skip to Main Content

Митко Чавков осуден на 18 години казна затвор, Дурловски ослободен од обвинение

    6
Митко Чавков осуден на 18 години казна затвор, Дурловски ослободен од обвинение

Во Кривичниот суд во Скопје беа изречени пресудите за 17-те обвинети во предметот „27 април“, при што судот за Митко Чавков одреди казна затвор од 18 години, а Игор Дурловски го ослободи од вина.

На самиот почеток на изрекувањето на пресудите за предметот познат во јавноста како „27 април“ во Основниот суд Скопје 1 Скопје, судијката Добрила Кацарска истакна дека крвавиот четврток не смееше да се случи, напоменувајќи дека во меморијата на граѓаните засекогаш ќе останат сеќавањата од овој немил настан, но најмногу болат сеќавањата на несоодветното однесување на полициските службеници на високораководни позиции, кои не постапувале по должност, а исто така и однесувањето на пратениците кои ширум ги отворија портите на Собранието.

На обвинителна клупа денеска седеа и ја слушнаа пресудата, Митко Чавков кого судот го осуди на 18 години казна затвор, Душко Лазаров доби 15 години, Горан Ѓошевски-Леви доби 15 години засметано со времето поминато во куќен притвор, Митко Пешов доби 15 години, Оливер Поповски доби 13 години, Мунир Пепиќ доби 15 години, Абдуљфета Алими доби 7 години, Оливер Радулов доби казна затвор 10 години во која се засметува времето поминато во куќен притвор, Јане Ченто доби 15 години, Игор Југ доби 12 години, Александар Василевски-Нинџа казна затвор од 8 години, Никола Митревски-Кољо доби 15 години казна затвор, Младен Додевски доби 12 години, Горанче Ангеловски доби 12 години, Влатко Трајковски доби 15 години и Вилијам Михајловски доби 14 години казна затвор,  сите судот ги прогласи виновни за кривичното дело кое им се ставаше на товар- терористичко загрозување на уставниот поредок.

Игор Дурловски, се ослободува од обвинение, бидејќи јавниот обвинител не докажал дека е извршено делото кое му се ставаше на товар.

-Овој настан ќе влезе во историјата на Република Северна Македонија и тоа испишан со црни букви. Впрочем како што рекол и самиот поет Софокле: „Дражавата во која насилството и поединците остануваат не казнети, ќе заврши во длабока темнина“-рече Кацарска пред да пристапи кон објавувањето на пресудата.

Судечкиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска го прифати барањето на Обвинителството за обезбедување притвор на обвинетите во настаните од 27 април во Собранието кои денеска добија вкупно 211 години затвор.

Овој судски процес започна во август минатата година, каде првично беа обвинети 33 лица, но по донесувањето на Законот за амнестија помилувани беа 15 лица.

6

ТАГОВИ: 27 април сценарио

Back To Top