skip to Main Content

Онлајн дебата на „Билка“: Најгласните против канабисот први го бараат како лек за своите најблиски (ВИДЕО)

    40
Онлајн дебата на „Билка“: Најгласните против канабисот први го бараат како лек за своите најблиски (ВИДЕО)

Здружението за канабис и зелени политики „БИЛКА“ Скопје преку онлајн дебата која се одвиваше на официјалниот пејџ на невладината организација до јавноста порача дека ќе стават крај на полициската тортура, во однос на употребата на канабисот за медицински или лични цели.

На дебатата говореа адвокатот Јанаки Митровски, основач на „Билка“, Филип Аврамчев од ЛДП, Бојан Петровски од ДОМ и Јасмина Голубовска, пријател на „Билка“.

Модератор на оваа дискусија беше новинарот Огнен Јанески, еден од основачите на „Билка“, кој ја отвори дебатата со говор за заедничката борба со цел сите да добиеме човечки третман, во спротивно, ќе се оди меѓународно.

-Нека знаат сите што се случува во затворите и притворите во Македонија, за другарите кои лежат долги казни, за ситниот криминал, пренатрупаноста и системското иживување врз нашите семејства, пријатели и најблиски фатени затоа што не можат да набават масло легално, не можат да набават ниту за рекреативни цели без тоа да бидат третирани како да се дел од организирани криминални групи. Кучињата лаат, бизнисот врви- рече модераторот Јанески на самиот почеток на дебатата.

Прв имаше чест да говори адвокатот, Јанаки Митровски, кој рече дека народски кажано, со канабисот не сме до никаде, дека не можат да се пофалат со остварување на целите.

-Иако имаше ветување од, да речеме, полибералната извршна власт, во услови кога беше во опозиција дека законот донесен во 2016 е лош и недоречен и го фаворизира само бизнисот. И после три години, и сега во техничка влада, не можеме да се пофалиме дека сме напреднале во остварување целите на „Билка“ и генерално за целите на активистите за легализација на канабис во Македонија, а тоа се должи, пред се на недостик на политичка волја, незаинтересираност на политичките „елити“ за потребите на пациентите и на уживателите, и фактот дека ова прашање не е во најтесен домен на интерес- вели Јанаки Митровски.

Митровски потенцираше дека не треба да се заборави согласно македонскиот Устав, секој има право и обврска да го унапредува своето здравје и здравјето на другите.

Ставот на активистката, Јасмина Голубовска околку легализирањето на канабисот во нашата држава, не е многу различен од ставот на Митровски. Таа исто смета дека со легализацијата на канабисот сме до никаде, дека се богатат само оние кои имаат лиценци.

-Законските измени коишто се направени се проформа и навистина нема да имаат никаков ефект. Што се однесува до пристапот на граѓаните до рекреативниот и медицинскиот канабис, она што и уште поинтересно, е тоа што не се зема во предвид индустрискиот т.н. коноп како една голема шанса и како една можност која може да отвори многу работни места. Употребата на конопот е толку голема што оди од градежната индустрија до био гориво, до облека, до исхрана и друга употреба. Она што сега се случува е само богатење за сметка на неколкумина кои добиле лиценци, за сите други се води пропаганда која стигматизира, која навредува, понижува…- рече Голубовска.

Членот на ЛДП, Филип Аврамчев, рече дека има различни ставови како личност и како претставник на својата партија околу легализацијата на канабисот. Истакна дека се бори за изнаоѓање на полиберално решение.

-Веќе подолго време, јас лично и одредена група луѓе, се бориме внатре во нашите политички партии, со цел да дојдеме до полиберално решение. Голем број од Македонците имаат некоја стигматизација во партиите. Голем дел од политичките партии, особено, кога ќе дојдат избори се плашат од негативните репрекусии. Ова е интересен предизвик со којшто се соочуваме, поради економската криза настаната од корона вирусот, мислам дека ќе биде интересно доколку успееме да доловиме колку сите влади и држави би имале бенефит од легализација на канабисот- рече Аврамчев.

Бојан Петровски, од ДОМ смета дека човеково право е правото на избор, а самото тоа кажува многу работи, за жал во цел тој лавиринт на администрација, на лоши законски легислативи, како што истакана, страдаат само оние лица на кои им е најпотребно- пациентите.

-За жал доаѓа моментот дека во целата таа законска заврзлама ние, на некој начин, го подигнуваме црниот пазар, нема начин за легално доаѓање до квалитетен канабис, па секој си бара начин да си го спаси животот и да допре до лекот. За придобивките од канабисот не би говорел. Тие што се најгласни против канабисот се први кои го бараат за спас на своите најблиски. Сите овие работи се тесно поврзани со лоши законски регулативи, тоа значи дека имавме лош закон- вели Бојан Петровски од ДОМ.

Исто така, активистите денес симболично ја промовираа песната „Не е легално“ на Donplaya со Prince$$ Donatsu и Bon Praskiza, како подарок за фановите на „Билка“.

40

ТАГОВИ: билка дебата легислатива

Back To Top