skip to Main Content

Зефиќ: Никој не понесе одговорност за епитетот „сваровски“ кој го доби судството

    12
Зефиќ: Никој не понесе одговорност за епитетот „сваровски“ кој го доби судството

Освен обуките сите „актери“ во правосудниот систем треба да излезат од комфорната зона во која се наоѓаат и да започнат со промени во системот на работа, зошто само на тој начин може да очекуваме резултати и приближување кон европските вредности истакнува адвокат Павлина Зефиќ во интервју за ЈанакиЗнае, вели дека за реформи во правосудството може да говори само кога вистински професионалци, целосно ослободени од политички влијанија, ќе правораздаваат. Премногу ветувања, премала реализација за неопходните, очекувани и темелни реформи во судството, истакна Зефиќ која е еден од ретките адвокати кој од Уставен суд на РМ добил позитивно решение по покренатата постапка за спречување на правото на изразување на членовите на Левица кои минатата година беа уапсени на анти-воен протест.

ЈанакиЗнае: Почитувана, на самиот старт би Ве запрашале директно, дали македонските судии доволно ја познаваат праксата на судот во Стразбур, водени од Вашето искуство?

Павлина Зефиќ: Праксата на Судот во Стразбур, се уште не го добила своето заслужено место меѓу сите актери во правосудниот систем. Кога велам сите „актери“ мислам на адвокатите, јавните обвинители и на крај судиите, кои треба своите одлуки да ги засноваат на домашните закони, на Европската конвенција за човекови права и праксата на Судот. За жал, ретки се судските одлуки во кои се цитира пракса на овој суд.  За оваа состојба вина може да се препише и кај нас адвокатите, зошто како резултат на непознавање на праксата на судот во Стразбур, адвокатите не ни настојуваат да бидат применети принципите на овој суд. Само добро едуцирани адвокати можат да ја променат оваа состојба, преку повикување на праксата на Судот во Стразбур во домашната постапка, а доколку судовите се оглушат на барањата да следува прикажување на случајот пред меѓународниот суд. Мора да признаам дека сум сретнала и судии кои навистина добро си ја вршат својата функција и задолжително во своите пресуди цитираат пракса на овој суд, но малку се на број. Токму поради тоа потребни се континуирани обуки за фелата, соработка со Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права и редовно посетување на интернет страната на Судот, каде многу лесно може да се пребаруваат конкретни случаи за кои постапувал судот. Освен обуките сите актери во правосудниот систем треба да излезат од комфорната зона во која се наоѓаат и да започнат со промени во системот на работа, зошто само на тој начин може да очекуваме резултати и приближување кон европските вредности.

ЈанакиЗнае: Како ја коментирате изјавата на поранешниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, дека праксата на ЕСЧП е неважна?

Павлина Зефиќ: Искрено, не сум запознена со содржината на изјавата на Г-дин Зврлевски, дека праксата на Европскиот суд за човекови права е неважна. Но, можам да кажам дека не ме изненадува дадената изјава од причина што ваков став делат голем број на обвинители, судии и лица кои предводат судови. Ваквите изјави се длабоко разочарувачки, бидејќи токму од лица кои се поставени да менаџираат правосудни институции, меѓу кои беше и Г-динот Зврлевски, се очекува да бараат доследна примена на законите, меѓународните договори и праксата на судот во Стразбур, а не истата да ја маргинализираат и игнорираат.

ЈанакиЗнае: Бранител сте во кривичната постапка против дедото на Тамара кој се гони за „Обид за убиство“ и „Недозволено држење оружје“. Првостепено обвинетиот е осуден на вкупна затворска казна од седум и пол години? Претпоставувам како бранител не се согласувате со пресудата, која ја обжаливте….

Павлина Зефиќ: Точно така, бевме незадоволни од првостепената постапка и изречената казна, па пресудата ја жалевме пред Апелациониот суд во Скопје. Во текот на постапката, беа направени пропусти со кои се повредија правата на одбраната и концептот на еднаквост на оружјата; обвинението, а потоа и пресудата се засноваше на незаконски докази и докази прибавени на сомнителен начин, а судот еднострано ги ценеше доказите, односно воопшто и да не поклони верба на доказите доставени од одбраната. Во таа постапка, многу прашања останаа неодговорени а од нив ќе се разјаснеше што се случило пред Министерството за здравство меѓу дедото на Тамара и поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Жалбените наводи, нашите дилеми и аргументи имавме можност да ги претставиме и пред Апелациниот суд. Добивме информација дека првостепената пресуда е укината, но се уште ја чекаме одлуката во која ќе го видиме и образложението на повисокиот суд. Вистината е на наша страна, па се надеваме дека дедото на Тамара ќе добие правда пред Судот.

ЈанакиЗнае: Долгонајавуваните реформи во судството никако да започнат…..дозволиво ли е “тефтер” судиите и обвинители се уште да ги држат своите позиции?

Павлина Зефиќ: Премногу ветувања премала реализација за неопходните, очекувани и темелни реформи во судството. Пораките од меѓународните фактори, од Прибе, но и од граѓаните на нашата држава кои бараа независно судство, како да не допреа до оние кои требаше да ги спроведат. Имаше мали, но незначителни промени во судството, но истите не вродија со плод. Никој не понесе одговорност за компромитирањето на судството и епитетот кој го доби „сваровски судство“. За реформи во правосудството може да зборуваме само кога вистински професионалци целосно ослободени од политички влијанија ќе правораздаваат. На сите треба да им биде јасно дека преку воспоставување на систем на независно и непристрасно судство може да се врати довербата кај граѓаните и да има приближување кон Европската унија, кон која целиме. Без правда нема мир, а правдата треба да ја почувствуваат и видат сите. Во спротивно може да зборуваме за замени, а не промени.

ЈанакиЗнае: Бранител сте и во постапката за настаните од 27 Април во Собранието на РМ. Дали по Ваше субјективно мислење се повредува правото на правично судење со маратонски судења од дванаесет па и повеќе часови?

Павлина Зефиќ: Апсолутно сметаме дека маратонски судења водат кон повреда на правото на правично судење, опфатено во членот 6 на Европската Конвенција за човекови права. Станува збор за најкомплексен предмет, со голем број на обвинети и докази опфатени на илјадници страни. За да можеме да дадеме квалитетна одбрана како адвокати мора со внимание да ги проследиме сите докази во постапката и активно да учествуваме. Истото се однесува и за обвинетите кои мора да имаат адекватно време и соодветни услови за да ја подготват својата одбрана и да ги оспоруваат доказите на обвинителство. Максимална концетрација е потребна кај сите учесници во постапката, зошто запретените казни се навистина високи. За ова прашање веќе се произнесоа и Коалицијата сите за правично судење и Хелсиншкиот комитет за човекови права во Република Македонија, кои имаат долгогодишно искуство во набљудување на судски постапки.

ЈанакиЗнае: На истиот предмет бевте казнета заедно со педесетина адвокати на одбраната со 1.000 евра заради непочит на судот. Со оглед на фактот да јавноста беше исклучена, можете ли да ни откриете зашто судот се реши на ваков радикален чекор да казни и избрка од судница педесет адвокати?

Павлина Зефиќ: Бевме казнети бидејќи баравме услови за работа, односно секој адвокат да има пред себе простор за фаќање прибелешки особено што денот кога бевме казнети, беше предвидено да се сослушува заштитен сведок, чиј исказ беше комплексен и одбраната требаше вкрстено да го испитува сведокот. Откако реагиравме, Судот даде образложение дека тие се условите за работа, по што одлучувиме да го изразиме својот револт со стоење. Следуваше казна за секој адвокат поединечно, а потоа и отстранување од судницата сите до еден. Мора да појаснам дека навреда кон судот од ниту еден адвокат немаше, напротив немањето елементарни услови за работа, по речиси 5 години од носење на Законот за кривична постапка, е навреда за секој адвокат. Реакцијата од сите бранители во тој предмет е дека нема да бидеме декор во судница и дека судот е должен да обезбеди услови за работа. Сметам дека услови за работа и техничка опрема е потребна за секој предмет, а не само за случаи кои се медиумски експонирани. Должност на секој адвокат е да реагира и бара почитување на законот од страна на Судот. Клучна улога секако има Адвокатската Комора во која членуваме, која мора да бара конечно да бидат создадени услови за работа за адвокатите. Финансиските импликации и слични образложенија дека „такви се условите за работа“ не се дозволиви, зошто мора да се почитува доследно сето она што е предвидено во Законот за кривична постапка.

ЈанакиЗнае: Како ја оценувате реакцијата на Адвокатската Комора на РМ?

Павлина Зефиќ: Адвокатската комора испрати соопштение откако доби писмено барање од сите бранители кои во предметот беа парично казнети. Соопштението беше со дипломатска нота, со апел судот да обезбеди услови и порака за меѓусебно почитување. Мислам дека на сите ни е повеќе од јасно во вакви услови работат со години адвокатите, со кои проблеми и предвизвици се соочуваме, па Комората беше и се уште е должна да се бори за ги добиеме сите права дадени со законите и да имаме услови за непречена работа. Имаме позитивни примери од соседството, како Комората ги штити своите припадници, па треба да ги следиме. Очекувам Адвокатската комора до крај да постапи по барањето; да испита и утврди што дента се случи во судницата; дали постоеше навреда кон Судот од нас адвокатите и да преземе соодветни мерки за надминување на состојбата, состојба која не води кон правично и фер судење, за кои сите се залагаме.

ЈанакиЗнае: Дали сте задоволни од измените во Законот за спречување на дискриминација?

Павлина Зефиќ: Со оглед дека во работната група за менување на Законот за спречување и заштита од дискриминација членуваат професионалци со конструктивни предлози за измени и подобрување, се надевам дека новиот закон ќе биде навистина квалитетен. Сепак сметам дека освен квалитетен закон потребна ни е и доследна примена и препознавање на дискриминацијата од страна на судиите.

ЈанакиЗнае: Кои се недостатоците на ЗКП во поглед на остварување на правото на одбрана?

Павлина Зефиќ: Во Законот за кривична постапка има низа недостатоци кои го попречуваат правото на одбрана. Најголем проблем со кој се соочуваат адвокатите се јавува во фаза на истрага, кога одбраната е лишена од правото да се запознае со доказите кои обвинителството ги има против обвинетиот, а не зборуваме дека на одбраната воопшто не и се даваат доказите кои одат во полза на обвинетиот. Таква обврска е предвидена за јавниот обвинител во законот, но не е докрај предвидено што во случаи кога обвинителот истата не ја почитува и го ограничува правото на адвокатот да се запознае и да ги добие доказите. Со Закон за кривична постапка, адвокатите имаат активна улога да спроведуваат сопствена истрага, прибираат докази и известувања, но сето тоа во прекратки рокови наспроти рокот на јавниот обвинител за спроведување истрага. Законот предвидува еднакво да се третираат јавниот обвинител и адвокатите, како еднакви странки, но најчесто тоа не е така. Проблеми се јавуваат и во скратената постапка, каде обвинетиот па и адвокатот за прв пат дознаваат дека јавниот обвинител водел постапка против обвинитиот, кога истиот ќе биде повикан на суд. Најгорлива област за нас адвокатите се постапките за определување притвор, каде играме формална наместо активна улога.

Во меѓувреме се работи на промени на Законот за кривична постапка, за да се отстранат сите недостатоци, па за кратко време текстот ќе биде јавно достапен и сите учесници во постапката ќе може да дадат свој придонес, преку конкретни предлози за подобрување на законскиот текст и секако за зајакнување на улогата на адвокат во кривичната постапка.

ЈанакиЗнае: Сте еден од ретките, ако не и единствен адвокат кој од Уставен суд на РМ добил позитивно решение по покренатата постапка за спречување на правото на изразување на членовите на Левица кои минатата година беа уапсени на анти-воен протест. Ваш коментар?

Павлина Зефиќ: Бев пријатно изненадена од одлуката и постапката која се водеше од Уставниот суд за припадници на политичката партија Левица кои минатата година беа уапсени за време на анти-воениот протест. Оваа одлука е позитивен пример за следење на праксата на Европскиот Суд за човекови права, за што говорев веќе погоре и треба да послужи за градење на позитивна пракса за во иднина.

ЈанакиЗнае: Како правник дали сметате дека канабисот треба да се легализира?

Павлина Зефиќ: Апсолутно. Преовладуваат аргументите за наспроти аргументите против легализација на канабисот.


Кратка биографија за соговорникот

Павлина Зефиќ, формира своја адвокатската канцеларија во 2013 година. Од 2008 -2013 е дел од граѓанските здруженија кои работат на областа на заштита на човекови слободи и права. Во фокус на нејзината работа се човековите слободи и права, стратешки застапувања во случаи на дискриминација и застапувања пред Европскиот Суд за човекови слободи и права. Досега има поднесено голем број на жалби пред меѓународниот Суд, од кои во поголем дел е утврдена повреда на Конвенциските права.

  • Активен член е на Македонското здружение на млади правници и дел од проектите кои ги спроведува Здружението.
  • Од 2014-2017 година е предавач на тема актидискриминациско право, проект спроведен со поддршка на Мисијата на OSCE Канцеларија во Скопје, Адвокатската Комора на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители.
  • Се јавува како предавач за Законот за кривична постапка, проект спроведен од Адвокатската Комора на Република Македонија.
  • Автор е на анализи подготвени од домашни и меѓународни организации.
12

ТАГОВИ: Адвокат Павлина Зефиќ

Back To Top