skip to Main Content

Наташа Бошкова: Профитот на компаниите не смее да биде пред здравјето на граѓаните

    13
Наташа Бошкова: Профитот на компаниите не смее да биде пред здравјето на граѓаните

Од своето дологодишно искуство каде се јавува во својство на бранител на различни маргинализирани заедници, каде се повредува човековото право, адвокатката Наташа Бошкова во интервју за ЈанакиЗнае истакнува дека со неодамна донесениот Закон за спречување на дискриминација ќе се промовира еднаквост и ќе се превенира со случаи на дискриминација, но сепак, според неа, навидум работите се чинат променети, но сè уште сме сведоци на пристрасна јавната администрација, ограничена независност на судствтото, политизираност во судскиот совет, корупција итн.

Бошкова, која наедно е и правната советничка во „Коалиција Маргини“ за ЈанакиЗнае вели дека Законот за прекинување на бременоста е значаен исчекор во унапредувањето на правата на жените, кои подолг период наназад беа загрозени преку политики и пракси што штетно влијаат на животот и здравјето на жените.

ЈанакиЗнае: Почитувани Собранието неодамна го донесе Законот за спречување на дискриминацијата, задоволна ли сте од сроченото?

Наташа Бошкова: Законот за спречување и заштита од дискриминација е добар текст на закон чија цел е да обезбеди подобра заштита од дискриминација, но и да промовира еднаквост и превенира случаи на дискриминација. Усвојувањето на законот е полесниот дел од процесот, иако изминатиот период се соочивме со препреки што го одолговлекоа донесувањето. За мене позначајна е следната фаза, имплементацијата. Со законот се предвидува формирање на нова Комисија за спречување и заштита од дискриминација што треба да биде професионално тело кое треба да ги постави највисоките стандарди за промоција на еднаквоста, превенција и заштита од дискриминација. Персоналниот состав, но и почитување на независноста на ова тело, е клучно за да може овој закон да се операционализира во духот во кој е пишуван.

ЈанакиЗнае:
.Како адвокат и активист, на кое ниво е владеењето на правото во Македонија?

Наташа Бошкова: Нашата држава се соочуваше со тренд на влошување на состојбите по однос на сите основни принципи на демократијата и владеењето на правото во период од 2007 до 2017 година. Оваа е констатација на бројни анализи и извештаи на домашни и странски организации, но е и факт  што го доживуваме секојдневно и приватно и професионално. Влошувањето посебно беше забележано во состојбите со индивидуалните слободи, слободата на изразување и злоупотребите на државната моќ. Навидум работите се чинат променети во изминатиот период, но сè уште сме сведоци на пристрасна јавната администрација; ограничена независност на судствто; политизираност во судскиот совет; корупција; недостаток на транспарентост и други појави што влијаат на степенот на владеењето на правото и пристапот до правда на сите, а особено за маргинализираните заедници.

ЈанакиЗнае: Дали амнестијата донесена за дел од пратениците од Собранието можеме да ја наречеме селективна правда? Која е пораката која се испраќа?

Наташа Бошкова: Поврзано со претходното прашање, владеењето на правото подразбира дека сите сме еднакви и одговорни пред законите, кога велам сите, тука спаѓаат и носителите на највисоките функции. Законите треба да се јасни, јавно достапни, стабилни и праведни, и секако да се применуваат подедакво за сите, на начин што ќе се почитуваат правата. Начинот на кој амнестијата “ги разреши” правните прашања поврзани со настаните од 27-ми април создаде чувство на селективна правда што го поткопува принципот на владеењето на правото.

ЈанакиЗнаеЗадоволителен ли е Законот за прекинување на бременоста кој неодамна беше изгласан?

Наташа Бошкова: Да. Жалам што во 2019 година, по повеќе од половина век од кога нашите претходнички се избориле за ова право, ние бевме ставени во ситуација повторно да се бориме за враќање на одземеното. Законот за прекинување на бременост е значаен исчекор во унапредувањето на правата на жените, што подолг период наназад беа загрозени преку политики и пракси што штетно влијаат на животот и здравјето на жените. Сметам дека има простор за унапредување во делот на правата на адолсцентките и жените и девојките со попреченост, но генерално текстот го гарантира остварување на правото на прекинување на бременост и почитување на вољата на жената. Она за што треба да се погрижиме во следниот период е текстот на законот и доследно да се имплементира.

ЈанакиЗнае: Дали би поддржале промена на Законот за семејство во насока на овозможување на истополови бракови?

Наташа Бошкова: Лично не верувам дека бракот е вистинската форма на воспоставување и одржување на однос помеѓу партнерите, но секако штом хетеросексуалните парови имаат можност формално да склучат брак тоа треба да им биде дозволено и на истополовите партнери. Постигнување на еднаквоста во општеството значи еднакво уживање на правата во сите сфери во животот.

ЈанакиЗнае: Во Република Македонија се води ригидна казнена политика кон уживателите на канабис, појаснете Ве молам за пошироката јавност на што се должи тоа, дали ваквите казнени политики вродуваат со плод? 

Наташа Бошкова: Употребата на дроги е силен извор на стигма и дискриминација кон оние што употребуваат. Ова е резултат на долгогодишната политика на прогон и обид за “сузбивање” на оваа појава, што остава впечаток кај пошироката јавност дека и самата употреба е кривично дело. Искуството покажува дека дури и поединци во полицијата, обвинителството и судовите сметаат дека употребата или поседувањето за лична употреба треба да се казнува, што резултира со приведување, процесирање и казнување на луѓето што употребуваат канабис. Пред само честири години едно лице беше осудено за 0,2 грама канабис помешан со тутун на една година затвор, а Апелациониот суд во Скопје ја потврди оваа пресуда. Верувам дека постојат уште многу слични случаи. Луѓе секојдневно бараат совети и помош за ситуации во кои биле фатени како употребуваат или поседуваат канабис (и друга супстанца) за лична употреба, а против нив се покренува целиот кривично правен систем. Дали ова придонесува за намалување на понудата? Не. Ваквата политика за дроги го одржува пазарот со канабис, а крајните корисници што одлучиле да ја консумираат без штета за сопственото и здравјето на другите завршуваат со казни затвор или живеат со условна осуда што им виси како Дамоклов меч врз главата до следната средба со единицата “Алфа”.

ЈанакиЗнае:.Дали сметате дека канабисот треба да се легализира? Дали денес, три години подоцна, можеме да се пофалиме со нашите законски измени кои легализираа канабис во медицински цели?

Наташа Бошкова: Да, сметам дека треба да се легализира. Во повеќе наврати сум изјавила дека постоечкиот модел на легализација за мецицински цели не ги даде очекуваните резултати, а пациентите сè уште главно се снабдуваат “на црно” и покрај заканата за санкција. Законот, за прв пат во Македонија го криминализира поседувањето на коноп за лична употреба, што е спротивно на постоечките одредби во Кривичниот законик. Затоа, потребна е ревизија на постоечкиот закон и вкучување на засегантите пациенти, здравствените работници со нивните стручни знаења и искуства. Потребно е да се ревидира и прошири на листата на болести за кои може да се препишуваат препаратите од коноп, а листата да не биде составен дел на законот туку од подзаконски акт; да се отстрани ограничувањето препаратите да ги препишуваат само лекари од јавно здравствени установи и други измени што ќе им овозможат на пациентите полесен пристап до лекот, но и подобрување на јавното здравје. Профитот на компаниите не смее да биде пред здравјето на граѓаните.


Кратка биографија за соговорникот

-Наташа Бошкова е адвокатка и правна советничка во „Коалиција Маргини“ и здружението „ХОПС“;

-Долгогодишно искуство во работа со луѓето кои употребуваат дроги, сексуални работници/чки, луѓето кои живеат со ХИВ, ЛГБТИ луѓето и маргинализирани жени;

-Стратешки застапува случаи на повреда на правата на различни маргинализирани заедници, а преку активности за застапување за правата на маргинализираните, членува/ла во работни групи за подготовка на закони од важност за унапредување на човековите права;

-Неодамна доби случај пред ЕСЧП врз основа на кој државата е должна да донесе закон со кој ќе овозможи правно признавање на родот на трансродовите луѓе, а во тек се и други случаи што Наташа ги застапува пред ЕСЧП, со кои се бара утврдување на повреда на правата на луѓето кои употребуваат дроги и сексуалните работници;

-Искуство и во комуникација со механизмите за заштита на човековите права во рамките на системот на ООН преку поднесување на извештаи; претставки и барања за истраги; учество во тематски дискусии и друго.

13

ТАГОВИ: адвокатка Наташа Бошкова

Back To Top