skip to Main Content

Пробациската служба мора да заживее- проценка на ризик на обвинето лице

    77

Законот за пробација донесен во 2015 година ги уредува пробациските работи и постапката за извршување на алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор. Сепак, поради формирање на пробациските канцеларии и обука на пробациските службеници, овој закон започнува со негова посериозна примена дури кон крајот на 2018 година.

Во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители и Твининг проектот за „Зајакнување на капацитетите на затворскиот систем и пробациската служба“ (германско-холандски) досега одржаа неколку обуки на пробациските службеници со судиите, јавните обвинители и стручните соработници за важноста на пробациските работи.

Пробациските службеници кои работат во пробациските канцеларии сместени во судовите со проширена надлежност се големи ентузијасти, покажуваат високо ниво на професионалност, спремни за соработка и со нетрпение чекаат да се формираат предмети по кои тие ќе постапуваат. При една ваква состојба од судиите се очекува перманентно да соработуваат со пробациската служба, постојано да го имаат во предвид Законот за пробација, како во текот на судската постапка така и при одмерувањето на видот и висината на кривичната санкција.

Примената на овој закон во правосудниот систем во државава е на самиот почеток, со многу мало искуство на сите учесници во постапката и на истиот му се приоѓа со недоверба од страна на обвинетиот, осудениот или нивниот бранител, додека судиите и обвинителите се уште немаат, едноставно навика, да го применуваат при одлучувањето.

Доколку се погледнат искуствата на други држави кај кои пробациската служба функционира над дваесетина години, можат јасно да се видат предностите на овој систем. Како најтипичен контра-пример во нашиот правосуден систем е одмерување на видот и висината на казната на осуденото лице, врз основа на параметри кои самото лице или неговиот бранител во постапката ги кажале пред судот, како на пример, женет, татко/мајка на две малолетни деца, невработен, со средно образование, на кои околности судот им верува без да биде приложена било каква документација за потврда на истите, а уште посериозна е и потврдата на овие одлуки од страна на повисоките судови, апелациониот и врховниот суд.

Оттука се извлекува заклучокот дека е неопходно потребно сè повеќе да се применуваат одредбите на Законот за пробација, со цел да нема погрешна проценка при одмерувањето на видот и висината на кривичната санкција.

Имено, согласно одредбите на Законот за пробација, судијата, веднаш по приемот на предметот и проучување на списите од истиот има можност да поднесе барање до канцеларијата на порбациската служба при надлежниот суд со цел да се изготви извештај за проценка на ризик на обвинетиот. Ова е одлична можност особено за обвинети кои прв пат дошле во судир со законот, млади сторители на кривични дела, зависници од алкохол и дрога, како и повратници кои издржале повеќе години казна затвор, но по излегувањето не можат да се вклопат во социјаната средина или не се прифатени од истата, да им се помогне да се корегираат во своето однесување, да не се јават повторно како сторители на кривични дела, да им се обезбеди работа, како и да се подложат на контролирано лекување доколку тоа е потребно.

Најдобро е барањето за процена на ризик судијата да го поднесе, по приемот на предметот, во моментот на закажување на главната расправа, што е обично временски период од еден месец пред одржувањето на првата главна расправа и во кој период пробациските службеници имаат доволно време  да го изготват извештајот.

Во овој период, пробациските служби го повикуваат обвинетиот на разговори, го известуваат и бранителот на обвинетиот, вршат увид во обвинителниот акт/предлог, прибираат податоци за обвинетиот за неговата семејна состојба, социјален статус, потоа наоди и мислења од лекар, извештаи од Центарот за социјална работа, имотна состојба и други податоци по барање на судот кои ги прибираат од надлежните органи, институции и организации.

При прибирање на сите овие податоци, пробациските службеници се должни да се придржуваат кон основните начела при вршењето на пробациските работи како да ги гарантираат правата утврдени со Уставот, со Законот за пробација и ратификуваните меѓународни договори, да бидат непристрасни, да се воздржат оид секаков вид на дискриминација по било кој основ, да постапуваат човечно, со почитување на човековата личност и достоинство, зачувување на нивното телесно и душевно здравје, се постапува на начин кој во најголема можна мера одговара на нивната личност. На лицето спрема кое се спроведува извршувањето на пробациски работи му се гарантира заштита на личноста и тајност на личните податоци, исто така лицето спрема кое се спроведува извршувањето на пробациски работи има право на увид во своето досие, освен во стручните мислења на пробациските службеници и други стручни лица, како и податоци кои се однесуваат на трети лица.

По прибирање на сите потребни податоци, надлежната пробациска канцеларија, во рокот определен од страна на судот, доставува извештај за извршената процена на ризик со предлог за видот на кривичната санкција за обвинетиот.

Во почетниот период на примена на Закониот за пробација пробациските службеници се соочуваат со одредени потешкотии при спроведување на истиот, од една страна судиите многу ретко поднесуваат барања за проценка на ризик, пример за тоа е Основниот Кривичен суд во кој досега се поднесени, по сознание на авторот  три барања, што е многу мала бројка во споредба со бројот на предмети по кои секојдневно се постапува во судот.

Од друга страна пак, потешкотија претствува и соработката со адвокатите на обвинетите, кои на некој начин сè уште не ја сфаќаат суштината на оваа проценка, односно истите откако ќе бидат повикани, кај пробациските службеници се обидуваат да ја докажат невиноста на нивните клиенти со доставување на докази, иако пробациската служба нема никаква ингеренција да ги цени доказите на одбраната.

Извештајот за извршената процена на ризик со предлог за видот на кривичната санкција за обвинетиот, е одлична можност за судиите, при одмерувањето на видот и висината на кривичната санкција, да имаат реална слика за профилот на обвинетото лице со точни податоци за личноста, личните прилики, здравствената состојба, стручните квалификации.

Ова, особено е важно за одредени категории на обвинети кои се зависници од алкохол или наркотици, за лица кои имаат проблем со справување со бес, за лица кои континуирано вршат семејно насилство и други категории на лица кои кривичните дела ги вршат како резултат на нивната здравствена состојба.

Оттука, изрекувањето на алтернативна мерка со заштитен надзор или општокорисна работа, соодветна за профилот на обвинетиот, чие спроведување по правосилноста би било редовно контрлирано од страна на пробациската служба, може да има само позитивно влијание на лицето во иднина да не врши кривични дела, наспроти изрекување на затворски казни или голи условни осуди по кои постои многу поголем ризик осуденото лице да се појави како повратник, односно да го повтори делото.


 

Кратка биографија за авторот

М-р Оља Ристова е судија во Основен суд Скопје I Скопје од 2009 година;

-Предавач во Академија за судии и јавни обвинители во почетна и континуирана обука (области: притвор, главна расправа, правда за децата, правата на жената, насилство врз жените и девојчињата);

-Активно учествувала во работната група за донесување на Законот за полиција, за Правилникот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, Правилникот за однесување на вработените во полицијата и други законски и подзаконски акти имајќи го во предвид почитувањето на човековите права (2004-2005);

-Учество зела и во работна група формирана од Здружение на судии на РМ и ОБСЕ за изработка на Документ за јавни политики (предлог измени на Законот за судови и Закон за судски совет) 2018;

– Делегат на Основниот суд Скопје 1 Скопје во Здружение на судии на РМ 2012-2016;

– Предавач за правата на жената, насилство врз жените и девојчињата при УНДП- Канцеларија Скопје;

– Работела како адвокат застапувајќи клиенти особено во областа на стопанско право, кривично право, граѓанско право, пред основните, апелационите и Врховниот суд на РМ (1995-2004).

Публикации

– ОБСЕ Годишен извештај за 2001 година – преку Хелсиншки комитет за човекови права на РМ – Права на детето и состојбата во затворите во РМ;

 Прирачник за постапување на судовите во постапките за заштита од семејно насилство – УСАИД и ЕСЕ – НГО за Еманципација солидарност и еднаквост на жените;

– „Правоматика“ објавен стручен труд во изданието јули – септември 2017 година;

– Кодекс на судска етика – член на работната група формирана од Здружението на судии на РМ 2013.

 

 

 

77

ТАГОВИ: пробациска служба санкции судија Оља Ристова

Back To Top