skip to Main Content

Одлуки кои ги разгледа и усвои Владата на својата редовна седница

    5
Одлуки кои ги разгледа и усвои Владата на својата редовна седница

Владата на Република Северна Македонија на вчерашната седница ја усвои информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО и одлучи да продолжи со исполнувањето на релевантните препораки и одлуки на УНЕСКО, во насока на зачувување на статусот светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион.

Притоа Владата го задолжи Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, во соработка со Канцеларијата на Премиерот да формира работна група составена од функционерите на сите засегнати институции којашто ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа за алтернативна рута на железничката пруга долж Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа – Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг мисија и релевантните препораки на УНЕСКО. Предлог решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15 јануари 2020. Министерството за транспорт и врски, е задолжено во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во Регионот и истиот да го достави до Владата најдоцна до први септември оваа година. Министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура, се задолжени да изработат предлог План за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, и истиот да биде доставен до Владата за усвојување, најдоцна до почетокот на декември 2019-та година. Истовремено, Владата силно ги охрабрува општините Охрид и Струга да ги исполнат препораките на УНЕСКО, со крајна цел Охридскиот регион и натаму да биде под закрила на УНЕСКО.

На седницата, Владата го задолжи Министерството за образование и наука да спроведе постапка за реконструкција на Студентскиот дом во студентската населба „Стив Наумов“ во Скопје, во најкраток можен рок имајќи ја предвид прифатената информација за настанатата ситуација во поглед на одредени недоследности и неправилности утврдени во зградата 1 во студентската населба „Стив Наумов“ во Скопје, при извршен инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат.

Според информацијата којашто на предлог на Секретаријатот за европски прашања, вчера ја усвои Владата направени се неопходните подготовки за одржување на заедничка седница помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Косово. Во рамки на подготовките за седницата течат разговори за дефинирање соработки помеѓу двете земји, во неколку области и тоа: Транспорт и инфраструктура, трговија и економски развој, Соработка со дијаспората, внатрешни работи, правда, земјоделство, шумарство и водостопанство, здравство, култура, образование. Меѓувладината седница ќе се одржи во Скопје. Датумот, во согласност со нивните агенди, треба да го одредат премиерите на двете земји, Зоран Заев и Рамуш Харадинај.

Имајќи предвид дека Република Северна Македонија е пример во регионот во однос на заложбите за подобрување на состојбата на Ромите, Владата преку Генералниот секретаријат ќе отвори повик за печатење на дополнителни изданија на граматиката на ромски јазик и речник на македонски –  ромски јазик. Согласно Стратегијата за Роми 2014-2020 еден од постулатите на овој документ, како и една од приоритетни цели од истиот е развој и промоција на ромската култура, јазик и традиција. Печатењето на овие две публикации директно ќе придонесат кон реализација на оваа цел. Речникот на македонски –  ромски јазик од 800 страници ќе биде отпечатен во 500-тини примероци, додека граматиката на ромски јазик од 300 страници – во 1000 примероци.

На вчерашната седница беше прифатена и Информацијата за прогресот на активностите во реализацијата на Акцискиот план за воведување на вакцинација за заштита од пневмокок и рота вирус. Имено, во текот на овој месец до службите за имунизација ќе бидат дистрибуирани по 90 илјади дози од обете вакцини. Почнувајќи од следниот месец, родителите коишто сакаат нивното дете да прими некоја од вакцините, ќе имаат можност за тоа. Според светската здравствена организација, вакцината против Streptococcus pneumoniae ги штити децата од тешки заболувања, како пневмонија, отитис и менингит. Со воведување на вакцинацијата против Rotavirus, смета СЗО, децата ќе бидат заштитени од тешка форма на дијареи, како и од компликациите предизвикани од истите.

На предлог на министерството за образование, Владата ја одложи имплементацијата на наставните планови и програми за прва година на гимназиското образование, средното стручно четиригодишно образование и за средното стручно тригодишно образование, односно програмата Кембриџ, за учебната 2020-2021 година.

Владата на редовната 139-та седница за директор на Агенцијата за национална безбедност го назначи Виктор Димовски, досегашен државен секретар во Министерството за надворешни работи.

Истовремено, Владата ја констатираше оставката на директорот на истражниот затвор – Скопје, Ѓоко Котевски. На предлог на Управата за извршување санкции, за в.д. директор на оваа институција е назначен Есад Рахиќ, магистер по безбедносни науки и поранешен претседател на Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата на разузнавање, како и поранешен претседател на Комитетот за Одбрана и безбедност при Собранието на Република Северна Македонија.

5

ТАГОВИ: владина седница одлуки

Back To Top