skip to Main Content

Петровска: После 15 години судски мониторинг сé уште наидуваме на мешани реакции кај судиите и обвинителите

    33
Петровска: После 15 години судски мониторинг сé уште наидуваме на мешани реакции кај судиите и обвинителите

Македонското судство скенирано преку параметри за отвореност во едно регионално истражување, најслаб резултат прикажува во делот на транспарентност – 33.09% и тоа ја вбројува Македонија во држави со најнетранспарентни судства во регионов, веднаш после Албанија со 22.08%. Од мониторираните судски расправи, во просек две третини се одложени и тоа најчесто поради отсуство на обвинетиот во постапката, кој често се случува да не биде спроведен од притвор, а потоа и поради отсуство на јавен обвинител или бранител. Токму ова е еден од најголемите проблеми кои се детектираат низ годините, без да постои некакво подобрување на долг рок, вели за ЈанакиЗнае извршната директорка на Коалиција “Сите за правично судење”, Натали Петровска. Секако дека ова претставува проблем, и тоа како од аспект на функционалност на судскиот систем, така и од аспект на повреда на правото на судење во разумен рок.

ЈанакиЗнае: Почитувана, неодамна Коалицијата прослави 15 години од своето постоење. Успева ли Коалицијата да ги оствари своите цели наведени во своите извештаи или наидувате на потешкотии?

Адвокат Натали Петровска: Мисијата на Коалицијата, веќе 15 години е следење на почитувањето на човековите права и слободи, а особено на меѓународните стандарди за правично судење. Преку разни форми на дејствување, настојуваме да придонесеме кон зголемување на нивото на имплементирање на овие стандарди, кон иницирање на институционални и правни реформи, но и најбитното- враќање на довербата на граѓаните во судството и другите институции на системот. Во поглед на остварување на нашите цели, секако дека се забележува напредок и зголемување на влијанието, кое што Коалицијата го постигнува со мониторингот на судските постапки, како и со извештаите и анализите кои произлегуваат од овој процес, но сепак, неопходно е уште да се работи на подигнувањето на свеста кај судовите и останатите институции и органи кои влијаат на работата на судовите за значењето и користа од истражувањата како овие на Коалицијата.

ЈанакиЗнае: Една од главните активности на Коалицијата е мониторирање на судски предмети. Влијае ли мониторингот позитивно кај судската власт и обвинителството?

Адвокат Натали Петровска: Интересен е фактот што и после 15 години судски мониторинг, оваа наша активност сé уште наидува на мешани реакции кај судиите и обвинителите. Ова најчесто се должи на тоа што во голема мера судовите не се навикнати јавноста да ја следи нивната работа, иако истото е предвидено како контролен механизам и во Уставот и во процесните закони. Одредени судови и судии континуирано и активно ја помагаат оваа активност на Коалицијата, па дури и дозволуваат нашите набљудувачи да присуствуваат како стручна јавност на судењата каде што е исклучена јавноста, но за жал има судови и судии кои негодуваат на нашето присуство во судниците и се обидуваат на секој начин да ги одвратат набљудувачите од идејата да присуствуваат на судењата, или пак на некој конкретен предмет. Во секој случај, во последниве година дена поради нашиот критички пристап при “оценување” на постапувањето во одредени судски предмети, а особено во оние високо профилираните, бележиме позитивно влијание при примената на процесната регулатива кај одредени судии.

ЈанакиЗнае: Во 2017 година, во насока на мониторинг на судски предмети, го реализиравте проектот „Закон се пишува, правда се практикува”. Запознајте не повеќе со овој проект….

Адвокат Натали Петровска: Овој проект беше имплементиран со поддршка и финансиска помош од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, а имаше за цел да им понуди на веќе магистрираните-млади правници, кои беа во фаза пред полагање на правосудниот испит,  практично искуство во суд како набљудувачи на Коалицијата. Овој проект, за разлика од останатите проекти на Коалицијата беше повеќе наменет за едукација на млади правници и таргетирање на проблемите на високото образование при продуцирањето стручни кадри. Со промената на студискиот модел од 4+1(години) во 3+2(години), правниците беа обврзани да имаат една година практично искуство (за разлика од дотогашните 2 години) со работа во адвокатска канцеларија или суд, пред полагањето на правосудниот испит, но за жал, во текот на оваа една година стажирање голем дел од нив не успеваат да стекнат практично искуство во судницата, особено не во кривичните постапки. Токму поради тоа, Коалицијата спроведе процес на селекција и избра 50 кандидати кои поминаа напредна, тродневна обука, а која се однесуваше на примената на Законот за кривичната постапка и меѓународните стандарди за фер и правично судење, по која истите беа распоредени како набљудувачи на кривични постапки во 12 судови, во сите 4 апелациони подрачја, за време траење од 8 месеци.

ЈанакиЗнае: Во истата година од Ваша страна е спроведуван и проектот „Мониторинг на имплементација на меѓународни стандарди во ОС Скопје 1 и 2”. Кои заклучоци ги извлековте од мониторингот на 80 предмети?

Адвокат Натали Петровска: „Мониторинг на имплементација на меѓународни стандарди во ОС Скопје 1 и 2” беше впрочем еден од помалите проекти на Коалицијата за 2017 година, како во поглед на време- траењето на истиот, така и во поглед на опсегот на набљудувани предмети, па поради тоа, при процесот на мониторинг се прибираа податоци кои во воглавно се однесуваа на правото на судење во разумен рок, начелото на јавност, транспарентноста во постапувањето на судовите, како и на правото на бесплатна правна помош. Оттаму, главните препораки беа во насока на подобрување на степенот на јавност, односно јавното објавување на податоците за времето и местото на одржување на расправите, јавното објавување на пресудите, но и транспарентното постапување на судовите и соодветно образложување на судските одлуки.

ЈанакиЗнае: Каква е состојбата со жените жртви на семејно и сексуално насилство? Дали ваквиот тип на насилство е во пораст, согласно спроведениот Ваш проект во соработка со УСАИД?

Адвокат Натали Петровска: Овој мониторинг процес беше спроведен од страна на Коалицијата како имплементирачки партнер, а во склоп на поголем проект кој го спроведуваа неколку други организации со финансиска помош од УСАИД. При тоа, Коалицијата не го истражуваше семејното насилство како феномен сам по себе, туку ја анализираше ефикасноста на судовите при справувањето со овие предмети. Оттаму, не би можеле да кажеме дали ваквиот тип на насилство е во пораст, но би можеле да истакнеме дека главните забелешки и препораки се во иста насока како и оние кои произлегуваа од мониторингот на сите други кривични предмети. Ова секако е позитивно од аспект на тоа што е показател дека во главно судовите немаат предрасуди и не се раководат од стереотипи во постапките на семејно насилство, но и негативно бидејќи судовите не постапуваат со должното внимание и сензитивност при решавањето на ваквите деликатни случаи.

ЈанакиЗнае: Кој тип на кривични дела доминираат, анализирајки од Вашите годишни извештаи?

Адвокат Натали Петровска: Веќе неколку години наназад, нашите статистики упатуваат на најголема застапеност на имотните деликти, од кои, најчестите кривични дела кои се затекнуваат во судовите се кражба, тешка кражба, но и измама, па потоа кривичните дела против безбедноста на јавниот сообраќај, како и полесните кривични дела против животот и телото, како телесна повреда и тешка телесна повреда. Но, би морала да го потенцирам и фактот дека во последниве година дена зачестена е и појавата на кривичните дела кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластување.

ЈанакиЗнае: Честите одлагања на судските постапки се сериозен проблем спротивно на начелата на економичност и експедитивност. Се детектира ли ова како крупен проблем во Вашите анализи и мониторнинг?

Адвокат Натали Петровска: Токму така, ова е еден од најголемите проблеми кои се детектираат низ годините, без да постои некакво подобрување на долг рок. Од мониторираните судски расправи, во просек две третини се одложени и тоа најчесто поради отсуство на обвинетиот во постапката, кој често се случува да не биде спроведен од притвор, а потоа и поради отсуство на јавен обвинител или бранител. Секако дека ова претставува проблем, и тоа како од аспект на функционалност на судскиот систем, така и од аспект на повреда на правото на судење во разумен рок. Знаете, многу често обвинувањата за одлагањата на судските постапки одат на сметка на судиите, но не би биле фер кога би се држеле единствено до таа теза. Имено, проблемот со недостатокот на финансии за потполна функционалност на судските органи, е проблем кој влече корени од утврдениот судски буџет. Во овој момент судскиот буџет е едвај 0.3% од БДП, а истиот е оптимално утврдено дека треба да се движи помеѓу 0.8% и 1% од БДП. Понатаму, влијанието на недоволната екипираност односно несоодветната кадровска политика во Јавното обвинителство, исто така претставува еден од проблемите поради кои се одлагаат судските расправи. Дополнително на ова упатува и Извештајот на СЕРЕЈ во кој е наведено дека постои пониска стапка на необвинителски кадар по обвинител (1,0), во споредба со европскиот просек на пример, кој е 1.6. Исто така недоволната координираност на АКМИС системот, со системите кои ги користат казнено поправните установи од кои е потребно да биде извршен спроводот, како и финансиската (не)можност да овие установи ги доведат на судења обвинетите, претставува проблем за обезбедување на присуство на обвинетите лица. Сите овие факти упатуваат на комплексноста на оваа проблематика, но и на неопходноста истата да биде што поскоро решена, како не би одела на штета на граѓаните.

ЈанакиЗнае: Дали низ Вашиот долгогодишен мониторинг на судски постапки стекнувате впечаток дека обвинителот е привилегиран во постапката?

Адвокат Натали Петровска: За жал, впечатокот за различниот третман на странките во постапката е присутен во нашите опсервации. Ако го анализираме третманот кој јавното обвинителство често го добива во постапките, низ призмата на една кривична постапка, ќе наидеме на ситуации во кои: јавниот обвинител има слободен пристап до судијата и судницата, скоро во секое време, истиот комуницира и надвор од рамките на расправите за предметите со судиите, некогаш добива поповолен третман при процесот на “вкрстување на оружјата” со одбраната и сл. Изразено преку примери – многу често обвинителите ја искористуваат “привилегијата” да имаат неколку судења во текот на еден работен ден, кај еден ист судија, па истите многу често не ја ни напуштаат судницата, наспроти обвинетиот и неговиот бранител на пример, кои мораат да чекаат во судскиот ходник додека не бидат повикани од записничарот. Понатаму, низ текот на постапките, често бележиме не соодветна ex-parte комуникација токму помеѓу јавниот обвинител и судот (судијата или советот). На сето ова, уште понекогаш се надоврзува и привилегирање при примена на концептот односно начелото на “еднаквост на оружјата”, на сметка на обвинителите, па кога ќе сумираме се ова, колку и безначајно да изгледа за секојдневните практикувачи на правото во судница, за обичните странки (граѓаните), ова и тоа како изгледа на привилегирање на одредени страни во постапката. Токму ова беше едно и од прашањата кои ги покренавме кон крајот на минатата година, кога ја спроведовме кампањата „Фер е кога е фер за сите”. Кампања кој беше проследена со кратки анимирани видеа за подигнување на свесноста за правата на обвинетите во постапката и нивниот третман во постапките.

ЈанакиЗнае: Едно од најгорливите прашања е притворот и леснотијата со која тој се одредува. Поради неосновано определен, или неосновано продолжуван притвор против Македонија има и пресуди во Стразбур. Што велат Вашите анализи, дали притворот се определува рестриктивно, како што налага и ЗКП?

Адвокат Натали Петровска: Според нашите анализи можеме да забележиме зголемена примена и на мерката притвор и на полесните мерки за обезбедување присуство. Но, сепак загрижува фактот практиката на судот за не давање соодветни образложенија на причините за определувањето на притворот, ниту реалното ценење на факторите и нивното нотирање во решенијата за продолжување на мерката притвор од страна на судот, како и недоволните информации со кои располага судот при определување или продолжување на притворот. Наша препорака, а и во нашите анализи тоа е истакнато дека ваквата состојба можеби би се амортизирала со воведувањето на посебна судска служба во Република Македонија која би била должна на судот да му сервира целосни и прецизни податоци за личната, психолошката, семејната, финансиката и општествената положба на обвинетиот, слично, на пример, на позитивните искуства со Pretrial Reports изготвени од страна на пробациските служби во САД и Обединетото Кралство. Исто така, би истакнала и дека со оглед на фактот дека растот на примената на притворот е право пропорционален со примената на полесните мерки за обезбедување присуство, сметаме дека треба да се направи дополнителна анализа- зошто примената на полесните мерки с`е уште стагнира и е далеку зад примената на мерката притвор. Ова значи дека македонските судови отстапуваат од посакуваната траекторија за примена на мерките за обезбедување присуство каде примат и многу поголема фреквенција на примена би имале полесните мерки за обезбедување присуство, додека притворот би се применувал само по исклучок, и тоа само во неопходните случаи, согласно основите предвидени во одредбите од членовите 144, ст. 2 и 164 од ЗКП.

ЈанакиЗнае: Колку се почитуваат правата на обвинетите во кривичните постапка? Ноторен е фактот дека поуките за правата на обвинетиот, често се искуцани пред странките да влезат во судница….

Адвокат Натали Петровска: Како што можете да видите и од нашите анализи, Коалицијата секогаш упатува на поголемо почитување на правата на обвинетите во однос на поуките. Во тој дел судиите често знаат само да набројат неколку поуки, но не и да ги објаснат на обвинетите на за нив разбирлив начин, како што налага и самиот ЗКП. Овие прашања се од голема важност особено во постапките каде обвинетите се јавуваат без свој бранител и се правно неуки, па улогата на судот во вакви ситуации, да ги појасни правата, на разбирлив начин за странката, е круцијална.

ЈанакиЗнае: Каква е состојбата со транспарентноста на судовите?

Адвокат Натали Петровска: Кога би ги земале во предвид индикаторите за транспарентноста на судовите, од аспект на јавно објавување на податоците за предметите кои се во работа на судот, (како и објавување на времето и местото на судењата кои е потребно да бидат јавно објавени на таблата надвор од судницата), но и нивно електронско објавување на веб страните на судовите, дефинитивно може да се констатира назадување односно намалена транспарентност. При анализа на нашите податоци од изминатите три години забележуваме назадување во поглед на транспарентноста, а особено во изминатата- 2017 година, каде на пример за прв пат бројот на расправи каде не било јавно објавено времето и местото на одржување е поголем од бројот на расправи каде тоа е сторено. Додека пак во поглед на електронскиот пристап до овие податоци, можеме да констатираме непотполна функционалност на официјaлниот портал www.sud.mk и тоа претежно од аспект на перцепција на стручната јавност, која впрочем и најчесто го користи овој портал. Ова особено во поглед на непочитување на одредбите за јавно објавување на правосилни пресуди (согласно закон и законски рок), ниту законските рокови за изработка на судските одлуки, потешкотиите во пребарувањето на судските одлуки на веб страната на судот. На погоренаведените проблематики се надоврзуваат уште и законските празнини во поглед на недостиг на одредби во Судскиот деловник за објавување на задолжителните податоци на судските пор­тали (податоци за финансиското работење на судовите, годишни финансиски извештаи и сл.) Бројните критиките по однос на транспарентноста, а водени од праксата на Европскиот суд за човекови права, се упатени во насока не само на изрекување на правдата, туку и на нејзина видливост и застапеност во целиот тек на постапката. Македонското судство скенирано преку параметри за отвореност во едно регионално истражување, најслаб резултат прикажува во делот на транспарентност – 33.09% и тоа ја вбројува Македонија во држави со најнетранспарентни судства во регионов, веднаш после Албанија со 22.08%. Единствено со подобрување на базичните индикатори за транспаретност на судството, би ја подобриле довербата на граѓаните во судството, која во овој момент е едвај 10%.

ЈанакиЗнае: Како адвокат, која оцена ја давате на македонското судство, сметано од 1 до 5?

Адвокат Натали Петровска: Во услови на многу ниско ниво на транспарентност на судовите во РМ, на невоедначена судска пракса која оневозможува било каква правна сигурност на граѓаните во РМ, на начинот на избор и именување на судии во изминатиов период, но и отсуството на себе-перцепцијата на самото судство дека е една од властите во државата и трет столб-судска власт, според мене, оцената за судството е многу ниска.


Кратка биографија за соговорникот

– од 2008 година, адвокат

– од февруари 2017 година, извршна директорка на Коалиција “Сите за правично судење”

Трудови:

  • Анализа на податоци од спроведен мониторинг – Судските реформи во насока на независно судство како и ефективен кривично правен систем кој обезбедува еднаков пристап за сите – ,,Законот се пишува, правдата се практикува”  -2017
  • Анализа од спроведениот мониторинг на судски предмети од областа на организиран криминал и корупција -2017
  • Анализа на имплементација на меѓународните стандарди за фер  правично судење -2017
  • Анализа на податоци од спроведен мониторинг- ,,Зајакнување на независноста, транспарентноста и ефикасноста на судството преку набљудување на судски постапки -2016.
33

ТАГОВИ: адвокат Натали Петровска

Back To Top