skip to Main Content

Министерката Дескоска на брифинг со медиумите

    3
Министерката Дескоска на брифинг со медиумите

По денешниот брифинг со новинарите, министерката за правда Рената Дескоска изјави дека очекува годинава Собранието да биде посветено на реформскиот пакет закони и 2019 година да биде година на реформи во правдата, бидејќи тие се и клучниот услов за евроинтеграцијата.

На брифингот со медиумите беше разговарано за Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за СЈО/Јавното обвинителство, Законот за Судски совет и сето она што е постигнато досега.

Говорејќи за Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Дескоска посочи дека во дел од собраниските амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ на ова законско решение има и такви со кои се бара да се тргне надлежноста на идните членови на ДКСК да вршат увид во банкарските сметки на функционерите.

– Апелирам до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да бидат свесни за значењето на Законот за спречување на корупција и да се откажат од одредени барања што ги имаат, кои треба да придонесат за намалување на значењето, улогата и надлежностите на ДКСК. Она што реално предизвикува проблем во нивните амандмани е барањето за бришење на условот за забрана за политизација на членовите, односно спречувањето одредени членови што биле политички активни во изминатиот период или биле донатори на политички партии да не бидат членови. Понатаму барањето да се тргне надлежноста за увидот во банкарските сметки на функционерите- рече министерката за правда.

Поради позитивната оценка од Венецијанската комисија за Законот за судовите, министерката Дескоска очекува поддршка од сите пратеници во Собранието, но и поддршка за Законот за прекршоците со коишто се намалуваат казните и глобите за граѓаните и фирмите, како и поддршка за Законот за Управни спорови, чии измени претпоставуваат ефикасни судски спорови пред Управните судови.

Следен закон кој ќе влезе во собраниска процедура е законот со кој ќе се регулира статусот на Специјалното јавно обвинителство.

– Во овој момент се водат дебати и се разгледуваат опции околу дефинирање на надлежноста на СЈО и тоа надлежноста околу прислушкуваните материјали и секако разграничување на нивната надлежност со Обвинителството за организиран криминал, истакна министерката Дескоска.

Барањата и очекувањата на министерката се да се искористат капацитетите на СЈО, во кои е вложено многу изминатите години.

3

ТАГОВИ: брифинг Министерство за правда

Back To Top