skip to Main Content

Експозето на Зоран Заев за уставните измени (видео)

    4
Експозето на Зоран Заев за уставните измени (видео)

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати на почетокот на седницата за усвојување, донесување и прогласување на уставните амандмани и на Уставниот закон, којашто почна со Утврдување на предлог амандманите 33, 34, 35, 36 на Уставот на Република Македонија.

Премиерот Заев кој се заблагодари на пратениците од сите партии и пратенички групи, од владејачката коалиција, од Беса и од Алијанса на Албанците, на 8-темина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и на пратеникот Панчо Минов, кои, како што рече, дадоа придонес, се вградија во амандманите и во процесот и „го потврдија и верифицираа македонскиот идентитет“, за разлика од други кои тоа не го направија. Премиерот Заев се заблагодари на Алијанса на Албанците и на Беса за нивниот придонес во изградбата едно општество за сите и изрази очекување дека конечните одлуки на БЕСА ќе останат позитивни.

-Граѓаните ќе ви бидат благодарни, порача при тоа премиерот Заев.

Тој посочи на заедничката одговорност да се поведат граѓаните кон безбедна, стабилна, економски силна, заедничка држава.

-Како на избрани членови на овој Парламент, директни претставници на граѓаните, но посебно како на одговорни граѓани и личности, ве повикувам да бидеме дел од оние кои ќе ја однесат нашата земја во заедничка подобра иднина. Да бидеме оние кои пишуваат историја и кои нè извлекуваат од минатото. Да бидеме дел од оние кои ќе бидат запаметени во македонската историја, како народни избраници кои ја докажаа својата храброст и одговорност и ја однесоа македонската држава во европското семејство- истакна Заев.

Другиот избор, рече Заев, е да бидеме запаметени како оние кои ја оставиле татковината во изолација и заборав, оние кои не ја препознале уникатната и единствена шанса за нашата земја.

-Другиот избор е да ги ставиме партиските и личните интереси на некои политички актери над интересите на нашиот народ и на нашите деца и свесно да ја попречиме иднината на нашата земја и да ја затвориме вратата за ЕУ и НАТО, сигурно со децении- говореше Заев.

Премиерот Заев посочи дека пратениците во Парламентот се дел од историски момент, што повикува на обединување, кое што е потребно како никогаш досега.

-Вашата позитивна одлука овде во Собранието ќе нѐ однесе под знамето на нашата држава кога ќе се крене на јарболот пред седиштето на НАТО во Брисел. Да ги кренеме главите, да се издигнеме над нашите делби и поделби за да гледаме како гордо се вее нашето знаме, таму пред НАТО во Брисел- рече Заев.

Премиерот Заев во обраќањето рече дека потпишаниот документ на 17. јуни минатата година, во Преспа, со нашите пријатели и соседи, „за крај на спор кој цели три децении беше трауматично прашање, носеше сериозни последици и го попречуваше напредокот на нашата земја, а потписите на тој договор се почеток на крајот на неизвесноста којашто се закануваше да биде недогледна, ако не се охрабревме и ако не постигневме решение“.

Премиерот Заев додаде дека се работи за достоинствено и прифатливо решение подеднакво за двете страни.

Тој додаде дека никому ништо не сме му подариле, ниту некој ни одзеде нешто кога се договоривме за географска одредница.

Претседателот на Владата, Заев потсети на поддршката од целиот демократски свет, затоа што, според премиерот, овој договор е чекорот што`не извлекува од минатото и ни ги отвора портите на европско-македонската иднина“.

Тој потсети на важноста на одлуката што ќе ја донесат пратениците во Собранието.

-Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите, на којашто граѓаните се горди- порача во обраќањето во Парламентот вчера, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

4

ТАГОВИ: експозе зоран заев

Back To Top