skip to Main Content

Зголемување на платите за 2.899 вработени во институциите од областа на културата

    11
Зголемување на платите за 2.899 вработени во институциите од областа на културата

Со нивелацијата на платите опфатени се сите вработени во културата, односно вработените во националните установи и вработените во локалните установи од областа на културата.

Со оваа информација усвоена на вчерашната седница на Владата на РСМ, е констатирано дека Министерството за култура е во фаза на подготовка на нов Закон за јавниот интерес во културата, кој ќе биде усогласен со новите измени на законите од областа на јавната администрација, односно со Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, и по неговото усвојување ќе се создадат услови за ново усогласување на платите во културата.

Владата на Република Северна Македонија вчера ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со евалуацијата на понудите за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од 22 мали хидроелектрични централи, и донесе одлуки на 18 баратели да им бидат одобрени концесии, три понуди да бидат одбиени заради тоа што барале одобрување на концесии во заштитено подрачје, и една да биде одбиена заради некомплетна документација.

На оваа своја седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за реализација на активностите за имплементирање на дел од мерките за намалување на мајчина и новороденечка смртност за 2018 година. Како резултат на преземените мерки на Клиниката за Гинекологија и акушерство во Клиничкиот Центар во Скопје во 2018 година има пад на новороденeчката смртност за 30% во однос на претходната.

На предлог на Министерство за финансии на оваа седница е усвоена одлука за формирање на Совет за борба против перење пари и финансирање на тероризам заради унапредување на меѓуинституционалната соработка согласно целите на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Владата на Република Северна Македонија, исто така, ја разгледа и ја усвои Информацијата за електронско поврзување на 76 матични подрачја со електронскиот матичен регистар на Управа за водење на матични книги.

Од воспоставувањето на електронскиот матичен регистар досега направено е електронско поврзување на 82 матични подрачја и на тој начин овозможено е граѓаните без оглед на нивното место на раѓање и место на живеење да поднесат барање за издавање извод во градот каде живеат, а истиот по електронски пат да се обезбеди од градот каде е родено лицето, а со ова поврзување овозможено е Дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија електронски да се поврзат со матичните подрачја на Управата за водење на матичните книги и изводите кои се бараат од страна на граѓаните кои живеат во странство да ги добијат во побрз временски интервал.

Централизираноста на податоците и оптимизирањето на бизнис процесите во Управата ќе отворат широк спектар на можности во делот на имплементирање на Европските регулативи и зголемување на ефикасноста во администрацијата, е заклучокот на седницата на Владата по оваа точка.

На оваа 135 редовна седница на Владата на РСМ е усвоена Предлог-одлуката за започнување постапка за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во комплекс клиники „Мајка Тереза“.

Целта на постапката за доделување на договор за јавно приватно партнерство за изградба на две катни гаражи во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ – Скопје е финансирање, дизајнирање, изградба на објектот, користење, управување и одржување на новиот објект сѐ со цел да се исполни целта на ЈПП и давање на квалитетна услуга. Со овој модел на ЈПП, приватниот партнер ќе биде одговорен за финансирање на дизајнот, финансирањето на изведбата на градбата, целосно опремување, управувањето и одржувањето на двете нови катни гаражи.

Министерството за здравство на оваа седница на Владата ги презентираше и информациите за текот и прогресот на проектот „Изградба на нов Ургентен центар за Општа болница Куманово”, на проектот за реконструкција и доградба на ЈЗУ Универзитетска Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје, како и за текот и прогресот на работата на реконструкцијата на ЈЗУ Општа болница – Струмица. Според информациите финансиската поддршка на овие проекти се одвива согласно обезбедените и расположиви средства во Буџетот на Министерството за здравство за 2019 и за 2020 година.

На седница Владата на РСМ ја усвои одлуката за давање на согласност на Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за производство, трговија и услуги Герешајмер Скопје ДООЕЛ Скопје, како закупец на земјиште вклучувајќи ја и одлуката за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 2 и за висината на закупнината.

На оваа своја седница Владата го разгледа и усвои Полугодишниот извештај за статусот на реализација на приоритетите на Република Северна Македонија за влез во НАТО, и го задолжи Министерството за надворешни работи извештајот да го достави до земјите членки на НАТО и до службите на Алијансата.

На седницата Владата на РСМ на Стево Пендаровски, досегашен национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО, му утврди престанок на функцијата поради изборот за Претседател на Република Северна Македонија, согласно член 83 од Уставот, според кој должноста Претседател на Републиката е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија.

На седницата Владата е усвоена информацијата дека до целосно полноправно членство на нашата земја во НАТО, обврските на Националниот координатор за подготовките на Република Северна Македонија за членство во НАТО ги презема Дане Талески, советник за надворешна политика на Претседателот на Владата на РСМ, Зоран Заев.

11

ТАГОВИ: владина седница

Back To Top