Работничка на која договорот за вработување склучен на определено време ѝ истекол во декември 2019 година, го користела своето право на породилно отсуство до април оваа година. Откако Владата ја донесе уредбата со законска сила, по барање на работничката Фондот за здравствено осигурување усно ја информирал дека таа е опфатена со владината мерка и нејзиното породилно отсуство се продолжува. Од причина што на работничката не и бил исплатен надоместокoт за плата за месеците април и мај, таа повторно се обратила до Фондот за здравствено осигурување од каде овој пат и дале информација дека нејзиното породилно отсуство не е продолжено бидејќи нејзиниот договор за вработување истекол во декември 2019 година.

-Законот за работните односи во членот 170 став 2 предвидува дека работничката на која и престанал договорот за вработување на определено време поради истек на договорот и користи надоместок на плата за време на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, продолжува да го користи правото до истекот на отсуството на товар на органот надлежен за спроведување на задолжителното здравствено осигурување. Оттука, без исклучок, на сите работнички на кои им престанал договорот за вработување на определено време додека го користат породилното отсуство имаат право на продолжување на породилното отсуство и исплата на надоместокот се до истекот на времените мерки- наведуваат од Хелшинскиот комитет за човекови права.

Хелсиншкиот комитет за човекови права е во очекување на официјален одговор од страна на Фондот за здравствено осигурување и исправка на ваквиот начин на толкување на Уредбата со законска сила кое оваа група на работнички ги става во нееднаква положба.