skip to Main Content

Избори со лајкови не се добиваат

    10
Избори со лајкови не се добиваат

Нашите партии, веќе се во предизборна кампања, но излегоа од реалноста и влегоа во виртуелната реалност. Па, така, битката за гласови ја водат на социјалните мрежи. Со собирање лајкови си добиваат виртуелно избори и се прогласуваат за победници.

Еден лајк, еден глас. Десет илјади лајкови, еден пратеник.

Да, знам дека е смешно, но државата во моментов функционира баш вака, односно не функционира особено во државниот сектор, поради лимбо состојба од најавената техничка Влада од 3 јануари, 2020 година. Неофицијално се зборува дека голем дел од администрацијата за тоа време си има други задачи одошто службените, т.е одбиваат задачи, наредби од надредени, чекајќи ги ,,своите” да победат или изгубат. И работејќи за нив, секако, се докажуваат, се силат со неистомисленици. Значи, работат сè, освен она за кое земаат плата.

АДМИНИСТРАЦИЈАТА СТАНУВА НЕПОСЛУШНА

Веќе два месеци, се билда еуфорија со лајкови и собиранки по спортски сали каде собира од 5-7.000 луѓе. И оваа мала бројка се носеше со автобуси, по старата добра практика на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

И кога сме веќе кај администрацијата, токму и тие луѓе сега се на сцена по социјалните мрежи каде се навива. Бидејќи, единствено државно-вработените ,,се тепаат” да си ги задржат работните места и да закачат поголема позиција ако дојдат ,,нивните”. Тие урлаат по митинзи, по канцеларии, по ходници…отприлика се 200.000 = по една третина за СДСМ, ВМРО, ДУИ.

А, на останатите, реално, им е збоктисано веќе и од партии, и од бомби, и од глупави тв дебати, бош интервјуа, политички фарси и тајни договори, досадни едни те исти ликови,  лаги…ништо веќе не слушаат, не веруваат,  изморени се од животот, од лакрдии, криминали, корупции, од сè.

Сè друго е преморено и бара излез.

Бараат среќа, подобар живот, сонце, поубави денови. Не гледаат вести и ништо не допира до нив. Овие гласачи влегуваат во групата на ,,неопределени” и секогаш повеќе натежнуваат кон СДСМ, отколку кон ВМРО-ДПМНЕ.

КАКО ЌЕ СЕ ГЛАСА И ЗА КОГО?

Доколку изборите се одржат во април, 2020 година, тогаш веќе во март гласачкото тело ќе се консолидира. Во април веќе гласачите ќе бидат со зовриени глави и мотивирани да гласаат. На овие избори нема да преовлада ,,стапот и морковот” од Претседателските избори, каде имаше два круга и во првиот круг на СДСМ му се даде морков и се казни со стап. Напротив, битката ќе ја води агресивната наметната нарација од опозицијата, а таа е – ,,северџани” и ,,патриоти”. Што е погубно. Но, таква е во моментов политичката сцена – екстремно поларизирана. И наелектризирана. И двете групи се навредени. Едните од власта, другите од етикети и вербално насилство.

На ред е приемот во НАТО, забави, прослави и фанфари, што ќе ги охрабри и мотивира граѓаните кои се разочараа во СДСМ да се спротистават уште еднаш на лошата меѓународна политика која ја водеше Никола Груевски и имено да сфатат дека се` што е поврзано со него, не смее никогаш повторно да се врати на политичка сцена. А, за жал, ВМРО-ДПМНЕ не направи реална чистка во своите редови од неговите кадри.

Во моментов анкетите покажуваат мала желба за гласање кај граѓаните, но моето претчувство е дека бројките приближно ќе ги достигнат оние од Парламентарните избори 2016. А, тие се движеа околу 430.000 за ВМРО-ДПМНЕ И 410.000 за СДСМ.

Очекувам СДСМ да изгуби дел од албанските гласови кои ги доби во 2016-та, но сепак не може да се знае каде тие навистина ќе завршат сега, дали кај ДУИ или кај најавената предизборна коалиција АА-БЕСА. Во секој случај, оваа коалиција може да им ги помати сметките на ДУИ, кои, не се на став дека предизбирна коалиција со СДСМ е паметно решение.

МАЛИТЕ ПАРТИИ ЌЕ МОРА ДА ОДАТ НА ЗАЕДНИЧКИ ЛИСТИ СО ГОЛЕМИТЕ

Од друга страна и ВМРО-ДПМНЕ, познато по тврдото гласачко тело, кое, бара враќање на , името” има проблеми. Прво, од оние кои ги осудуваат затоа што досега не организираа ниеден протест за ,,името”, второ тука им се непослушните ,,десничари” во 4. Изборна Единица, каде носител ќе биде Зоран Заев, а градоначалник е Митко Јанчев, почитуван градоначалник, во меѓувреме разрешен функционер од ВМРО-ДПМНЕ, кој, доста е близок со СДСМ.

И трето, имаат проблем со исклучените високи функционери блиски до СДСМ и кои уште имаат влијание врз добар дел од членството на локал ниво.Малите партии, исто како и на минатите избори, свои претставници, ќе добијат единствено со предизборни коалиции и листи. Единствено ,,Левица”, која не планира предизборни коалиции, смета дека може да освои пратеник, но со оглед на шесте изборни единици и моделот, тоа ќе им оди тешко. Доколку успее да освои, тоа ќе биде само во Скопје. Но, притоа ќе им одземат гласови на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ставовите на лидерот Димитар Апасиев се поблиски до оваа партија со реторика за ,,северџани”, отколку на СДСМ.

Како и да е, со лајкови избори не се добиваат.
И ништо не значат, кога в рака, гласачот ќе го земе пенкалото.


Пишува Јорданка Ивановска – Јоци за „ЈанакиЗнае“.

Авторот е поранешен активен новинар, а сега политиколог, коментатор, сопственик на веб сајт, политички пишувач, пр советник, консултант во политички кампањи.
10

ТАГОВИ: избори Јорданка Ивановска - Јоци лајкови

Back To Top