слободата на здружување на работниците и социјалниот дијалог.

Феминистката Шкријељ истакнува дека економското јакнење на жените е клучно за родовата еднаквост. Таа потсетува на фактот дека во 2017 година минималната плата изнесуваше 9.000 денари. Меѓудругото, за моменталната состојба со коронавирусот, вели дека покрај здравствените ризици, корона вирусот донесе и еднакво големи предизвици за светската економија, а домашната економија, исто така, нема да остане имуна на последиците.

ЈанакиЗнае: Минатата година се донесе Законот за заштита и спречување на дискриминација.Дали новиот закон ги инкорпорираше сите Ваши заложби како mинистерство?

Санела Шкријељ: Усвојувањето на овој закон за нас беше победа за сите граѓани и еднаквоста. Заложбата на Министерството беше, не само да се изготви закон усогласен со ЕУ директивите и меѓународните стандарди, туку навистина да овозможува еднакви права за сите и ефикасна заштита од дискриминација. Со овој закон се овозможува еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на Република Северна Македонија. Новиот Закон, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја прошири заштитата од дискриминација кон оваа група на граѓани. Законското решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и правата на човекот и граѓанинот.

Процесот на подготовка на Законот беше транспарентен и беа вклучени сите засегнати страни, како домашни невладини организации, меѓународни организации и институции. Исто така, Законот за спречување и заштита од дискриминација има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обединетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР.

Ние веруваме дека државата, со ова ново законско решение, прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права. Министерството, во соработка со Националното координативно тело за недискриминација, започна со активности во насока на ефикасна имплементација на законот.

Она што останува како итен приоритет за следниот собраниски состав е да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати кои мора да бидат професионални, независни и навистина да делуваат како бранители на еднаквоста на сите граѓани.

ЈанакиЗнае: Во претходниот закон како дискриминаторски основ беше изоставена сексуалната ориентација. Имајки ја предвид идеолошката определба на претходната власт, дали ова беше интенционално?

Санела Шкријељ: Претходната власта беше цел на критики и на сите граѓански организации кои се залагаат и се борат за еднаквост, но и на Европската комисија поради изоставањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основа за дискриминација во претходниот закон. Кога новиот предлог-Закон за спречување и заштита од дискриминација беше во собраниска процедура, од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ беше квалификуван како проблематичен и со месеци се одолговлекуваше неговото носење, токму поради вклучувањето на овие два основи за дискриминација. Новиот закон е прогресивен чекор напред во превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани.

ЈанакиЗнае: Мобингот во Македонија исклучително тешко се докажува, правосилните пресуди се реткост. Би се согласиле ли дека законски предвидениот рок од шест месеци континуиран притисок е предолг и треба да се намали?

Санела Шкријељ: Рокот од шест месеци навистина претставува пречка во докажувањето на мобингот и ова го имаме предвид при подготовката на новиот предлог текст на Законот за работни односи. Министерството минатата година изготви анализа за имплементација на Законот за заштита од вознемирување на работно место или познат како Закон за мобинг и утврди повеќе недостатоци во насока на ефективна заштита од мобинг. Токму затоа веќе се работи на измени на овој закон кој ќе биде доставен на усвојување на следната влада.

ЈанакиЗнае: Мештаните од село Визбегово остро реагираа на отварањето групен дом за деца со проблематично однесување во нивното село. Ги надминавте ли овие проблеми и што е по Вас катализаторот на негодувањата?

Санела Шкријељ: Дел од жителите на населеното место Визбегово реагираа негативно на отворањето групен дом за деца со нарушено поведение во нивната заедница. Такви ситуации имавме и на други места кадешто отворавме групни домови за други целни групи, но веројатно првичната реакција на жителите на населеното место Тимјаник во јуни 2017 година кон отворањето групен дом за деца со интелектуална попреченост одекна најсилно во јавноста.

Ваквите негативни реакции се предизвикани од недоволната информираност на граѓаните и, за жал, од фактот дека стереотипите и предрасудите кон одредени маргинализирани групи се сè уште силни кај дел од нашите сограѓани. Одредени поединци реагираа и кога отворавме групен дом за бебиња и деца до три години во нивната средина. Оттука, нам и понатаму ни е потребна широка општествена акција за да ги зајакнеме вредностите како толеранција, солидарност и прифаќање на различност. Ставот „само да е подалеку од мене и од мојата средина“ е само неуспешен обид да се излажеме себеси дека не стигматизираме и не исклучуваме. Тоа е вистинскиот проблем.

Сепак, многу ми е драго дека со интензивна и отворена комуникација успеавме да постигнеме заедничко разбирање со соседите дека групните домови нема да го нарушат нивното секојдневие, нема да ја нарушат вообичаената динамика во нивната заедница. Нашите стручни работници вложија голем напор да воспостават добри соседски односи меѓу децата и лицата во групните домови, да помогнат да се запознаат како луѓе, како личности. Со време успеавме да им покажеме дека групните домови ги збогатуваат заедниците. Денеска во Тимјаник децата од блиското училиште играат во дворот на групниот дом и заедно слават родендени.

Групните домови се нова форма, нов модел на социјална грижа кај нас. Како општество,  за маргинализираните групи досега се грижевме преку големи, „сиви“, безлични институции кои и физички беа лоцирани надвор од заедницата, надвор од урбаните и руралните средини. Едноставно, „далеку од очите – далеку од срцето“. Искуствата и од други земји покажуваат дека вклучувањето на сегрегираните деца и лица назад во заедницата, единственото место кадешто може да се даде вистинска социјална грижа и поддршка, било дочекувано со негативни реакции од дел од населението. Но, тоа е патот што мора да го изодиме.

ЈанакиЗнае: Во Министерството дојдовте од невладиниот сектор. Впечаток ми е дека како полека да навлегувате посериозно во политиката и сте сè поангажирана во овој дел. Точен ли ми е впечатокот?

Санела Шкријељ: Во 2017 година ми беше укажана можност да бидам дел од тим кој треба да направи промени внатре во институциите и одеднаш министерството пред кое многу често сме организирале протести стана место во кое треба да продолжат моите заложби. Таа одлука е нешто на што сум најмногу горда во целиот свој досегашен ангажман. Заедно со Мила изградивме тим кој не само што верува туку и работи да се случуваат промени. И верувам дека можете да направите многу кога сте на местото каде се случуваат промените. Одлуката каде и во која форма ќе делувам, ќе продолжам да ја носам врз основа на проценката колку можам да се борам и придонесам, без да морам да правам компромиси со сопствените убедувања.

ЈанакиЗнае: Дали при подигање на минималната плата, беа пресметани евентуални ризици по компаниите? Имаме ли како држава податок за евентуално затварање на капацитети поради неможност на следење на растечкиот тренд на минималната плата?

Санела Шкријељ: Зголемувањето на минималната плата на 14.500 денари беше направено во дијалог со синдикатите, стопанските комори, организацијата на работодавачи и граѓанските организации. Тоа беше резултат на повеќемесечни консултации со сите засегнати страни. Заеднички беше утврдено дека ова е оддржливо ниво на минимална плата. Растот на минималната плата беше придружен со субвенционирање на придонесите од октомвриската плата, а минималната плата стартуваше од декември, што влијаеше на стабилизирање на компаниите и со што им беше олеснето законското зголемување на минималната плата. Овој концепт на субвенционирање беше по барање на бизнис-секторот, а Владата го поддржа, сметајќи дека со тоа се дава поддршка на бизнис секторот и истовремено се поддржува зголемувањето на минималната плата, како и на останатите плати за износ од 600 денари до 6.000 денари. Мерката даде одлични резултати, 119 илјади работници во 22 илјади компании земаат повисока плата како резултат на мерката за субвенционирање на придонеси на плати. Став и на бизнис секторот е дека ова ниво на минимална плата е апсорбирано.

Она со што актуелно се соочуваме сите во однос на настанатата состојба поради Корона вирусот е најважниот предизвик да го сочуваме јавното здравје. Покрај здравствените ризици, корона вирусот донесе и еднакво големи предизвици за светската економија. Таа трпи засега сè уште несогледливи негативни последици, а домашната економија, исто така, нема да остане имуна на последиците од корона вирусот и затоа Владата започна со мерки на заштита и поддршка на економијата и компаниите, но пред сè работниците, бидејќи без луѓе нема економија.

ЈанакиЗнае: Скопје, по сопствени активистички проценки, има околу сто постојани бездомници. Сметате ли дека Центарот за социјална работа можеби треба да бара и одземање на деловна способност и сместување во установа на дел од овие лица кај кои се развиени сериозни психички проблеми, што е секако разбирливо со оглед условите во кои живеат?

Санела Шкријељ: Секое одземање на деловната способност го оддалечува лицето самото да одлучува за себе, го оддалечува од можноста да биде реинтегрирано во општеството. Цел на новите политики за социјално вклучување што ги реализираме како министерство се процесите на ресоцијализација и реинтеграција, а не политиките на институционализација кои водат кон изолација, сегрегација и дискриминација на лицата по основ на нивната материјална состојба и состојба на сиромаштија. Услугите во заедницата се сметаат за најдобар пристап за обезбедување на третман и грижа за овие лица.

ЈанакиЗнае: Што би било примарно за Министерството за труд и социјална политика во евентуален мандат 2020-2024?

Санела Шкријељ: Нашата клучна цел е социјална политика која ќе нуди праведна распределба на животните можности, како и обезбедување на услови за избор во различни животни фази. Продолжуваме  да се бориме против сиромаштијата која ги намалува шансите за пристоен живот и на следните неколку генерации, која ги „осудува“ децата и младите на несоодветно образование и здравствена заштита и ги остава на цедило возрасните во годините кога најмногу им треба помош. Втората половина од патот на социјалната реформа е да покажеме дека локалните заедници ќе им овозможат на граѓаните квалитетни социјални услуги, кои ќе бидат креирани за граѓаните и согласно нивните потреби.  Ваквиот концепт создава нови услуги, но истовремено обезбедува нови работни места економијата на грижа.  

Меѓу приоритетите е и носењето на нов закон за работни односи кој ги почитува европските стандарди, ги унапредува работничките права, слободата на здружување на работниците и социјалниот дијалог.

Во предучилишното образование целиме на опфат од 60 отсто на децата од 3 до 6 години, до крајот на 2024 година. Вложуваме во подобрување на квалитетот на предучилишното образование со цел да ги подготвиме децата за предизвиците на современото живеење, преку воведување на програма за социоемоционален развој и целосно ревидирање на програмите за рано учење и развој.

ЈанакиЗнае: Која мерка претставува Ваше најголемо достигнување откако сте во труд и социјала?

Санела Шкријељ: Зголемувањето на минимална плата секако бидејќи за две и пол години успеавме најниската плата да ја зголемивме за 5.500 денари. За првпат се изедначи минималната плата и за работниците од текстилната и кожарската индустрија со другите гранки, со што исправивме голема социјална неправда. Дополнително, најголем дел од вработените во овие индустрии се жени. Токму затоа, сметаме дека оваа мерка е исклучително важна за унапредување на родовата еднаквост во нашата земја. Економското јакнење на жените е клучно за родовата еднаквост. За потсетување, во 2017 година минималната плата изнесуваше 9.000 денари.

Горди сме на уште една мерка што се спроведуваше како реформа деинституционализацијата. Извлекувањето на корисниците од големите институции во мали домови е најдобар модел на грижа за луѓето и создавање едно општество за сите. Една година пред рокот што го ветивме ги извлековме од институциите сите деца, а сега го продолжуваме процесот со деинституционализација на возрасните лица и нивно интегрирање во заедницата.


Кратка биографија за соговорникот

-Дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ е дипломиран психолог;

-Член е на регионална група на експерти на Југоисточна Европа за родово одговорно креирање на политики и буџети, поддржана од UN Women; член е на советодавна група „Промоција на родово одговорни политики во Југоисточна Европа”; координаторка на фондот за поддршка на женско претприемништво во Полошкиот регион (2013-2016); член на Советодавна група на експерти на Советот на Европа за подготовка на студија за достапноста на услуги за поддршка на ранливи групи на жени и девојки во Југоисточна Европа; менторка на локални самоуправи од регионот за локален развој заснован на човекови права, во име на Меѓународниот центар за локална демократија на Шведска;

-Претседателка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство (2015-2017);

-Санела Шкријељ е феминистка и активистка со искуство во областа на стратешко планирање за инклузивен развој и унапредување на родовата еднаквост; Има познавање на националните и локални политики и практики за социјална инклузија на ранливи групи; дологодишно искуство во креирање и имплементирање на стратегии, програми и проекти за инклузија на ранливи групи; искуство во спроведување на анализи и теренски истражувања;

-Поседува бројни сертификати, за завршена обука за системи за социјална заштита од Светска Банка, Вашингтон, сертификат за едукација за обучувач за родово одговорно креирање локални политики и буџети, UN Women, сертификат за завршена обука за мониторинг на јавните политики и буџети за рамномерен развој Сертификат за проектен менаџмент базиран на резултати, УСАИД Македонија, сертификат за креирање на јавни политики и транспарентно буџетирање, Фридрих Еберт Фондација.

-Шеф на кабинет на Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска 2017-2020

Релевантни публикации

  • Превенција, идентификација, пријавување и упатување во случаи на насилство врз деца: преглед на национални механизми за одговор; Минтон, Димушевска, Шкријељ, Димитриевска, Скопје, 2017.

  • Анализа на јавните политики за правата на Ромите во Република Македонија; Шкријељ, Кули, Димушевска, Саит; Скопје, 2017.

  • Родовата еднаквост во Република Македонија и агендата за одржлив развој 2030; Јованоски, Здравев,Шкријељ,Илиќ; Скопје,2016.

  • Родова проценка на политики и буџети на локално ниво;Коруновска,Шкријељ,Илиќ, Скопје 2016.

  • Менторска програма за воведување на родова перспектива во локалните политики и буџети, Ристеска, Малеска, Царовска, Шкријељ; Скопје, 2015.

  • Анализа на националните политики за рурален развој: Национална програма за рурален развој и ИПАРД програма; Ристеска,Шкријељ,Ралева; Скопје, 2013.

  • Воспоставување модели, механизми и активности за јакнење на заедниците во Тетово, Охрид и Битола; СЗО, 2014.

  • Економско јакнење на жените и младите од руралните средини, Скопје, 2013

  • Родова проценка на социјалните политики и буџети на локално ниво – Куманово, Штип и Струмица; Коруновска, Шкријељ; Скопје,2013.

137

ТАГОВИ: интервју Санела Шкријељ труд и социјала

Back To Top