skip to Main Content

Задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус КОВИД-19

    4
Задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус КОВИД-19

Владата донесе Уредба со законска сила за задолжителна самоизолација при тестирање за присуство на коронавирус КОВИД-19.

Според оваа уредба, сите домашни и странски физички лица, симптоматски и асимптоматски, на кои им е извршено тестирање за присуство на коронавирус КОВИД-19 во нивниот организам, се ставаат во задолжителна самоизолација и тоа од моментот на земањето на материјалот за тестирање (брис од уста, брис од грло, брис од нос, крв и слично), сé до добивањето на негативен резултат.

Уредбата утврдува дека доколку земањето на материјал за тестирање е извршено вон домот, односно местото на потенцијална самоизолација на физичкото лице кое се тестира, лицето има обврска без одлагање во најкус можен рок и на најбрз начин, да се упати во самоизолација при што треба да ги намали, односно сведе на минимум попатните контакти со други лица, се до пристигнување на местото на самоизолација.

Со уредбата се определува дека самоизолацијата трае до добивање на негативен резултат од тестирањето.

Самоизолацијата се спроведува во домот на лицето или во стан или куќа каде што истото може целосно да биде изолирано од лицата со кои живее (викенд куќа, стан во кој што не живее и слично).

За времетраење на самоизолацијата, лицето во самоизолација не смее воопшто да излегува, треба да ги сведе на апсолутен минимум контактите со лицата со кои што живее (ако не може целосно да се одвои) и треба да ги почитува препораките на Министерството за здравство во врска со самоизолација.

Самоизолацијата може да премине во домашна изолација врз основа на Решение за здравствен надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно протоколите за намалување на внесот, ширењето и справувањето со коронавирусот КОВИД-19.

4

ТАГОВИ: коронавирус самоизолација уредба

Back To Top