skip to Main Content

Заев: Правосудството мора да се прочисти од нечесните судии и обвинители

    2
Заев: Правосудството мора да се прочисти од нечесните судии и обвинители

Изминативе две и пол години се покажа дека судството остана последната тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции, со овие зборови премиерот на владата, Зоран Заев вчера го започна своето обраќање до граѓаните на нашата држава.

-Овие последни упоришта на „заробената правда“ продолжија да ги контролираат судските процеси во кои беа осомничени токму протагонистите на режимот. Злоупотребувајќи ја одвоеноста на судската од извршната власт, овие таканаречени Сваровски судски центри на моќ застанаа на патот на правдата- рече Заев.

Ова мора да престане веднаш, потенцираше премиерот Заев, правосудството мораме да го прочистиме од нечесните судии и обвинители, за да можат чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните.

-Антикорупциската комисија, токму сега врши проверка на парите и имотот на сите членови на Владата, започнувајќи од мене. И тоа е сосема во ред. Затоа, ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите, веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш. Извршната власт ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за проверка на потеклото на имотите и парите, на обвинителите, судиите, и нивните семејства- вели Заев во обраќањето до граѓаните на Македонија.

Антикорупциската комисија треба да ги утврди и конфликтите на интереси, вели Заев, секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе.

-Ги повикувам Судскиот совет и Советот на обвинители да ја оценат одговорноста на судиите и обвинителите за застарувањето на предметите и целосно да ја проверат професионалноста и ажурноста на работата на судиите. Мораме да обезбедиме правосудство кое одлучува, а не правосудство кое застарува предмети! Мораме да го прочистиме судството од непрофесионалните, неажурните и корумпираните!-вели Заев во обраќањето.

Истовремено, премиерот најави, дека преку институциите ќе започне контрола на сите лекарски потврди за домашен притвор, или за привремено пуштање од затвор, по кои се случило бегство.

-Владата ја повикува и Европската Комисија, веднаш да го стартува инструментот за мониторинг на судски случаи од висок профил. Согласно законските одредби за јавност, Владата предлага сите снимки од судења на случаите кои ќе бидат набљудувани од Европската Комисија, да бидат достапни во аудио верзија. Време е судството да се соочи со јавноста- рече Заев.

Ова прочистување ќе овозможи правда да може да носат само праведни судии, а не кочничари на правдата, вели Заев.

-Пред граѓаните ветивме правда! Му дадовме шанса на судството, а од таму досега немаше резултати- истакна премиерот.

Затоа, судството ќе мора да се соочи со граѓаните, вели премиерот, да се прочисти од нечесните и да се промени!

2

ТАГОВИ: Заев обраќање правосудство

Back To Top