skip to Main Content

Иванка Василевска: Република Северна Македонија е сериозно иридентистичка кованица за непостоечки државен субјект

    45
Иванка Василевска: Република Северна Македонија е сериозно иридентистичка кованица за непостоечки државен субјект

Договорот со Грција не е ништо друго сем еден обичен памфлет на намери доставен од грчка страна, со цел да се патентира логото Македонија, со што се направи грубо прекршување на меѓународното право, смета д-р Иванка Василевска член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и вонреден професор по Историја на Право на Јустинијан Први. За ЈанакиЗнае професорката вели дека против уставно, беше исклучен и претседателот на државата кој всушност е, и би требало да биде носител на еден ваков договор, а опозицијата нема никаква обврска да учествува во злосторството, мислејќи на референдумското изјаснување. Силно верува, дека Република Македонија ќе успее да ги досегне врвните дострели на нашите претци, кои ги жртвуваа своите животи за овој идеал.

ЈанакиЗнае: Почитувана, ни претстои референдумско изјаснување на граѓаните за прашањето за името. Каков е Вашиот личен и партиски став-ќе учествувате или ќе бојкотирате?

Иванка Василевска: Периодот кој е пред нас носи нови предизвици за современата македонска држава. Во услови во кои се одвиваат овие историски настани евидентно е дека потребата од консултирање на граѓаните на Република Македонија за едно вакво прашање ја потврдува тезата дека оваа власт нема легитимитет да постапува по вакви клучни прашања и истата е во една исклучително тешка позиција во која се обидува да ја вовлече и опозицијата со цел да го покрие константното кршење на Уставот и законите на нашата држава. Од тие причини, ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија во оваа ситуација нема никаква обврска да учествува во „злосторството“ и нашата проактивна улога ќе биде и во наредниот период насочена кон решавање на суштинските проблеми и на конструктивен начин ќе им дадеме можност на македонските граѓани да направат разлика помеѓу актуелните политики и реалните потреби и цели со кои треба да се занимаваме во македонското општество.

ЈанакиЗнае: Кои се главните пречки поради кои не го прифаќате Договорот со Грција?

Иванка Василевска: Пред се, треба да земеме во предвид дека овој процес беше буквално киднапиран од страна на извршната власт. Против уставно, беше исклучен и претседателот на државата кој всушност е и би требало да биде носител на еден ваков договор. Тоа не се случи бидејќи во суштина македонската страна не беше активен и еднаков партнер во преговорите туку само нем набљудувач и најголемото достигнување беше самиот акт на потпишувањето на истиот во Нивици, од страна на министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Со самото тоа, овој договор не е ништо друго сем еден обичен памфлет на намери доставен од грчка страна, со цел да се патентира логото Македонија, со што се направи грубо прекршување на меѓународното право или со други зборови, добивме уште една показна вежба од страна на меѓународната заедница околу нашата (не)зрелост и сервилност при купопродажбата на круцијаните национални интереси.

ЈанакиЗнае: Како граѓанин, но и како Професор по историја на право, кои се аномалиите на Договорот со Бугарија?

Иванка Василевска: Договорот со Бугарија е еден посериозен обид да се затвори еден дел од проблематиката поврзана со македонското прашање. Истиот самиот по себе има квалитети со кои Република Македонија направи еден чекор поблиску до Европската унија. Она што го отежнува истиот е секако прашањето околу проблематиката со историските прашања, но за ова сега за сега немаме повеќе информации. Она што е познато е дека работните групи се веќе формирани и сега тежиштето се навалува со нивниот квалитет и способноста да ги заштитат националните интереси, без да го загрозат процесот на имплементирање на договорот. Познавајќи ја балканската историја, можам да констатирам дека овој процес нема да биде ни малку лесен и дека во наредниот период ќе имаме можност да согледаме некои клучни проблеми кои ќе се изнедрат сами по себе. Она што можам да ве уверам е дека иако е познато дека победниците ја пишуваат историјата, исто така е и сигурно дека нема да може да останеме без ‘рбет кога се во прашање вака клучни историски прашања.

ЈанакиЗнае: Како партија, не го поддржавте носењето на Законот за јазиците. Кои се причините за Ваквиот партиски став-идеологија, неиспочитувана процедура или….?

Иванка Василевска: Законот за употреба на јазиците е противуставен. Овој закон ја афирмираше измамата за „непостоењето“ на Тиранската платформа и истиот е ненужен на секаков можен начин. Со овој закон, кој е невозможно да биде имплементиран без притоа да биде отворен Уставот, се врши директно демонтирање на постоечкиот државно-правен систем на Република Македонија и во исто време се најавува можноста за федерализација на државата. Од тие причини, само неписмен човек или купен – продаден, може да си дозволи да го брани носењето на овој закон како нешто нормално. Секако овде не мислам на македонските граѓани со албанско етничко потекло, нив ги разбирам дека истиот им одговара и ако има можност не можеме да ги осудиме дека тоа го очекуваат. Но, како лојални граѓани на Република Македонија, ценам дека треба да се замислиме каде тераме и со која логика пристапуваме, доколку ни дошло до таму да бидеме индиферентни или го прифатиме истиот како нешто нормално.

ЈанакиЗнае: Во 2014 година се направи обид за воведување на квази мерката за евалуација на знаењето на студентите, популарно наречена “Државен испит. Дали од денешна дистанца, четири години подоцна, сметате дека тој проект беше грешка?

Иванка Василевска: И тогаш и сега сметам дека законот за високо образование кој беше донесен, па стониран од страна на тогашната извршна власт беше погрешен чекор. Истиот ги разбранува не само младите, туку и влијаеше на општото расположение во академијата, каде ние како фела се најдовме соочени со еден проект кој не беше доправен. Дополнително се создаде една фама, која во голема мера беше очајна мерка на тогашната власт да се создаде контра табор во кој ги сместија сите кои имавме симпатии кон десната опција и заедно со „шуто и рогато“ не ставија и мене и многу мои колеги во една безизлезна ситуација која моравме да ја преживееме. Дел од моите колеги тогаш во паника излегоа и дадоа демант, јас одлучив да го задржам правото на пасивен отпор и интерно се борев да се преиначи одлуката, што и се случи! Секако дека идејата за државен испит беше една од клучните грешки и истата беше деградирачка и кон студентите и кон професорите. Знаете, кога ќе влезете во такви стратешки проекти, секогаш треба да имате на ум и да не ги потцените чесните и вредните учесници во процесот кој сте се нафатиле да го реформирате. Доколку дозволите самоиницијативно да креирате во секое село факултет, ќе треба да знаете дека таа мерка ќе ви допринесе кон зголемување на квантитетот за сметка на квалитетот. Уште повеќе и ако на тоа дозволите секој да може да се дограби до докторска титула, тогаш ќе се најдете во ситуација која секој ќе си помисли дека може да едуцира кадри, да ја употребува титулата за општествена корист, да се пазари и да продава, како што во нормални услови тоа би го правел/ле на некоја тезга на пазар или во локално гранапче. За тие пропусти, најмалку беа и се виновни професорите, особено говорам за мојот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и за тоа требаше да има друг вид на евалуација, секако заедно со кривична и етичка одговорност!

ЈанакиЗнае: На 22 Август започнува судењето за настаните во Собранието од 27 Април. Дали ВМРО-ДПМНЕ се уште инсистира на амнестија за обвинетите?

Иванка Василевска: Датумот е закажан за 22 Август. Ова ќе биде судење на столетието во кое се обвинети и дел од водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе стои на ставот за владеење на правото и нашиот став е дека во нормални услови, немаше да биде покренато вакво обвинение и во овој состав во кој се налепени различни дејствија и истите се комплетно неспоиви со тежината на обвинението кое им се става на товар. Мој личен став е дека со ова обвинение се потврдија сите укажувања на Прибе за октроираното и клиентелистички настроеното судство и на овој процес допрва ќе се гради студијата на случај со која ќе биде докажана невиноста и злоупотребата од страна на политичките елити на граѓанското движење.

ЈанакиЗнае: Дали сметате дека Република Северна Македонија задира во идентитетот?

Иванка Василевска: Сметам дека Република Северна Македонија е сериозно иридентистичка кованица за непостоечки државен субјект или НЛО во меѓународна смисла на зборот!

ЈанакиЗнае: Од неодамна сте член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Каков предизвик за Вас претставува оваа партиска функција?

Иванка Василевска: Пролетва на покана на претседателот Мицковски бев назначена за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. После долго време, почувствував дека во партијата се случува либерална пролет која има големи шанси да направи динстинкција со минатото. Да се соработува со интелектуалец од ковот на д-р Мицковски е привилегија и чест, за разлика од досегашните искуства. Идејата на новото раководство е да ги заштитиме националните интереси и достоинствено да ја донесеме Република Македонија во евоинтеграциите. Секако приоритет се општествено-економските прашања, како прашањата на повисоките стандарди на севкупното општествено битисување на сите македонски граѓани.

ЈанакиЗнае: Кој е Вашиот личен став по прашање на легализација на истополовите бракови во Република македонија?

Иванка Василевска: Сметам дека приватноста е врвен императив на современото општествено живеење. Истата е регулирана и афирмирана низ тековите на севкупниот цивилизациски развој и од тие причини ценам дека така треба и да остане.

ЈанакиЗнае: Што доколку референдумот помине? Како понатаму ќе делува парламентарната опозиција?

Иванка Василевска: Овој референдум е од консултативен карактер. Извршната власт за само една година направи повеќе кривични дела од претходната за сите единаесет. Се ми се чини дека по ова ќе се влезе во фаза на подготовки на предвремените парламентарни избори и догодина ќе имаме сосема поинаква ситуација од она што го живееме последните четири години. Ние како парламентарна опозиција ќе дејствуваме проактивно и во рамките на постоечкиот државно-правен поредок. Најдоброто допрва доаѓа!

ЈанакиЗнае: Споделете со јавноста дали работите на научен труд во моментов, имајки предвид дека сте Вонреден професор по Историја на Право на Јустинијан Први?

Иванка Василевска: Во моментов ја подготвувам својата втора книга на тематиката на дипломатијата на балканските држави помеѓу двете светски војни. Се подготвувам во истовреме и за претстојните научни конгреси оваа есен, како и за мојата повторна средба со студентите и наставата на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Чинам дека нема поголема среќа од тоа да го работите тоа што најдобро го знаете и сакате, во мојот случај тоа е императив и предизвик кој ми го исполнува животот и кој ме одржува да верувам дека Република Македонија ќе ги надмине сите предизвици и детски болести и ќе успееме да ги досегнеме врвните дострели на нашите претци, кои ги жртвуваа своите животи за овој идеал.


Кратка биографија за соговорникот

Доктор на правни науки (2012) – одбранета докторска дисертација на Правниот факултет “Јустинијан Први“ во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“;

Магистер по правни науки од областа на државно-правната историја на Македонија (2009) – одбранет магистерски труд на Правниот факултет “Јустинијан Први“ во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“;

Дипломиран политиколог (1999/2004) – на Правниот факултет “Јустинијан Први“ во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Вонреден професор на научната област историја на правото на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Универзитет „Св, Кирил и Методиј“, избрана со одлука на Наставно-научниот совет во октомври 2017 година;

Од 2000 до октомври 2003 година – хонорарен соработник, колумнист и новинар во политичката редакција на дневните весници Вечер и Нова Македонија.

Февруари 2018 до денес– Член на бордот на Фондацијата „Алијанса на цивилизациите“: www.faoc.org.mk

– Септември 2017 до денес – Член на Националниот совет за Евроинтеграции во Собранието на Република Македонија, како делегиран претставник на кабинетот на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов.

Декември 2016 до јуни 2017 година – колумнист на порталот Телеграф.мк.

– Октомври 2016 до денес Потпретседател за Република Македонија во Adriatic Council: www.adriatic-council.eu.

Мај 2015 до денесЧлен на Советот за меѓународни односи претседаван од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов.

Јануари 2015 до јуни 2016 година – автор и водител на политичко-општествениот магазин „Концепт со Ина“ на Радио Слободна Македонија.

45

ТАГОВИ: Иванка Василевска

Back To Top