skip to Main Content

Од 151-та седница на Владата: Донесена одлука за купување простории за мисијата на Северна Македонија во седиштето на НАТО

    10
Од 151-та седница на Владата: Донесена одлука за купување простории за мисијата на Северна Македонија во седиштето на НАТО

На редовната 151 седница, Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за надворешни работи, ја разгледа и усвои Информацијата и новиот предлог за просторното сместување на Мисијата на Република Северна Македонија во новото седиште на НАТО во Брисел по пат на купување.

Согласно одлуките донесени по оваа точка, Владата на РСМ го задолжи Министерството за финансии со ребалансот на буџетот за 2019 година да обезбеди буџетски средства во износ од 3.116.000 евра, од кои 2.316.000 евра за еднократно плаќање кон НАТО на име купување простории за Мисијата на РСМ при НАТО, а 800.000 евра за адаптации за плаќање на рати, при што со новиот буџет за 2020 година да обезбеди буџетски средства во износ од 500.000 евра за доплаќање на име адаптации, како и 120.000 евра за режиски трошоци за 2020 година, вклучително и 7.000 евра за трошоци за одржување на ИТ опрема за 2020 година.

Владата уште го задолжи Министерството за финансии при планирањето на буџетските средства да ги има предвид и обврските на институциите од земјава кои се учесници во Мисијата на РСМ при НАТО во Брисел, кои ќе се стекнат со канцелариски простор во Мисијата.

На оваа седница Министерството за одбрана информираше дека е доставена номинација нашата земја да биде домаќин на НАТО конференцијата за информации и комуникатори во 2020 година, како најголем настан што НАТО го одржува во текот на годината. Кандидатурата за домаќин на конференцијата е потврда на одличната репутација што Република Северна Македонија ја има како одговорна и напредна идна земја членка на НАТО. Доколку се организира конференцијата во Северна Македонија во 2020, тогаш покрај тоа што настанот ќе биде спонзориран од НАТО, тоа ќе биде и значаен придонес во стратешката комуникација на НАТО и на нашата земја.

На денешната седница Владата ја усвои Предлог – програмата за изменување на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2019 година, според која 121 милион денари од буџетот на оваа програма ќе се пренаменат за замена на постоечките нееколошки системи за греење во домаќинствата, градинките, основните и средните училишта, здравствените и административните објекти во најзагадените градови со горилници на плин, со АЦ инвертери, ВРФ системи и топлински пумпи.

Дел од овие средства се наменети и за набавка на пречистувачи за воздух за градинките, училиштата и здравствените и административните објекти, како и за инсталирање филтри во малите и средни претпријатија кои испуштаат штетни материи во воздухот.

Владата на Република Северна Македонија на оваа седница ја разгледа и усвои Информацијата за присилна концесија на дивечот во ловиштата „Сараево“, „Ратевска Река“, „Палазлија“, „Џами Тепе“ и „Чифлик“, во ловен реон Берово, „Кадина Река“ во ловен реон Скопје, „Душегубица“ во ловен реон Кичево, „Копришница“ во ловен реон Неготино и „Рожден“ во ловен реон Кавадарци на присилна концесија на Јавното претпријатие за стопанисување со шумите во државна сопственост „Национални шуми„ – Скопје.

Со ова времено концесионирање на овие ловишта кои беа без концесионер, ќе се обезбеди поголема ефикасност на претходната одлука на Владата за преземање мерки за намалување на густината на популацијата на дивата свиња во ловиштата во Република Северна Македонија како превентивна мерка од појава и ширење на болеста Африканска чума кај свињите.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на Проектот за изнајмување на 7 (седум) монтажни спортски лизгалишта во Република Северна Македонија и ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да ги обезбеди потребните средства за реализација на проектот во висина од 14.000.000,00 денари, во рамките на сопствениот Буџет за 2019 година.

Со оваа одлука на Владата, им се препорачува на општините Охрид, Битола, Куманово, Струмица, Центар, Гостивар и Тетово да изберат и предложат до Агенцијата за млади и спорт локација како и да обезбедат одобрение за поставување на урбана опрема, односно монтирање на лизгалиште, најдоцна до 1.11.2019 година.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата во врска со потребата за оградување на парцелите, предвидени за изградба на фотонапонски електроцентрали, согласно Јавниот оглас за доделување на договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија.

Владата го задолжи Министерството за економија да пренамени средства за изработка на основен проект за оградување на локациите на државно земјиште за кои е објавен јавен оглас, како и за изработка на геодетски елаборати и хидролошки студии за планираното државно земјиште за кое ќе се објави Јавен оглас за премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали, изградени на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, во текот на наредната година.

На денешната седница, Владата на РСМ ги прифати предлог одлуките на Министерството за надворешни работи за воспоставување на дипломатски односи со Република Сан Марино, со Кнежевството Монако и со Република Кипар.

На оваа седница Владата на Република Северна Македонија, на предлог на директорот на Агенцијата за национална безбедност, го именуваше Ариф Асани за заменик на директорот на Агенцијата.

10

ТАГОВИ: владина седница

Back To Top