skip to Main Content

Мерсиха Смаиловиќ: Македонија е јасен доказ за грубото кршење на конвенцијата за бегалци

    21
Мерсиха Смаиловиќ: Македонија е јасен доказ за грубото кршење на конвенцијата за бегалци

Македонија потфрли и сè уште потфрла кога се во прашање бегалците. Системот кој не им пружа заштита и одбива да им пружи, беше „награден“ со пресуда од Европскиот Суд за човекови права, во која бегалка од Косово била лишена од правото на азил, бидејќи иако како малолетна доаѓа во Македонија, според МВР, преставувала опасност за нашата земја, вели во интервју за ЈанакиЗнае Мерсиха Смаиловиќ претседател и еден од основачите на здружението на граѓани „Легис“. Основната мисија на ова здружение е да поттикне ширење на добрите дела, сè со цел да се развива една посветла и подобра иднина за сите, нивните напори се за почитувањето на човековите права кои му следат на секое човечко суштество.

ЈанакиЗнае: Почитувана, претседател сте на Здружението на граѓани „Легис“, Ве молиме појаснете им на читателите поопширно кои се целите и мисиите на ова здружение?

Мерсиха Смаиловиќ: На чело на „Легис“, сум избрана од неодамна, но јас сум еден од основачите на истото. Во 2009 година кога решивме да го основаме здружението, бевме една група на пријатели, од кои поголемиот дел беа лекари. Размислувавме за глобалните проблеми и кризи со кои се соочува човештвото. Водени од целта дека секој живот е подеднакво важен ја потцртавме нашата мисија.  Заштитата на животот, напорите да ги намалиме страдањата и угнетувањето и да обезбедиме достоинство, почитување на човековите права но и социјалната правда. Нашата мисија има тенденција да поттикнеме ширење на добрите дела, за да се развива една посветла и подобра иднина за сите. Мисијата нè водеше од теорија да пристапиме кон конкретни активности со кои преку заедничка работа и разбирање, сите можеме да придонесеме за подобар свет. „Легис“ беше дел од хуманитарните иницијативи за поддршка на народот во Палестина, Сомалија, Мјанмар, поплавите во Босна и Хрватска, како и во хуманитарни акции локално. Преку хуманитарните мисии наша цел не е само намалувањето на човечкото страдање, туку враќањето и на човечкото достоинство, но, пред се, нашите напори се за почитувањето на човековите права кои му следат на секое човечко суштество.

ЈанакиЗнае: Неодамна зедовте учество на Картепе самитот во Турција посветен на миграција и мигранти. Какви заклучоци ни донесовте назад во Македонија?

Мерсиха Смаиловиќ: Картепе Самитот традиционално се одржува во општината Коџаели, во планинското одмаралиште Картепе, блиску до Истанбул. Оваа година Самитот беше насловен: „Миграции, Бегалци и Хуманоста“.  Самитот го отворија Министри од Турција и Грција, како и поранешниот Премиер на Грција, Папандеру како и преставници на мисиите на ОН и ЕУ. Во текот на самитот се одржаа 48 панел сесии, 12 академски сесии, работилници и сл. За бегалците и миграции збореа политичари, академци, активисти, самите бегалци и сл. Она што имав прилика да го слушнам од домаќините, кои беа најбројни на самитот, е големиот број на бегалци кои живеат во Турција и тоа скоро 5 милиони, од кои 4 милиони се регистрирани. Присутните градоначалници на општинити кои се домаќини на голем број бегалци говореа за процесите на интеграција во сите сегмени на животот. Образование, работни дозволи, социјален и културен сегмент и др. Секако дека дебатиравме за Конвенцијата за бегалци, на која Турција има ставено географка ограниченот т.е. само бегалци од земјите на ЕУ ќе се здобијат со азил и заштита, додека Сиријците како и останатите бегалци со посебни закони и уредби се имаат здобиено со заштита од Р. Турција. Размената на искуства, дискусиите за тековите на миграциите, се секогаш корисните информации со кои се збогатувате.

ЈанакиЗнае: Прилично сте вокална по повод Палестинското прашање. Кое е според Вас решение за долгиот Израелско-Палестински спор кое би било оддржливо на долг рок?

Мерсиха Смаиловиќ: Сум голем поборник за правото на самоопределување и генерално почитувањето на правата, а против секој чин на окупација и репресија. ОН имаат донесено голем број на резолуции со кои ја осудуваат политката на Израел за окупирање на Палестинската територија, поради која Палестинците остануваат број еден народ по бројот на иселенции т.е. бегалци. Јас верувам дека на таа територија треба да егзистираат двете земји, со границите од 1967 година и правото Палестинците да се вратат на својата територија. Нелсон Мендела изјавил: „ Нашата слобода е нецелосна се додека Палестина не е слободна и независна држава“.

ЈанакиЗнае: Активно бевте и Вие лично и самото Здружение вклучени во работа и помагање на мигрантите чии бројки рапидно се зголемија во 2015 година. Дали нашата држава ги запазува правата на мигрантите (говориме за оние од воените подрачја, не економските мигранти) гарантирани со Конвенцијата која се однесува на статусот на бегалците од 1951?

Мерсиха Смаиловиќ: Многу е важно да ги разграничиме термините: бегалец и мигрант и правилно да ги употребуваме. Нашите заложби се за правилно дефинирање на работите. Иако Законот на Р.М. дава насоки со кои едно лице може да се здобие со статусот на бегалец, сепак, можам генерално да кажам дека ниту Законот за Азил тогаш не се почитуваше, ниту Конвенцијата. Можеби мојот труд за Магистратура ќе биде на оваа тема, која не може во едно прашање да се одговори. Но, генерално, Македонија потфрли и сè уште потфрла кога се во прашање бегалците. Системот кој не им пружа заштита и одбива да им пружи, беше „награден“ со пресуда од Европскиот Суд за човекови права, во која бегалка од Косово била лишена од правото на азил, бидејќи иако како малолетна доаѓа во Македонија, според МВР, преставувала опасност за Р.М. Секако дека МВР, не доставило никаков доказ до Европскиот Суд, со што пресудата е ЗА или против, Македонија е јасен доказ за грубото кршење на конвенцијата за бегалци како и домашното право.

ЈанакиЗнае: Вообичаено беше, особено во период на големиот бран бегалци, да истите бидат жртви на кривични дела. Кој тип на кривични дела кои се сторени спрема бегалците најчесто ги регистриравте?

Мерсиха Смаиловиќ: Интересно е што во текот на тразнитирањето на бегалците и мигрантите низ Македонија, истите немаат причинето ниту едно кривично дело на наша територија, тоа може и да се види и во извештаите на МВР, но, истите беа жртви на криминални крупи. Беа соочени со тешки кражби, насилство, заплашување, измама… Дискриминација! Да не го заборавиме фактот дека билетот за воз на нив им беше наплатуван 25 евра, од страна на Македонски железници, ограничувањето на слободата на движење, со влегувањето во камповите на јужната и северната граница, на бегалците и мигрантите им беше забрането и сè уште им е забрането да излегуваат од истите. Значи лишувањето од слободата сè уште трае, и тоа повеќе од 48 часа.

ЈанакиЗнае: Како припадник на Бошњачката заедница дали правата на етникумите, особено оние кои не припаѓаат на двата најголеми, се почитуваат?

Мерсиха Смаиловиќ: Етничките заедници во Македонија имаат добра законска заштита. Имаме право на образование на мајчин јазик, иако има потешкотии во реализирањето. Но, најголемата форма на дискриминација ја гледаме во нерамноправната застапеност во органите на државната и локалната власт. Според најновите резултатити од Министерството за Информатичко Општество, од државните органи само 0. 48% или 496 од вработените се од Бошњачка националност, додека, бројката треба да биде двојно поголема. Да не навлегувам во баланесерот кој државните органи го користат како алатка за новите вработувања. Досега само еден оглас, гласел дека кандидатот треба да биде од оваа националност. Државните органи треба да ни служат на сите нас, како што ние како заедница сме почитувани граѓани кои редовно си ги плаќаат даноците и обврските кон државата.

ЈанакиЗнае: Дали би поддржале измени во Законот за семејство во насока на легализација на истополовите бракови?

Мерсиха Смаиловиќ: Покрај мојот национален идентитет кој погоре го напоменавте, јас исто така имам силен верски идентитет. Религијата за мене е многу битна и јас мојот живот го живеам во склад со верските учења и наративи. Исламот како религија, бракот го дефинира како договор помеѓу мажот и жената, чија дефиниција и јас ја прифаќам. Скоро бев на траклезна маса за еднородителските семејства, и Министерката напомена дека нашето население не е подготвено да чуе за различните видови семејства, бидејќи за нив традиционално, под семејство се подразбира маж и жена со нивните деца или дете.

ЈанакиЗнае: Се залагате ли за воведување на веронаука во училиштата?

Мерсиха Смаиловиќ: За мене исправен концепт би било предметот Запознавањето со религиите. Каде секое дете ќе може да се информира како за својата религија и верување, така и за сите други религии и верувања кои постојат кај нас во Македонија. Само со запознавањето на другите религии, можеме да градиме едно друштво на толеранција и разбирање. Религијата е битен момент кај голем број граѓани во Македонија, и за неа мора да се разговара и во образовниот процес, но, низ механизмот на запознавање.

ЈанакиЗнае: Како правник, како ја коментирате состојбата на судството во Република Македонија?

Мерсиха Смаиловиќ: Како правник, но и граѓанка која ги следела сите политички процеси во Македонија, можам само да кажам дека огромни реформи се потребни во судството, како и на сите други судски органи. Неполитизирано судство, судство во кое судиите ќе вложуваат во знаењето и професионалноста и нема да потклекнуваат на разните притисоци околу нив, на нас ни е потребно. Секогаш кога сум превзела некои постапки пред нашите судови, тие траеле долго, со што сфаќате дека задоцнетата правда не е правда!

ЈанакиЗнае: Ќе ве видиме ли во маинстрим политика набрзо?

Мерсиха Смаиловиќ: Како дел од невладиониот сектор вклучени сме во многу процеси, кои се поврзани со централната и локалната власт. Даваме предлози, покренуваме иницијативи, сè со цел нешто да смениме во општеството. Јас тука се гледам себе си! Од страната на граѓаните како покренувач на инцијативи и процеси. Секако дека како и повеќето граѓани сум разочарана од реформите кои споро се случуваат, сите скандали кои се поврзуваат со власта и сето тоа уште повеќе ме одалечува од идејата некогаш да се најдам во Собранието, кое на платна листа има осудувани криминалци и кое исплаќа право богатство за патните трошоци. Како поединка сум свесна дека не можам ништо да сменам, затоа, невладиниот сектор во моментов ми е подобра опција за активно учество во политичкиот живот во Македонија.


Кратка биографија за соговорникот

Мерсиха Смаиловиќ е родена во Скопје, правничка по професија и магистрант по меѓународно право.

Повеќе од 11 години е ко-сопственичка на финансиско правен консалтинг, но, останатиот дел од денот го поминува волонтирајќи во граѓанскиот сектор.

Активист за човекови права, активист против дискриминацијата, исламофобијата, за правата на етничките заедници, хуманистка, глас на бесгласните – невидливите, во нашето општество.

 

21

ТАГОВИ: Мерсиха Смаиловиќ

Back To Top