skip to Main Content

Ирена Цветковиќ: Во Македонија веќе има истополови семејства, а државата не смее да ги третира надвор од системот

    51
Ирена Цветковиќ: Во Македонија веќе има истополови семејства, а државата не смее да ги третира надвор од системот

Длабокото конзервативно и затворено македонско општество е само одраз на огромно влијание кое го имаат лошите образовни политики, политичката и економската изолација и слабата мобилност на младото население. Дополнително пак, Комисијата за заштита од дискриминација е нефункционала со најголем дел од своите членови кои се партиски поставени и без искуство, вели Извршната директорка на Коалицијата Маргини, Ирена Цветковиќ за ЈанакиЗнае. Стерилноста на органите на прогонот не е нималку случајна, кога станува збор за ЛГБТ центарот во Старата скопска чаршија, кој беше цел на напади половина дузина пати, каде за сите случи „истрагата е во тек“, тоа е горчливиот факт кој го научувате и со кој ќе мора да живеете. Но, новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е еден важен чекор во таа насока, смета Цветковиќ.

ЈанакиЗнае: Почитувана, извршен директор сте на Коалиција Маргини, кои се основачи на Коалицијата, и од кога е таа формирана?

Ирена Цветковиќ: Во Коалицијата Маргини од 2014 сум извршна директорка и се надевам нема да останам уште долго, односно дека наскоро ќе се вратам на старата позиција како програмска координаторка. Сметам дека убавината во една работна структура е постојаното освежување на програмскиот тим, особено на оние позиции кои имаат одлучувачка функција. Ние во Коалицијата сме апсолутно против востоличување на авторитети и во државата и во општеството, па и во нашата мала работна средина. Верувам дека го дадов најдоброто од себе и сметам дека е време за нова енергија во Коалицијата.

ЈанакиЗнае: Кои се основните цели и мисии на Коалиција Маргини?

Ирена Цветковиќ: Коалицијата Маргини се залага за заштита и почитување на основните човекови права на маргинализираните заедници, со фокус на ЛГБТИ луѓето, луѓето кои употребуваат дроги, сексуалните работници/чки, луѓето кои живеат со ХИВ и маргинализираните жени. Коалицијата делува преку застапување, истражувања и анализи, суштинско вклучување на маргинализираните заедници во креирањето и имплементацијата на политиките, едукација на сите засегнати страни, промоција на културните практики на маргинализираните заедници, како и вмержување и градење алијанси со граѓанското општество.

ЈанакиЗнае: Неодамна во Собранието на Република Македонија во процедура влезе новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација? Задоволни ли сте од инкорпорираните измени?

Ирена Цветковиќ: Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД) сé уште не е донесен во Собранието, но очекуваме дека тоа наскоро ќе се случи. Стариот, односно актуелниот закон имаше многу „фалинки“, но јавноста веројатно најмногу ги помни жестоките дебати околу невклучувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во листата на основи за дискриминација. Коалицијата Маргини учествуваше во работната група за креирање на нов ЗСЗД и допринесе кон подобро законско решение за справување, спречување и заштита од дискриминација во нашето општество. Би сакала да го пофалам и целиот процес како и сите оние кои учествуваа во изготвување на новото законско решение. Новиот ЗСЗД освен што претставува подобрен законски и институционален одговор на проблемот со дискриминацијата, претставува и пример за транспарентен и инклузивен процес на изготвување на закон. Длабоко сум уверена дека доколку секој закон се носи на овој начин, ќе имаме подобри закони и политики, а со тоа и поголема демократија.

ЈанакиЗнае: Беа ли вклучени и Вашите забелешки во финалното Законско решение?

Ирена Цветковиќ: Нашите забелешки за ЗСЗД се одамна познати на јавноста. Прашањето за анти-дискриминација е еден од главните фокуси на Коалицијата Маргини. Повеќе од 7 години застапуваме пред различни инстанци за ново законско решение и сега со задоволство можам да кажам дека Предлог-законот ги вклучува сите наши забелешки и сугестии.

ЈанакиЗнае: Неодамна го одбранивте Вашиот докторат. Споделете со нас и со јавноста која беше тезата на Вашата докторска дисертација?

Ирена Цветковиќ: Предмет на истражување во мојата дисертација беше акцијата „Сузбивање на улична проституција“ спроведена од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, во која беа уапсени и обвинети повеќе сексуални работнички заради намерно ширење на вируси и инфекции, а медиумите оваа акција ја претставија како грижа на државата за заштита на населението од ХИВ.  Полициската акција со име „Сузбивање на улична проституција“ претставува случај кој нуди исклучително јасен увид во различните аспекти на стратегиите на замислување и одржување на идејата за заедници кои се затворени, чисти и безбедни. Мојата дисертација нуди поинаква перспектива од класичната социолошка позиција која ги гледа стратегиите на маргинализација и ексклузија на абјектните тела и маргинализираните заедници како стратегии на разликување на „нас“ од „другите“. Оваа позиција ги разгледува моментите, односно состојбите кога заедницата „општа јавност“ е под закана заради можноста од конекција со заедницата на „ризични групи“, конекција која е перцепираа како опасна, па дури и смртоносна. Спротивно на класичната социолошка позиција, во својата дисертација понудив аргуметација која го поткрепува мислењето дека идејата за затворена, безбедна и чиста заедница воскреснува единствено кога истата е ставена под наводна закана. Со други зборови, заедницата перцпепирана како „општа јавност“ може да постои само доколку постои состојба на криза, односно закана од страна на тела и телесни заедници кои се класно, расно, родово и сексуално маргинализирани, односно ненормативни.

ЈанакиЗнае: Како индивидуа веќе подолго време работите на проблематиката на ЛГБТ права. Како во 2018 година ја оценувата положбата на ЛГБТ лицата? Нивните права прогресираат или регресираат?

Ирена Цветковиќ: ЛГБТИ заедницата во Македонија никогаш потполно не ги уживала човековите права. Македонското општество е длабоко конзервативно и затворено, за што огромно влијание имаат лошите образовни политики, политичката и економската изолација, слабата мобилност на младото население и слично. Сепак, 11 годишното владеење на ВМРО ДПМНЕ успеа дури и да ја уназади оваа состојба. Во таков исклучително непријателски контекст, Коалицијата Маргини, но и граѓанското општество воопшто, не успеваше доволно да влијае во системот, да ги имплементира своите визии за демократски реформи. Денес, ситуацијата станува подобра. Институциите на системот даваат за почеток барем декларативна поддршка. Останува да ја видиме реалната посветеност на новата влада кон изградба на, како што самата СДСМ рече, едно општество за сите. Новиот закон за спречување и заштита од дискриминација е еден важен чекор во таа насока. Сепак, ни остануваат уште многу чекори за целта кон која сме тргнале. Тука би ги споменала целокупното сексуално образование, законот за правно признавање на родот, ефективна заштита од насилство, образовни, медиумски и културни политики кои ја слават различноста и обесхрабруваат дискриминација, насилство и социјално исклучување.

ЈанакиЗнае: ЛГБТ центарот во Старата скопска чаршија беше цел на напади половина дузина пати. За сите случаеви „истрагата е во тек„. Сметате ли дека стерилноста на органите на прогонот во овие случаеви не е нималку случајна?

Ирена Цветковиќ: Сигурна сум во тоа. Како човек кој за жал лично поминал низ дел од овие напади можам да кажам само кратко: да сакаа органите, до сега случаите ќе ги решеа. Очигледно не сакаат. Нечии животи се помалку важни од останатите. Тоа е горчливиот факт кој го научувате и со кој ќе мора да живеете.

ЈанакиЗнае: Со каков тип на правни проблеми најчесто се соочуваат ЛГБТ лицата?

Ирена Цветковиќ: Дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет и насилството се едни од најчестите правни проблеми со кој се соочува ЛГБТИ заедницата. Транс лицата се најранливи на дискриминација и насилство во рамки на ЛГБТИ заедницата. Последните случаи кои Коалицијата Маргини ги документирала вклучуваат бркање од кафулиња или јавни места на овие лица, прекршување на правото на приватност преку ширење на фотографии и издавање на статусот како геј или транс лице пред јавноста, непостапување на полиција во случаи на насилство, случаи на булинг и насилство во училиште итн. Она што е најголем проблем во нашата држава е немањето институционален одговор на овие правни проблеми. Комисијата за заштита од дискриминација е нефункционала со најголем дел од своите членови кои се партиски поставени без искуство или мотив за решевање на случаи на дискриминација врз ЛГБТИ лицата, полицијата несензитивна, училиштата необучени за справување со родово базирано насилство и булнг итн.

ЈанакиЗнае: Колку нови случаеви на ХИВ се детектираат на годишно ниво во РМ?

Ирена Цветковиќ: Различно секоја година, меѓутоа е важно да се запомни дека Македонија има ниска преваленца на ХИВ инфекцијата. Најзаслужни за оваа исклучително добра состојба во Македонија се здруженијата на граѓани кои долги години посветено работат на заштита од ХИВ и СПИ (сексуално преносливи инфекции) особено при ризични однесувања. Со други зборови, за добрата состојба со ХИВ инфекцијата мора да им се каже благодарам на ХОПС, ХЕРА, ЕГАЛ и Заедно Посилни, како и Министерството за здравство кое навреме го препозна и без предрасуди го прифати едиствениот начин за справување со овој здравствен предизвик- пристапот базиран на јавно здравство и намалување на штети.

ЈанакиЗнае: Дали како Коалиција, но и како индивидуа, се залагате за измени во Законот за семејство во насока на легализација на истополови бракови?

Ирена Цветковиќ: Лично, сметам дека ЛГБТИ заедницата мора да има еднакви права и обврски како и останатите членови на едно општество. Во таа насока моето залагање е кон препознавање на истополови семејства (rainbow families) во нашето законодавство. Во Македонија веќе имаме истополови семејства дури и со деца, а бројот на овие семејства ќе расте. Државата не смее да ги третира надвор од системот. Сметам дека е време да ја отвориме оваа дискусија на демократски начин и верувам дека ќе изнајдеме решение и најдобар правен модел кој ќе функционира во нашата држава.

ЈанакиЗнае: Дали Коалиција Маргини би поддржала поширок граѓански фронт посветен на декриминализација/легализација на канабис во РМ?

Ирена Цветковиќ: Апсолутно. Тоа е една од нашите најстари битки на која сме исклучително посветени и мотивирани.


Кратка биографија за соговорникот

Ирена Цветковиќ е магистер и доктор на науки по родови студии. Како млада истражувачка работела на многу истражувачки проекти од областа на социологијата, родовите студии и медиуми.

Беше авторка на општествено ангажираниот блог Фемгерила, а потоа и колумнистка во дневниот весник Дневник. Таа е активистка за човековите права на маргинализираните заедници, а особено се бави со активизам за правата на жените, ЛГБТ лицата, корисниците/чките на дроги и сексуалните работници/чки.

Активна е во неколку формални и неформални активистички здруженија. Во моментов е извршна директорка во Коалицијата Маргини.

 

51

ТАГОВИ: Ирена Цветковиќ Коалиција Маргини

Back To Top