skip to Main Content

Одобрени апликациите на 117 компании со преку 3.000 вработени од КОВИД 2 програмата

    9
Одобрени апликациите на 117 компании со преку 3.000 вработени од КОВИД 2 програмата

Владата на вчерашната седница ја усвои Информацијата за барањата кои ги исполнуваат критериумите од Јавниот повик бр.1 за кредити од Кредитната линија од Компензационите фондови од странска помош со цел намалување на последиците од коронавирусот КОВИД-19, и го потврди предлогот на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје со кој на 117 компании кои вработуваат 3.001 лица, им се одобрени кредити во вкупен износ од 2 милиони евра.

Од овие 117 апликанти – 58 или 50% се компании до 10 вработени, 43 или 37% се компании до 50 вработени и 16 или 14% се компании до 250 вработени.

Владата ја донесе Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба, како и Уредба со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица кои вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба за исплата на финансиски средства за месеците април и мај 2020 година, во месечен нето износ од 14.500 денари.

Владата вчера донесе и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност за време на вонредна состојба, согласно која на невработено лице, на кое работниот однос му престанал во периодот од 11 март 2020 година до 30 април 2020 година, независно од времето поминато во работен однос, може да оствари право на паричен надоместок во висина од 50% од месечна нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, објавена за последниот месец.

Овој надомест се исплатува во случај кога работниот однос му престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, кога спогодбено му престанал работниот однос или кога работниот однос му престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос.

Со донесување на Уредбата ќе се обезбеди материјално обезбедување и на невработени лица на кои работниот однос им престанал не по нивна вина и воља.

9

ТАГОВИ: Влада кредити Одлука

Back To Top