skip to Main Content

Препознавање мобинг на работното место

    50
marta

Мобингот се дефинира како вознемирување на работното место, во кое спаѓаат психичкото и половото вознемирување и малтретирање кои се повторуваат во континуитет и се во насока на деградирање и омаловажување на работникот/работничката врз разни основи.

Психичкото и половото вознемирување на работното место, според шведскиот психолог Хајнц Лејман се манифестира низ бројни активности меѓу кои: клеветење, шпиунирање, заканување, уценување недоделување или одземање на сите работни задачи од жртвата, доделување на бесмислени работни задачи, доделување работни задачи под знаењето и квалификациите на жртвата со цел да се дискредитира, континуирано и неоправдано доделување на нови работни задачи, доделување на работни задачи со кои се напаѓаат душевниот, моралниот и верскиот интегритет на жртвата.

Понатаму, секое вербално, невербално и физичко негативно однесување кое е полово базирано, а има за цел да предизвика чувство на страв, притисок и непријатност исто така се вбројува во мобинг на работното место. Покрај психичкото малтретирање, негативните однесувања може да имаат индикации и врз физичкото здравје на жртвата: присилна работа која е на штета на здравјето, телесни напади, сексуални напади, предизвикување на анксиозност, когниција и слично.

Со оглед на тоа дека се работи за појава со психолошки елементи, неспорно е дека истата тешко се детектира, дотолку повеќе што границата помеѓу непријатно чувство и мобинг на работното место е тесна. Но, не секоја непријатна ситуација и стрес на работното место, е мобинг. Зголемувањето на обемот на работата, добивањето на дополнителни работни задачи, секојдневните стресни ситуации предизвикани од природата на работата, иако често се именуваат како мобинг, истите не се. Ова, од причина што многу често, вознемирувањето на работното место е предмет на субјективно доживување на секоја индивиуа, односно, прагот на толеранција и начинот на реагирање на секој човек се различни. Така, за препознавање на мобингот исклучително е важно да се препознаат лицата кои се почувствителни и понавредливи, па со тоа посклони кон сфаќање дека секоја напната ситуација на работа е психичко малтретирање.

При препознавање на мобинг, клучно е да се пристапи индивудиално на секој поединечен случај, односно да не се користи методот на аналогија од една до друга ситуација, затоа што иако можеби основата е иста, не значи дека во двата случаи има услови за мобинг.

Така, прекршувањето на некоја одредба од Законот за работни односи, може да е чисто работен спор без елементи на психичко вознемирување, а истото може да е пропратено и со мобинг. Она што е суштинско за правење на разлика помеѓу едното и другото е тоа што за да се идентификува некое лице како мобер ( лице што извршува мобинг ) потребно е неговото однесување да е насочено кон дискредитирање, влевање страв, дискриминирање, упатување на навредувачки коментари од полов карактер спрема жртвата.

Поради сензитивноста на темата и тешкото докажување, до 2016 година во РСМ не беше воопшто донесена пресуда со која ќе се утврди постоењето на мобинг. Ситуацијата во тој поглед е подобрена, но во секој случај потребно е уште многу работење како и водење на социјален дијалог на сите нивоа.

Во Република Северна Македонија постојат правни норми кои ги забрануваат и санкционираат постапките (активностите) со кои се врши мобинг: Уставот на РСМ, Законот за заштита од вознемирување на работното место, Законот за работни односи, Кривичниот законик, Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за еднакви можности на жените и мажите, Законот за заштита од дискриминација и колективните договори, Законот за мирно решавање на работните спорови. Во сите наведени прописи, категорично е забранета било каква форма на психичко вознемирување и малтретирање, како и нечовечко постапување на работното место со определени санкции во случај на евентуално кршење на законот.

Покрај домашните закони, мобингот, како општествен проблем, е регулиран и со бројни меѓународни прописи. Меѓу нив е и Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство. Со оглед на тоа дека кога станува збор за полово вознемирување поголем број на жртви има меѓу жените, оваа Конвенција е многу значајна кога станува збор за заштита на жртвите на насилство.

Во поглед на психичкото насилство, Конвенцијата определува дека државите ги преземаат потребните законодавни или други мерки за да обезбедат дека намерното однесување, кое сериозно го нарушува психичкиот интегритет на некое лице со употреба на присилба или закана, се инкриминира. Во поглед на сексуалното вознемирување Конвенцијата ги задолжува државите да ги преземаат потребните законодавни или други мерки за да обезбедат дека секоја форма на несакано вербално, невербално или физичко однесување од сексуална природа со цел или последица повреда на достоинството на лицето, особено кога се создава заплашувачка, непријателска, деградирачка, понижувачка или навредлива средина, е предмет на кривична или друга законска санкција.

Мобингот е широко распространета појава, има општествени, правни и финансиски последици врз целокупното општествено живеење. Заради непосредната поврзаност со социо-економскиот развој, системот на социјална сигурност и воопшто ефикасните услови за побезбеден и живот во благосостојба, мобингот бара мултидимензионален и сериозен пристап.

Ова е особено значајно и заради условите кои ги наметнува светската економска и должничка криза, која продуцира бројни слабости: работодавачите се свртени кон финансиските проблеми, запоставувајќи го битниот факт дека само здрава и безбедна работна средина може да ги донесе саканите деловни резултати; работниците, пак, недоволно обрнуват внимание на условите за работа заради сооченоста и грижата за стекнување на материјални услови за егзистенција.

Заради својата комплексност и сложеност, опасноста од прогресирање, појавата, популарно наречена мобинг, претставува предизвик, одговорност и натамошна приоритетна заложба за сите релевантни субјекти во државата, што е во интерес на вкупниот економски и општествен напредок.


Кратка биографија за авторот

Mарта Гусар формира своја адвокатска канцеларија во 2013 година. Од 2007 до 2013 година е вработена во Адвокатска канцеларија.

По формирањето на своја адвокатска канцеларија нејзиниот фокус е заштита на жени жртви на семејно насилство, како со правно советување, така и со правна заштита пред сите надлежни органи и судови.

По ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството против жените и домашното насилство својата правна заштита ја насочува и кон заштита на жените жртви на родово базирано насилство и домашното насилство, со директна примена на Конвенцијата и Законот за заштита  превенција од семејно насилство.

50

ТАГОВИ: Марта Гусар мобинг работно место

Back To Top