skip to Main Content

Предметот за малата Тамара сè уште ја нема добиено својата завршница

    5
Предметот за малата Тамара сè уште ја нема добиено својата завршница

Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осудува честото одложување на постапката во случајот за малата Тамара. Во постапката обвинети се 12 доктори и членови на комисии, кои донесоа и потврдија негативно решение за лекување на Тамара во странство.

Имено, вчерашното рочиште беше одложено поради отсуство на обвинетата Аспазија Софијанова, која била на семинар во Република Турција. Судијата Марин Станевски ја задолжи да достави доказ за оправданоста на отсуството, најдоцна до следното рочиште. Дополнително, судијата напомена дека во текот на постапката веќе неколку пати рочиштата се одложувани поради нејзино отсуство. На рочиштето не присуствуваше ниту јавниот обвинител Анел Фидовски.

Од поднесувањето на кривичната пријава во 2015 година поминати се речиси 5 години, а првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година. Предметот за малата Тамара сè уште ја нема добиено својата завршница.

Комитетот потенцира дека правичното судење во разумен рок е еден од фундаменталните услови за задоволување на кривичната правда. Непочитувањето на овој институт ја намалува ефикасноста на постапката, придонесува кон правна несигурност и ја зголемува недовербата на граѓаните во правосудството. Комитетот ги повикува сите чинители во постапката, одговорно да постапуваат, со цел нејзино целисходно спроведување

5

ТАГОВИ: доктори Кривичен суд судење Тамара

Back To Top