skip to Main Content

Заев ќе сведочи во Кривичен

    8
Заев ќе сведочи во Кривичен

Продолжува судскиот процес за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година, денес ќе бидат сослушани четворица сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски,  Вејсел Мемеди и поранешниот пратеник Никола Тодоров.

Петре Шилегов и Мухамед Зеќири беа сослушани на вчерашното рочиште. Шилегов, во сведочењето пред судот, рече дека ходниците во Собранието се како Пентагон и дека некој мора да им кажал на напаѓачите како да стасаат до прес-центарот.

Пратеникот Зекири, во изјавата пред судот, посочи дека на обвинителната клупа меѓу обвинетите го видел лицето кое држело пиштол во прес-салата, а тоа е Игор Југ.

Досега во Кривичен сведочеа Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.

Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се теретат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие пред судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

8

ТАГОВИ: собрание судења

Back To Top