skip to Main Content

Марта Гусар: Сè уште се молчи за насилството врз жената

    19
46866290_2225394184373282_637877672239693824_n

Насилството врз жените, вклучувајќи го и домашното насилство, е еден од најсериозните родово – засновани облици на повреда на човековите права во Европа, за која повреда сè уште се молчи, поради неможноста да се подигне свеста кај народот, токму поради преносот на традицијата на дискриминација и доминација на мажите врз жените и кај новите генерации.

И кога зборуваме за насилство согласно Конвенцијата, не говориме само за насилство врз жените во рамки на семејството, туку веќе се опфаќа и пошироко гледиште на насилството во домашно, кое е насочено кон други жртви како што се децата, мажите и постарите лица.

Домашното насилство сè уште е скриена појава која е присутна во многу семејства, и како таква не смее да се занемари.  Доколку ги анализираме сите направени анкети, се доаѓа до заклучок дека секоја трета жена искусила физичко насилство барем еднаш во текот на нејзиниот живот како возрасна.

Најголемиот број од овие насилни акти ги вршат мажи кои се во нивното непосредно опкружување, а најчесто жртви се нивните партнери или поранешни партнери.

И покрај фактот што домашното насилство над жените е широко распространето, во ниту еден случај не смее да се занемари врската помеѓу домашното насилство над жените и физичкото малтретирање на деца, како и траумите кои ги трпат децата кои се сведоци на вакво насилство во домовите. Кога се засегнати деца, истите не мора да бидат директно засегнати за да се сметаат за жртви, туку самото сведочење на домашно насилство е травматско искуство и доволно за и самите да се сметаат за жртви. Она што мора да се напомене е фактот што насилството не влијае негативно само врз жените, туку и врз целото општество, и дека е неопходна итна акција за заштита и целосно искоренување на истото.

Насилството против жените сериозно ги прекршува нивните основни права на живот, безбедност, слобода, достоинство и физички и емотивен интегритет, па поради тоа не смее да се игнорира од ниту едно физичко битие и надлежна институција.

Домашното насилство е насилство помеѓу партнери, поранешни или сегашни сопружници или партнери. Она што е значајно е фактот што со примената на Конвенцијата конечно ќе дојде до препознавање на насилство извршено од поранешен партнер кој и не морал да дели заедничко живеалиште. Со ваквата дефиниција целосно се олеснува заштитата на жртвата.

Понатаму, значајните елементи и одредби во Конвенцијата се токму насочени кон дефинирање на поимот родово базирано насилство, кое конечно доведе до разликување на другите видови на насилство во тоа што родот на жртвата е примарниот мотив за насилните дела. Со други зборови, родово заснованото насилство врз жените се однесува на какво било насилство или штета кои се нанесени врз жена, и кое претставува причина и резултат за нееднаквата позиција на моќ која почива врз разликите помеѓу мажите и жените што доведува до подреден статус на жените и во приватниот и во јавниот живот.

Целта на самата Конвенција е токму фактот јавноста конечно да биде целосно информирана за различните форми на насилство кое жените го искусуваат на редовна основа како и за различните манифестации на домашно насилство.

Но, за да може да биде јавноста информирана, а со тоа да се подигне и свеста на повисоко ниво со цел за јасно препознавање на насилството и заштита на жртвите, секако е потребно водење кампањи или програми кои ги третираат и објаснуваат овие прашања на родово сензитивен начин. Програмите мора да вклучуваат и пренос на информации за еднаквост помеѓу мажите и жените, и ненасилно решавање на конфликти во семејните односи, со потенцирање на штетните последици по децата на насилството врз жените и домашно насилство, кои може да се одразат врз нив во директна или индиректна форма.

Конвенцијата се стреми за жртвите да обезбеди мерки против сторителот, но исто така веќе е отворена можноста и се безбедни мерки против државните иниституции кои не ја исполниле својата должност да ги преземат неопходните превентивни или заштитни мерки. Оваа новина е од големо значеење, токму поради фактот што најчесто и на изречени мерки од страна на надлежниот суд, надлежните институции кои впрочем треба да преземат дејствија за спроведување на мерката, остануваат глуви и неинформирани за начинот на кој треба да ги преземат или па сметаат дека со самата опомена насочена спрема сторителот ја постигнале целта на мерката, што е апсурдно, особено ако се земе во предвид фактот дека сторителот никогаш ама никогаш досега не престанал да вознемирува или врши насилство само со обична опомена од страна на надлежна институција.

Па оттаму, принципот на одговорност на надлежните државни инситуции кои се директни извршители на изречените мерки за заштита на жртвите имаат обврска совесно да превенираат, истражуваат и казнуваат акти на насилство опфатени со делокругот Конвенција, како и на сите законски  норми кои се насочени кон зашттиа на жртви на семејно и родово базирано насилство врз жените. Непочитувањето на оваа обврска може да резултира со законска одговорност и граѓанското право треба да понуди правни механизми за одговор на ваквото непостапување.

Една од наејскцплицитните и најзначаните новини кои ги регулира Конвенцијата и која е во насока на поголема и посеопфатна заштита на жртвата е токму фактот што го утврдува правото на надомест на штета претрпена како резултат на некое од делата утврдени со Конвецијата. Впрочем со вакавата можност се воспоствавува принципот да сторителот е оној кој е одговорен за штетата и нејзиниот надомест, но не се исклучува и можноста надоместокот да се бара преку осигурителните компании или од државните инситуцуии кои ќе бидат должни да предвидат финасии за надомест на штета на жртвата.

Секако надоместувањето од страна на државните институции Конвенцијата ја предвидува како супсидијарна обврска, но сепак остава простор и можност за размислување и начин како државата покрај донесувањето на законските мерки за заштита да изврши и обештетување на жртвата. И покрај фактот што надоместот на штета од страна на држвата секако е од времен карактер, односно со право потоа да се бара поврат на паричните средства, секако тоа е во насока во ниту еден случај да не биде на штета на жртвата.

И за крај конечно при заштитата на жртвата се уредува обврската за правна помош на жртвата, особено поради комплексноста на судските постапки, како и самата информираност на жртвите за сите правни средства кои им стојат на располагање кои се во насока на нивна заштита. Па оттаму, Конвенцијата предвидува обврска во конкретниот случај на Република Македонија да предвиди право на правна помош и на бесплатна правна помош за жртвите, под условите пропишани со домашното право. Секако правото на бесплатна правна помош не е предвидена како автоматска, но секако државата е таа која мора да ја има во предвид постапката за добивање на бесплатна правна помош која би била регулирана и овозможена без притоа да се остави жртвата низ лавиринтите на бирократијата, туку напротив истата да биде овозоможена во итна постапка, особено кога степенот на ризик од наредно насилство е висок, па оттаму и самата постапка за добивање на бесплатна правна помош во тој случај да биде итна.

Оттука, видно е значењето на Конвенцијата, најпрво во насока на подигнување на свеста за препознавање на насилството врз жените како резултат на манифестација на историско нееднаквите односи на моќ меѓу жените и мажите што довеле до доминација и дискриминација, елиминирање на било каква дискриминација и доминација и секако при постоење на истото, заштита на жртвите во секоја сфера од секојдневниот живот, со сведување на минимум на сите трауматски состојби на жртвата предизвикани од стореното насилство, со цел нејзино повторно интегрирање во општеството.


Кратка биографија за авторот

Mарта Гусар формира своја адвокатска канцеларија во 2013 година. Од 2007 до 2013 година е вработена во Адвокатска канцеларија.

По формирањето на своја адвокатска канцеларија нејзиниот фокус е заштита на жени жртви на семејно насилство, како со правно советување, така и со правна заштита пред сите надлежни органи и судови.

По ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството против жените и домашното насилство својата правна заштита ја насочува и кон заштита на жените жртви на родово базирано насилство и домашното насилство, со директна примена на Конвенцијата и Законот за заштита  превенција од семејно насилство.

 

 

19

ТАГОВИ: адвокат Марта Гусар

Back To Top