skip to Main Content

Користењето на „крипто валутите“ ќе се уредува со закон

    6
Користењето на „крипто валутите“ ќе се уредува со закон
Користењето на виртуелните средства со вредност познати како „крипто валути“ ќе се уредува со закон.
Во моментов Министерството за финансии заедно со Управата за финансиско разузнавање како и финансиските регулатори и супервизори работат на утврдување на сите аспекти што произлегуваат од овој нов феномен. Решенијата ќе бидат имплементирани во новиот Закон за спречување перење пари и финансирање тероризам, информираше министерот за финансии, Фатмир Бесими на настанот организиран по повод означување на почетокот на проектот „Зајакнување на капацитетите на Управата за финансиско разузнавање на Република Северна Македонија“, финансиран од Кралството Холандија.

Ова е особено важно бидејќи доколку не се уредени со закон, не се утврди нивниот правен статус, целите за нивното користење, начинот на нивниот пренос и располагање и доколку немаме увид кој ги купува и продава, истите ќе бидат лесно злоупотребувани, а особено за целите на перењето пари и финансирањето на тероризмот.

Министерот за финансии истакна дека континуираниот напредок во борбата против перењето пари е нотиран и во извештаите на реномираниот Институт Басел и во кои, врз основа на „AML индексот“ (Basel anti money laundering index), РС Македонија е рангирана меѓу земјите со низок ризик од перење пари.

Во моментов, во рамки на Централниот регистар се воспоставува и регистарот за вистински сопственици, којшто ќе им овозможи на државните органи, банките и на сите субјекти што имаат обврска да ги применуваат мерките и дејствијата за спречување перење пари и финансирање тероризам, на едноставен начин и во секое време, да го знаат вистинскиот идентитет на сопствениците на компаниите. Ваквиот регистар ќе овозможи поголема транспарентност во целокупното стопанството, а тоа ќе доведе до зголемување и на сигурноста во правниот промет.

На настанот се обратија и амбасадорот на Кралството Холандија во РС Македонија, Дирк Јан Коп, директорот на УФР, Блажо Трендафилов и Сефер Селими, директор на „Демокраси Лаб“, имплементатор на проектот „Зајакнување на капацитетите на Управата за финансиско разузнавање“.

Директорот на Управата за финансиско разузнавање, Трендафилов искажа благодарност до Амбасадата на Кралството Холандија и до „Демокраси лаб“ за поддршката на нашата држава во подобрување на системот за спречување перење пари и финансирање тероризам.

 -Сметам дека имплементацијата на овој проект ќе придонесе кон подобрување на целокупниот систем и сè она што значи борба против перење пари и финансирање тероризам, а особено во делот на ефикасното и ефективното имплементирање на меѓународните рестриктивни мерки како важни обврски што произлегуваат од меѓународните стандарди – посочи Трендафилов.

6

ТАГОВИ: закон криптовалути министерство за финансии фатмир бесими

Back To Top