skip to Main Content

Рочиште за предметот „Талир 2“ закажано во Кривичен

    2
Рочиште за предметот „Талир 2“ закажано во Кривичен

Во Кривичниот суд за денеска е закажан почетокот на судењето за предметот „Талир 2“, кој се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) до Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе два обвинителни акти како резултат на спроведената истражна постапка во предметот познат во јавноста како „ТАЛИР“.

СЈО ја раздвои постапката во предметот „ТАЛИР“, од кои причини поднесени се две обвиненија. Едниот обвинителен акт се однесува на незаконско финансирање на правното лице – политичка партија ВМРО-ДПМНЕ, а вториот обвинителен акт се однесува на незаконската изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинението за изградба на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

За реализирање на оваа цел обвинетите ја искористиле состојбата на зависност во која се наоѓало правното лице ДГ Бетон АД Скопје во однос на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека над 75% од приходите кои ги остварило правното лице во 2011 и 2012 година биле од државни органи, единици на локална самоуправа или јавни претпријатија раководени од функционери на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

И покрај тоа што за правното лице ДГ Бетон АД Скопје важеле ограничувањата од Законот за финансирање на политички партии, сепак обвинетите договориле несразмерна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во однос на обврските кои ги имало правното лице ДГ Бетон АД Скопје, овозможувајќи му да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ кое имало инвестициска вредност од 424.733.242,00 денари, односно 6.906.231 евра, како и да уплати на жиро сметката на партијата износ од 132.573.582,00 денари, односно 2.155.668 евра, иако вложувањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ изнесувале само 50.142.400,00 денари, односно 815.323 евра.

На ваков начин, а спротивно на законските прописи, обвинетите прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424,00 денари, односно 8.246.576 евра.

Како што и е веќе познато на јавноста, на барање на СЈО Основниот суд Скопје 1 – Скопје на 31.10.2018 година донесе решенија со кои се определени привремени мерки – судска забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека и забрана за располагање со давање под закуп со прибелешка на забраната во јавна книга за 68 имоти на политичката партија ВМРО ДПМНЕ низ земјата, како и за седиштето на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во Скопје, а се однесуваат на имот стекнат во периодот од 2013 до крајот на 2015 година за кој постои основано сомнение дека е стекнат со противправните дејствија опишани во поднесените обвиненија и кои мерки сè уште се во сила.

2

ТАГОВИ: „Талир 2“ ДГ Бетон АД Скопје

Back To Top