skip to Main Content

Маја Морачанин: Девијантните и криминогени појави кај младите се резултат на состојбите во општеството

    28
Маја Морачанин: Девијантните и криминогени појави кај младите се резултат на состојбите во општеството

Една од најгорливите теми, за која малкумина имаат храброст да говорат е насилството врз жените и воопшто принуденоста на жените се уште да бидат во потчинета положба во однос на мажите. Македонија неодамна ја ратификуваше Истанбулската Конвенцијата која ги осудува сите форми на насилство врз жените и домашното насилство. Пратеничката, наедно и претседателка на Форумот на жени на ДОМ, Маја Морачанин за ЈанакиЗнае го изнесе својот став на оваа тема, која е една од врвните приоритети на оваа партија. Пратеничката Морачанин смета дека со поголема ажурност на полицијата, обвинителството и судството, како и потребата од превентивни активности, особено во воспитно-образовниот процес и медиумите, значително ќе се сузбие овој проблем од кој произлегува дека децата се најголемите жртви.

ЈанакиЗнае: Почитувана Маја, во фокусот на партиските политики на ДОМ се зелените политики. Во таа смисла каков е ставот на ДОМ по повод гасоводот на Водно? 

Маја Морачанин: Ставот на ДОМ, како зелена партија е дека најдобро е да се избере гасоводна траса која нема да минува низ Водно. Водно е главен прочистувач на воздухот и значајно излетничко место за граѓаните на Скопје. Во просторниот план на Република Македонија, парк-шумата Водно е дефинирана како заштитен предел со посебни природни карактеристики и е предвиден режим на заштита како дендролошки споменик на природата.

ЈанакиЗнае: Еден од краткорочните приоритетите на ДОМ во политиката насочена кон младите е борба против девијантните и криминогени појави меѓу младите. Какви политики предлагате? Претпоставувам не предлагате порепресивен пристап…

Маја Морачанин: Ни случајно, борбата со криминогените и девијантните појави кај младите треба да биде системска, со учество на сите чинители во општеството, со акцент на превентивниот, а не на репресивниот пристап.

Сметам дека девијантните и криминогените појави кај младите се резултат на состојбите во општеството: губитокот на етичките вредности, слабостите на воспитно-образовниот систем, егзистенцијалните проблеми, високата младинска невработеност, како и преплавеноста на јавниот дискурс со говор на омраза, стигматизација и дискриминација.

ДОМ го препознава значењето на младинските политики во развојот на прогресивно, демократско општество. Младинската организација на ДОМ-МОДОМ има целосна поддршка од сениорите во нивното  самостојно делување. МОДОМ како и Форумот на жени на ДОМ имаат свои посебни потсметки со што се овозможува нивна финансиска независност. Како членка на Мрежата на зелени младински организации (CDN) и Федерацијата на млади европски зелени (FYEG), МОДОМ има интензивна соработка со зелените младински организации во Европа. Од вкупно 21 општински советници од ДОМ, 3 се членови на МОДОМ.

ЈанакиЗнае: Во Преамбулата на Истанбулската Конвенција се вели дека насилството врз жените е еден од главните општествени механизми со кој жените се принудуваат на потчинета положба во однос на мажите. Македонија неодамна ја ратификуваше Конвенцијата. Какви обврски произлегуваат за Република Македонија во поглед исполнување на одредбите од Конвенцијата?

Маја Морачанин: Истанбулската Конвенција во Република Македонија беше ратификувана во декември 2017 година, а од 01.07.2018 влезе во сила. Во тек е процесот на јавна дебата за Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата. Следува усогласување на законската регулатива во преку дваесет закони со одредбите на Конвенцијата, отворање нови сервиси за унапредување на заштитата на жртвите и спроведување активности за превенција од родово базирано и домашно насилство.

Како активистка за родова рамноправност сметам дека е од огромно значење што Истанбулската Конвенцијата ги осудува сите форми на насилство врз жените и домашното насилство. Препознава дека остварувањето на еднаквост меѓу жените и мажите е клучен елемент во спречувањето на насилството врз жените. Истакнува дека насилството врз жените е манифестација на историски нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите, што довеле до доминација и дискриминација врз жените од страна на мажите и до спречување на целосното напредување на жените. Препознава дека жените и девојчињата се изложени на повисок ризик од родово засновано и домашно насилство отколку мажите.

За нас како зелена партија прашањата за родовата еднаквост и борбата против насилството врз жените и домашното насилство се меѓу врвните приоритети. На оваа тема, како претседателка на Форумот на жени на ДОМ, мината седмица ја модерирав трибината на која учествуваа претставници од надлежните институции, невладини организации и активисти. Се констатираше потреба од системски пристап, подобра интерсекторска соработка, континуирани обуки на вработените во институциите, поголема ажурност на полицијата, обвинителството и судството, како и потребата од превентивни активности, особено во воспитно-образовниот процес и медиумите.

ЈанакиЗнае: Задоволна ли сте од измените во Законот за спречување и заштита од дискриминацијата? Инкорпорирани ли се во Законското решение, Вашите заложби како партија?

Маја Морачанин: Задоволна сум од одредбите во новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој се подготвуваше во текот на изминатите две години, во инклузивен и транспарентен процес. Како координаторка на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ луѓето, сметам дека внесувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација е од особена важност. Во минатиот период, пратеничката и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска ги предлагаше овие измени во Законот, но тие не добија поддршка во Собранието. Исто така, значајно е што со новиот закон ќе се професионализира Комисијата за заштита и спречување на дискриминација, со зголемување на нејзините надлежности и поголем фокус на превенцијата од дискриминација. Граѓаните што ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација ќе бидат ослободени од плаќање трошоци за судски такси. Со донесување на новиот Закон ќе се овозможи поефикасна борба против дискриминацијата и целосна заштита на сите загрозени категории.

ЈанакиЗнае: Законот за урбано Зеленило е едно од законските решенија кои ги туркаше ДОМ. Започната ли е имплементацијата на измените кои овој Закон ги донесе?

Маја Морачанин: По три неуспешни обиди во минатото за донесување на предложениот Закон за урбано зеленило во Собранието, во јануари 2018 година, со поддршка од парламентарното мнозинство, Законот беше усвоен. Овој Закон предвидува стандард од 25м2 зеленило по жител во ГУП-овите, најмалку 20% зеленило на градежна парцела, изработка на зелен катастар, односно попис на целото зеленило во општините, како и строга заштита на постојното зеленило, независно од видот на сопственоста.

Започната е имплементацијата на Законот и во тек е изработката на подзаконски акти. Потребно е и усогласување со Законот за просторно и урбанистичко планирање, за што како пратенички од ДОМ веќе ги подготвивме измените.

ЈанакиЗнае: Какви долгорочни ефекти очекувате од Законското решение?

Маја Морачанин: Долгорочни ефекти на Законот за урбано зеленило се подобрување на квалитетот на воздухот, на здравјето на граѓаните, на микроклимата, адаптирање на климатските промени, намалување на бучавата и ерозијата на земјиштето, естетско облагородување и декорација на просторот, зачувување на биолошката разновидност, контакт на жителите со природата. Едноставно – поздрав, поквалитетен и похуман живот на граѓаните во урбаните средини.

ЈанакиЗнае: Какви се Вашите планови за понатамошно делување против рудниците кои се планирани? Уставен суд веќе укина една референдумска одлука….што понатаму?

Маја Морачанин: Укинувањето на референдумската одлука од страна на Уставниот суд е беспредметно. Суштината е што граѓаните масовно, јасно и недвосмислено кажаа НЕ за отворање рудници во земјоделски и туристички краеви.

За ДОМ како зелена партија, заштитата на здравјето на граѓаните и животната средина е врвен приоритет. Со одлуката на Владата еднострано да го раскине договорот со рудникот Казандол, сите ние како екологисти ја добивме првата битка во борбата против отворање рудници од отворен коп, во кои се употребуваат цијаниди и сулфурна киселина.

Пред неколку месеци, група пратеници од ДОМ, СДСМ и независни пратеници предложивме Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини. Како резултат од забелешките изнесени на јавната расправа. Комисијата за економски прашања во Собранието, минатата седмица, усвои неколку амандмани со кои се допрецизираше текстот на Предлог-законот. Очекуваме во текот на овој месец, Дополнетиот предлог на законот да биде ставен на дневен ред на пленарна седница и да биде усвоен. Со овој закон практично ќе се забрани отворање на нови рудници за металични минерални суровини, од отворен коп, во кои се употребуваат цијаниди или сулфурна киселина.

ЈанакиЗнае: Потребно ли му е на Скопје градежен мораториум?

Маја Морачанин: Не е потребно да се воведе градежен мораториум на целата територија на градот Скопје, туку да се гради согласно урбанистичките стандарди кои овозможуваат квалитетни и хумани услови за живеење во градот. Да се почитуваат нормативите за густина на население, коефициент на изграденост, осонченост, проветрување, процент на зеленило, соодветна сообраќајна и комунална инфраструктура, како и потребите од градинки, училишта, паркови, простор за рекреација. На Македонија и е потребна “дескопјанизација”, односно рамномерен регионален развој.

ЈанакиЗнае: Се залага ли Демократска Обнова се уште за прекин на спорните ДУП-ови? Уставен веќе го укина ДУП-от за Карпош, но гледаме дека дел од градоначалниците заборавиле на предизборните ветувања?

Маја Морачанин: Да, ДОМ останува на ставот дека спорните ДУП-ови треба да се стопираат и да се ревидираат. Во изминатите години, граѓаните на неколку скопски општини масовно протестираа против нетранспарентните постапки на носење ДУП-ови, узурпацијата на јавниот простор и негова “бетонизација”. Некои граѓански иницијативи поднесоа и претставки до Уставниот суд за спорните ДУП-ови. Одлуките на Уставниот суд за укинување на неколку ДУП-ови се потврда за оправданоста на реакциите на граѓаните, но и основ да се побара одговорност од надлежните и одговорните лица.

Градоначалниците и советниците во општините мора да го стават јавниот интерес пред финансискиот интерес на инвеститорите, но и на општините кои најголем дел од средствата ги обезбедуваат од наплатата на “комуналии”. Општина Центар може да биде одличен пример за другите општини.

ЈанакиЗнае: Дали ДОМ, и Вие како пратеник, би поддржале законски измени во насока на декриминализација на канабисот во РМ?

Маја Морачанин: Да, ставот на ДОМ и мојот став како пратеничка е: За декриминализација на канабисот. Всушност, според нашата легислатива, личната употреба на канабис се казнува со парична казна и не претставува кривично дело. Проблем е што во пракса често се поврзува со намера за продажба и тогаш се одредува затворска казна. Сметам дека секое полнолетно лице има право на слободен избор дали ќе користи канабис за лична употреба. Исто така, мора да го имаме предвид и негативното влијание на издржувањето казна затвор врз физичкиот, психичкиот и социјалниот статус на индивидуата. Декриминализацијата и депенализацијата на личната употреба на канабис е тенденција во државите на ЕУ.

ЈанакиЗнае: Што правиме со легализацијата на канабисот? Подготвени ли сте да одите чекор понапред како политичка структура?

Маја Морачанин: Легализацијата го опфаќа снабдувањето, односно производството и продажбата на канабис, со оддредени ограничувања слично како со тутунот и алкохолот. За разлика од европските земји, каде ниту еден предлог закон за легализација на канабис не ја доби потребната поддршка во националните парламенти, во Уругвај, осум држави во САД и Канада, канабисот се легализираше. Искуствата од овие држави покажуваат евидентно намалување на “црниот пазар” и организираниот криминал поврзан со канабис, нови работни места во канабис индустријата и значителни буџетски приходи од даноците од продажбата на канабис. Сметам дека за да се пристапи кон легализација на канабисот во Македонија потребни се детални анализи на состојбата и широка дебата со вклученост на експерти од областа на здравството, правото, земјоделството, економијата, социлогијата, образованието.

ЈанакиЗнае: Ви недостига ли Вашата основна професија?

Маја Морачанин: Да, ми недостига лекарската професија. Љубовта кон медицината потекнува од мојата детска возраст. Во текот на 20- годишната пракса, во приватниот здравствен сектор, на почетокот како општ доктор, а потоа како специјалист по физикална медицина и рехабилитација, посветеноста кон подобрување на здравјето и квалитетот на животот на пациентите, за мене беше императив. Идентичен е мотивот и за мојот активен ангажман во политичкиот живот, да придонесам за поквалитетен и посреќен живот на луѓето.


Кратка биографија за соговорникот

Маја Морачанин е член на ДОМ. Специјалист физијатар, Медицински факултет – Скопје.

Активности во Собранието:

  • Национален совет за евроинтеграции, заменик-член
  • Комисија за здравство, член
  • Комисија за еднакви можности на жените и мажите, член
  • Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, заменик-член
  • Комисија за култура, заменик-член
  • Комисија за труд и социјална политика, заменик-член
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, член
  • Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Австрија, член
28

ТАГОВИ: ДОМ Маја Морачанин

Back To Top