skip to Main Content

Заев: Решението на изборниот модел дали ќе остане ист, дали ќе се менува е работа на Парламентот

    3
Заев: Решението на изборниот модел дали ќе остане ист, дали ќе се менува е работа на Парламентот

Тврдам  дека има време за промена на изборниот модел, одговори Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев, на пратеничко прашање во врска со измената на изборниот модел, и информираше дека во Министерството за правда постои Работна група која ги разгледува препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но од таму не се очекува решение за изборниот модел, туку се очекува политичка волја од политичките партии.

-Според мене решението на изборниот модел дали ќе остане ист, дали ќе се менува е работа на Парламентот. И убаво е да се постигне консензус по вакви прашања. Но, за мене е неприфатливо да не се дојде на состанок на помалите политички партии или парламентарни групи на повик да се разговара за едно вакво важно прашање- рече премиерот Заев додавајќи дека тој присуствувал на овој состанок и јасно ги кажал своите ставови дека СДСМ и коалицијата со која настапи на изборите застанаа зад една изборна програма, во која што стои ветувањето една изборна единица.

Апелирајќи кон ваквите иницијативи и модели да се приклучат и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, премиерот Заев оцени дека нивно право е како ќе одлучат.

-Парламентот треба да го процесуира предлогот. Претседателот Талат Џафери не е тука и не сакам да зборувам во однос на тоа дали има време, јас тврдам  дека има време за промена на изборниот модел-посочи премиерот Заев, истакнувајќи дека најважно е што со ова решение ќе добие демократијата бидејќи се отстранува можноста за евентуално идно поставување на автократи во државата.

Премиерот Заев додаде дека ова решение штеди и парични средства, буџетски и партиски, кои се даваат во кампањата и кои се поголеми кога се работи за повеќе изборни единици.

-На крајот, ние сме мултиетничка земја, и ова решение дава можност за посериозна застапеност на помалубројните заедници- им порача премиерот Заев на пратениците повикувајќи ги да се изјаснат по ова прашање кога ќе биде отворена дебатата во Парламентот.

Тој ја истакна и важноста на прашањето за концептот 50:50, односно еднаква застапеност на жените и мажите на листите за избор на пратеници и пратенички, за кое исто така апелираше пратениците да го прифатат како вредност.

3

ТАГОВИ: Заев премиер собрание

Back To Top